Промена за која мажите молчат
Кога жените се соочуваат со пад на хормоните, на сите им е дадено до знаење дека влегуваат во менопауза. Но, истото не важи за мажите! Машката менопауза или позната како андропауза е состојба која сосема тивко ги одминува мажите.
Мажите се таинствени кога станува збор за теми кои помалку или повеќе се поврзани со нивната сексуалност. Од друга страна, за разлика од женската, машката менопауза прогресира многу бавно, со години, а симптомите се суптилни или воопшто не се јавуваат.
Зошто се јавува машката менопауза?
Хормоналните промени се дел од стареењето, а терминот „машка менопауза“ се користи за да се опише намалувањето на тестостеронот кај мажите.
Хормонот тестостерон се произведува во тестисите на мажите. Освен што е одговорен за секусалниот нагон, тестостеронот е оној кој ги поттикнува промените кај мажот во текот на пубертетот, ги поттикнува физичката и менталната енергија, ја одржува мускулната маса и регулира низа други еволутивни карактеристики.
Нивото на тестостерон кај мажите опаѓа во просек за околу 1 % годишно и обично стартува по
30-тата година од животот.
Но, повеќето постари мажи сѐ уште имаат ниво на тестостерон во рамки на нормалниот опсег. Само 10 до 25 % од мажите се смета дека имаат сериозно ниско ниво.
Симптоми на машка менопауза
Машката менопауза поттикнува физички, сексуални и психолошки промени кај мажите. Како мажот старее, така симптомите се влошуваат, па мажите се соочуваат со:
-
Пад на енергијата
-
Депресија и тага
-
Намалена мотивација
-
Намалена самодоверба
- Тешкотии со концентрацијата
-
Несоница или потешкотии со спиењето
-
Зголемени телесни масти
-
Намалување на мускулната маса и чувство на физичка слабост
-
Изразување на градите
-
Намалена минерална густина на коските
-
Еректилна дисфункција
-
Намалено либидо
-
Неплодност
Дел од мажите се соочуваат со чувствителни и отечени гради, намалена големина на тестисите, губење на влакната на телото и топли бранови.
Дијагностицирање и третман на машката менопауза
Нивото на тестостерон може да се провери преку испитување на крвта, но тоа не е пракса колку што е исклучок.
Ако машката менопауза не предизвикува сериозни потешкотии, поголемиот број мажи успеваат да се справат со симптомите без третман.
Она што најмногу го загрозува успешното менаџирање на оваа состојба е молчеливоста на мажите за промените со кои се соочуваат. Мажите или се премногу исплашени или срамежливи да разговараат за сексуалноста, дури и со нивните лекари.
Практиката покажала дека обичниот разговор за темата и прибегнувањето кон поздрави животни навики (здрава исхрана, редовна физичка активност, доволно часови сон, антистрес хоби) можат драматично да ја подобрат целата состојба. За некои посериозни случаи, лекарите препишуваат и антидепресиви сѐ со цел да му се олесни на мажот полесно да премине во новото поглавје од својот живот.
Постои и опцијата да се примаат заменски хормони, но науката сѐ уште посочува на низа контроверзности околу земањето вештачки тестостерон.
Како стероидите за подобрување на физичкиот перформанс, така и синтетичкиот тестостерон може да има штетни несакани ефекти. На пример, забележано е дека овој тестостерон поттикнува раст на канцерогените клетки кај мажите кои боледуваат од рак на простата. Во секој случај, хормонската терапија се зема по препорака на лекар, по претходна анализа на позитивните и негативните страни.
Колку повеќе мажот го доживее падот на тестостеронот како нормална појава за која не се срами да разговара, толку тој полесно ќе се справи со промените. Од голема помош е поддршката и толеранцијата од партнерката и пријателите.