АЛЕРГИИ ОД СОНЦЕ

АЛЕРГИИ ОД СОНЦЕ

Придобивките од сонцето за секој поединец се многу големи. Сончевата светлина овозможува правилен раст и развој на целиот организам, помага и го овозможува формирањето на витаминот Д и на коските. Има особено влијание врз развојот и функционирањето на централниот нервен систем, и дејствува позитивно на општото психофизичко и ментално здрацје.
Во исто време, штетните ефекти на сончевата светлина врз една личност се бројни, а некогаш можат да бидат и фатални. Како да ги користиме бенефитите на сонцето, а да не си наштетите себеси? Како да ја пронајдете вистинската мерка? Ова се дилеми и прашања кои го вознемируваат секој од нас, особено во летниот период.Со илјадници години, човекот, свесно и несвесно, развивал различни начини на прилагодување и одбрана од штетните ефекти на сончевото зрачење, за да го искористи само најдоброто, а притоа да се заштити од можни последици.

Сонцето е пријател на здравјето, но, истовремено, прекумерното изложување на сончевите зраци покренува низ сериозни здравствени проблеми.

Алергии на сонце
Иако многу од нас се радуваат на летото и одењето на плажа, сè поголем е бројот на оние за кои летото станува вистинско мачење. Причина? Зачестените алергии на сонце.
Може ли некој воопшто да биде алергичен на сонце? Секако, иако добро ни се познати алергиите на одреден вид храна или на некои лекови, сонцето на некој начин секогаш неправедно го оставаме настрана кога станува збор за алергиите. Иако не е познат точниот причинител за алергија на сонце, се верува дека  „виновник“ е генетската предиспозиција, односно се претпоставува дека тоа е одговор на сопствениот имунолошки систем. Сепак, постојат и  некои фактори на ризик, како што е користењето на некои лекови, а реакција може де предизвикаат и одредени хемикалии кои се наоѓаат во дезодорансите, парфемите, сапуните и шампоните. Она што загрижува е податокот дека алергиите на сонце се сè почеста појава, а бројот на лица алергични на сонце е во постојан пораст.

Црвенило, чешање, осип, меурчиња или болни нодули на кожата – не само што се непријатни, туку и се болна појава што може да биде причина за сериозни здравствени проблеми. За неколку дена, дури и за неколку минути по првата изложеност на кожата на сонце, овие симптоми може да се појават, но алергијата може да се случи подоцна, поради што многумина не ја препознаваат.

Видови алергии на сонце

Постојат неколку видови алергии на сонце, се појавуваат со изложеност на првите сончеви зраци и сè повеќе луѓе се жалат на тој проблем.

1.   Полиморфна светлосна ерупција е најчест вид алергија на сонце. Се појавува неколку часа по изложеноста на сонце. Ја карактеризира: осип, чешање и црвенило на кожата, со појава на отоци, слично на убод од инсект. Најчесто доаѓа до промена на кожата на долниот дел од вратот, задната страна на рацете и нозете. Оваа алергија исчезнува по 2 до 3 дена, а честата изложеност на сонцето во текот на летото му помага на телото да се прилагоди, така што појавата на овој вид алергија е намалена во текот на една сезона.

2.   Фотоалергиска ерупција е исто така еден од видовите алергии на сонце. Настанува по контактот на сонцето со одредени хемикалии на кожата. Некои лекови, исто така може да предизвикаат симптоми на овој вид алергија… Се карактеризира со црвен осип кој чеша и со мали пликови кои се појавуваат ден или два по изложеноста на сонце.

3. Соларна уртикарија настанува неколку минути по изложеноста на сонце, а може    многу лесно погрешно да се дијагностицира и да се помеша со изгореници од сонце.

 Алергијата може да се појави по неколку минути до неколку дена од изложеноста на сонце.

Козметички препарати и лекови – причина за секундарна алергија на сонце

Некои медицински, козметички препарати и лекови може да бидат причина за алергија, па пред да го обвините сонцето, проверете го составот на лековите и козметиката што ја користите. Ако лековите содржат фототоксични супстанции, не заборавајте да го намалите изложувањето на УВ-зрачењето и да го зголемите факторот на заштита или да се обидете да ги замените со некој друг производ кој не е фоточувствителен.
Некои од почестите фотосензитивни лекови вклучуваат:
– лекови за третман на акни (особено ретиноиди)
– антихистаминици
– нестероидни антиинфламаторни лекови
– некои антибиотици (како тетрациклин и флуорокинолон)
– лекови против габични инфекции
– орални антидијабетици
– диуретици
– средства за смирување (лекови против напнатост, нервоза и анксиозност)
– трициклични антидепресиви

