АЛЕРГИИ – Започна сезоната на кивавица

АЛЕРГИИ – Започна сезоната на кивавица

Луѓето наоружени со шамичиња во пролет имаат само една мака – алергија од полен! Ново е тоа што под радарот се провлекуваат низа симптоми, објаснети подолу, кои го загрозуваат и онака загрозеното секојдневие. Црвени очи, растечен нос, кивање, кашлање? Нажалост, за многумина доаѓањето на пролетта не е проследено со расцрцорени птици, туку со шмркање и кивавица. Да, обвинете ги алергиите кои од година во година земаат сѐ поголем замав, дури и меѓу децата. Интересно е тоа што се проширува и листата на симптоми предизвикани од разлетаните поленови честички. Многу од манифестациите што ги доживуваат луѓето се поврзани со алергија иако до сега не сме биле свесни за тоа.  Ако земеме предвид дека сезоната на полен станува сѐ подолга и поинтензивна, благодарение на порастот на температурите (читај: климатски промени), вашето страдање ќе биде покомплицирано и подолго од кога и да било претходно. Едно е сигурно – невозможно е да ја спречиме неизбежната поленова експлозија, затоа, ајде да видиме како да делуваме превентивно за да можеме да уживаме во пролетта како што доликува.

УМОР

При вдишување на поленот, телото лачи материи кои предизвикуваат воспаление што само по себе е доволно за да ве исцрпи. Но, овие воспалителни медијатори ја зголемуваат и продукцијата на слуз, што предизвикува затнување, а со тоа го отежнува дишењето. Вака, полека но сигурно ќе дојдете до немирни и непреспиени ноќи поминати во чистење нос кои ќе ве преморат. 

Превенирајте: Користете ОТЦ спреј за нос на база на кортикостероид за да влијаете и на воспалението. Ако, сепак, се одлучите за антихистамин, одберете непоспана формула, бидејќи голема е веројатноста да се чувствувате замелушени цел ден иако лекот го користевте ноќта. Можеби вашата општа состојба е добра, но мозокот, сепак, нема да работи со полн капацитет.

ЧЕШАЊЕ ВО УШИТЕ, УСТАТА ИЛИ ГРЛОТО

Дали чувствувате пецкање или скокоткање во грлото откако ќе помирисате одредени овошја или зеленчук? Ако страдате од поленска треска, голема е веројатноста да се соочувате со орален алергиски синдром. Суштината: имуниот систем не може да направи разлика помеѓу поленовите протеини присутни во растенијата надвор и слични на нив присутни во составот на намирниците што ги набавувате. Кога ја внесувате храната, носните патишта и оние во грлото се возбудуваат, при што доаѓа до манифестација на типичните, пролетни, алергиски симптоми како кивавица. 

Превенирајте: Водете сметка кога започнува чешањето за да идентификувате која намирница има најголеми шанси да поттикне реакција, а потоа одбегнувајте ја, ако ништо друго, барем во сурова форма. Можеби нема да треба целосно да се откажете од неа, бидејќи со готвењето се уништуваат алергените протеини. Некогаш е доволно само да ја отстраните лушпата, бидејќи тука концентрацијата на иритантните протеини е највисока. 

ПОТЕЧЕНИ ПОДОЧНИЦИ

Кога очите ќе примат голема доза полен, телото ќе почне да лачи хистамин, хемикалија која го поттикнува протокот на крв во таа регија. Благодарение на дополнителните течности, доаѓа до потекување на подочниците и на носните патишта. Отокот и затнувањето ја опструираат циркулацијата, па крвта се собира околу очите.

Превенирајте: Нанесете ладни облоги – стар, но ефикасен лек. Потопете пешкир во ладна вода и нанесете го врз затворени очи околу дваесетина минути за да ги стесните крвните садови. Но, изведувајте го ова стоејќи, не лежејќи, бидејќи гравитацијата ќе ви помогне да ја дренирате крвта насобрана околу очите. За да ја третирате алергијата, набавете антихистамински капки за очи кои ги блокираат хистаминските рецептори во очите, а ќе забележите и намалување на отоците. Почнете да ги користите една до две недели пред да настапи очекуваната алергија и продолжете до крајот на сезоната. 

30% од македонското население се соочува со алергија предизвикана од полен, и бројот од година во година расте.

ЧУВСТВИТЕЛНИ ЗАБИ

Затнувањето на максиларните синуси, сместени во внатрешноста на секоја од јаболчните коски, прави притисок на нервите на забите на горната вилица.

Превенирајте: Антивоспалителен стероиден спреј за нос би требало да ја намали болката во забите, на тој начин што ќе го олабави притисокот предизвикан од затнатите синуси. Но, ова важи само во случај кога чувствителноста на забите е навистина предизвикана од затнувањето. Воспалените носни шуплини се одлична почва за развој на бактерии, затоа ризикот од синусни инфекции е висок. Всушност, необјаснивата забоболка е знак дека алергијата прогресирала и дека е неопходен антибиотик. Појдете на лекар!

БОЛКА ВО СТОМАК

Сосем нормално е човекот да голта една четвртина слуз дневно. Кога слузта се наталожува во задниот дел од грлото, а носот, грлото и синусите константно ја продуцираат, тогаш и стомакот ќе се соочи со побогата порција (знаеме, грозно е). Стомакот е особено чувствителен во вечерните часови, бидејќи ноќното дишење ја згуснува слузта, па дигестивниот систем има тешкотии да ја преработи. 

Превенирајте: Солената вода е решение, бидејќи ги чисти носните патишта и ја разводнува слузта, па таа е помалку густа и полесно се чисти. Користете дестилирана, филтрирана или превриена вода (никако од чешма) за да го исчистите делот од спрејот што влегува во нос, пред секое користење. 

Од 11:00 до 18:00 часот, концентрацијата на поленови честички е најголема, затворете се дома и затворете ги прозорците. 

Во кревет со непријателот?

Поленот се лепи за косата преку ден, а паѓа на перницата и на лицето навечер. За да си обезбедите мирна ноќ, или сменете ја навлаката или измијте ја косата. Чистете го домот почесто и обувките чувајте ги пред врата. 

 

ДИЛЕМА: Алергиска или обична настинка?

Обичната настинка трае околу една недела, проследена е со температура и кашлица и најчесто е присутна во зимските месеци. Алергиската настинка се појавува во пролет и трае со недели, па и месеци, и ретко кога е проследена со температура. Кај неа, кулминацијата се случува во определен дел од денот, секој ден. 

Не е виновна само природата!

Дабот, јасенот, брестот, леската, евлата, брезата, врбата, тревата… По најново, на списокот поттикнувачи додадете го и аерозагадувањето! Поточно киселите радикали, бензоатите, сулфатите или со еден збор – издувните гасови коишто ја оштетуваат респираторната слузница олеснувајќи им го влезот на алергените.