АНЕМИЈА и промените во устата

АНЕМИЈА и промените во устата
Анемија е состојба во која е намален бројот на црвените крвни клетки (еритроцити) во крвта или состојба во која еритроцитите содржат намалено количество хемоглобин. Хемоглобинот, пак, е протеин кој во својата структура содржи железо, кое е потребно за транспорт на кислород преку крвта до сите ткива и органи во организмот. Значи, во состојба на анемија, загрозена е оксигенацијата на ткивата, односно, тие се помалку снабдени со кислород. Овие случувања водат до манифестации на анемија во целиот организам, па така и во усната шуплина.
Кои промени во усната шуплина се забележуваат кај пациентите со анемија?
Најчеста промена која се забележува во устата на пациентите кои имаат анемија е глоситисот, што значи воспаление на јазикот. Јазикот отекува, ја менува бојата, односно, станува значително црвен. Поради атрофија на папилите на јазикот, тој станува мазен или ја губи својата рапава структура. Покрај глоситисот, кај овие пациенти среќаваме улкуси (ранички) и афти во устата кои често се повторуваат, како и влошување на парадонталниот статус и воспаленија на непцата.
Какви симптоми има воспалението на јазикот?
Прв симптом, кој пациентите со глоситис го наведуваат, е болка и печење на јазикот.  Бидејќи јазикот е отечен, се појавува проблем при џвакање на храната и при голтање, како и при зборување. Сепак, при поставување на дијагнозата, докторот треба да биде внимателен на целокупната анамнеза. Секако, постојат и други причинители на слични симптоми. Затоа, за да помислиме на анемија, најпрво треба да ги исклучиме сите други фактори како, на пример, иритација од храна (лута, солена и зачинета храна), изгореници, иритации од алкохол или од цигари, алергиски реакции на медикаменти или на храна, повреди од лоши и неадекватни протетички помагала, бактериски и вирусни инфекции, Сјогренов синдром кој е проследен со сува уста, авитаминози итн.
Доколку симптомите на глоситисот опстојуваат повеќе од десет дена, потребно е да посетите стоматолог и да направите лабораториски испитувања за вашата крвна слика.
Каква е терапијата кај воспалението на јазикот предизвикано од анемија?
Терапијата на глоситисот предизвикан од анемија во акутна фаза е пред сѐ симптоматична. Тоа значи дека треба да ги олесниме симптомите на отечен и болен јазик, а тоа ќе го постигнеме пред сѐ со добра усна хигиена. Потребно е да избегнуваме секаква дополнителна иритација на јазикот со алкохол, цигари и со премногу зачинета и лута храна. Доколку е присутна и дополнителна инфекција, терапијата е медикаментозна. Сепак, главната терапија е во лекувањето на анемијата со приспособена и балансирана исхрана, богата со железо, како и со соодветни препарати што содржат железо како додатоци на исхраната. Кога е отстранет причинителот на воспалението, јазикот се враќа во нормална состојба.
Каква е поврзаноста на анемијата и парадонтопатијата?
Парадонтопатијата е хронична болест при која, поради воспаление на непцата, доаѓа до уништување на епителниот слој на непцето припоен со забот и на коската од вилицата во која се всадени забите. Така настануваат коскени џебови во кои воспалението постојано опстојува и се продлабочува, што болеста ја прави хронична. Како и секоја друга хронична болест, така и парадонтопатијата ја влошува состојбата на анемија. Имено, во воспалителните процеси настануваат цитокини (медијатори и продукти на воспалението) кои влијаат врз намалување на еритропоезата (процес на настанување на црвените крвни клетки – еритроцити) и со тоа врз намалување на бројот на еритроцитите во крвта. Од друга страна, пак, анемијата е проследена со намалено снабдување на ткивата со кислород, што ги прави помалку отпорни и помалку способни да се регенерираат или да се обновуваат. Кај пациентите со анемија забележуваме влошување на парадонталната болест и воспаление на непцата.

Затоа, потребно е надзирање на парадонтопатијата, редовни контроли и парадонтални третмани кај стоматолог. Пациентите треба да се едуцирани за тоа како самите правилно да ја одржуваат усната хигиена на високо ниво. Со воспоставување на здравје во усната шуплина, придонесуваме кон подобрување на состојбата на анемија. Секако, за целокупно здравје потребна е и балансирана и редовна исхрана.


Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.