Алергија на сонце кај децата

На топлите, сончеви денови, сите се радуваат, а најмногу децата. Може ли да уживаат во „игрите без граници“ на сонцето? Поради алергиите на сонце, важно е да се посвети посебно внимание на сончањето на децата. Дечињата се многу чувствителни и на изгореници од сонцето бидејќи имаат многу тенка, чувствителна кожа, многу повеќе подложна на штетните ефекти на УВ-зраците.Затоа, одењето на плажа се препорачува во периодот од 9 до 11 часот. Децата на плажа треба да бидат лесно облечени  и да останат во дебела сенка. Исто така, децата не треба да бидат изложени на сонце повеќе од 15 минути. Малите деца под 6 месеци воопшто не треба да бидат изложени на сонце. Преголемото изложување на сонце може да предизвика не само алергија туку и сериозни изгореници кај децата. Алергија на кожата кај децата може да биде предизвикана и од кремите со заштитен УВ-фактор. Затоа, внимателно со нивното користење.Кај децата најчесто се појавуваат  ситни мозолчиња кои се предизвикани од изложеноста на сонце, но исто така и од морската вода и  од прекумерното потење.

Заштитете се од сонцето на планина

Престојот на планина со деца бара уште поголема претпазливост, бидејќи со зголемување на висината, УВ-зрачењето расте: околу 1.000 метри се зголемува околу 15%, па така има поголеми шанси за изгореници на планината отколку на плажа.

Не постои универзална заштита

Поради појавата на озонски дупки, се зголемуваат количините на штетни УВ-зраци, заради што и креми со заштитен фактор од 50 или повеќе нема да ни обезбедат безгрижно сончање. Вредноста на овие фактори зборува само за времето кое добро намачкани можеме да го поминеме на сонце без кожата да ни поцрвени, во однос на времето на сончање без заштита, а обично е од 10 до 20 минути.

Како и секогаш, најдобар лек за алергија на сонце е превенцијата.

Совети за заштита од сонце

– Најважен фактор во спречување на алергиските реакции на сонце, секако, е одговорното изложување на сонце, односно да се избегне сончањето кога УВ-индексот е највисок во период од 10 до 17 часот.
– Ако веќе се сончате, а особено ако сте на пат, треба постепено да се изложувате на сончевите зраци и постепено да ја првикнувате кожата.
– Применувајте заштитни фактори на секои два часа.
– Треба веднаш да престанете со сончање со првите знаци на алергија.

Кога треба да се обратите кај лекар? 
Ако се појави блага алергиска реакција, симптомите се смируваат со користење ладни облоги и конвенционални мерки за заштита од УВ-зрачење. Ако симптомите се поинтензивни, треба да се јавите на лекар.

Исхраната пред и по сончањето може да придонесе за превенција

Во текот на летото, потребно е да консумирате храна која е лесна и помага да се излади телото.

Во исхраната најмалку двапати неделно да консумирате морска риба. Таа изобилува со омега 3 масни киселини кои имаат неверојатна сила и да го стимулираат избалансираното функционирање на одбраната на организмот од надворешни влијанија. Тоа не само што ќе ги спречи или ќе ги олесни непријатните алергиски симптоми, туку и позитивно ќе влијае на целокупното здравје.

Црвено и портокалово овошје и зеленчук

Експертите посочуваат дека само четири домати дневно (или две чаши сок од овој зеленчук) можат да ја спречат алергиската реакција. Ако веќе се случила алергија на сонце, тоа во голема мера ќе ги ослободи непријатните иритации и чешањето. За таквите својства е заслужен пигментот ликопен, кој исто така го има во лубеницата и во црвениот грејпфрут. Бидете сигурни дека ако вклучите во вашата исхрана зеленчук како зелка, кељ, карфиол и брокула – со сигурност ќе ги спречите или ќе ги ублажите  тешкотиите предизвикани од алергија на сонце.
Што е најважно, вие и вашите дечиња треба да пиете многу течности за да ja избегнете дехидрацијата.
Наместо газирани пијалаци, охрабрете ги вашите деца да пијат вода. Исто така, можете да направите освежителна лимонада. Свежото овошје и свежите овошни сокови се одлични за жешките летни денови, а, секако, и децата многу ги сакаат. Поттикнете ги децата да јадат повеќе овошје. Ако детето одбие да јаде овошје, направете атрактивна чинија со сечење различни форми ладна лубеница, диња, јаболка или портокал. Избегнувајте пржена и зачинета храна, бидејќи таквите оброци дополнително ќе го загреат телото.