Прилично ни доаѓа тешко кога сме во позиција да дадеме вовед и преку пишан збор да ги опишеме квалитетите и барем главните карактеристики на нашите соговорници, особено во ваква ситуација кога сме лице влице со Елена Ристеска.
Сметаме дека воведот години наназад е пишуван на јавната сцена, па еве, ќе се обидеме во овој наш разговор да отвориме можеби и малку поинакви теми.
Ваш Аптекар:
Актер и уметник во душа, по вокација филолог и менаџер по бизнис администрација. Дали Елена би можела да се стави во улога на аптекар и како воопшто ги доживувате лицата во бел мантил кои се зад пултот?
Елена Ристеска:
Кога би завршила медицина односно фармација веројатно би била и добар аптекар, но отсекогаш ме влечеле уметностите. Да бидам искрена понекогаш повеќе доверба имам во фармацевтите отколку во одредени лекари. Навистина знаат сѐ поврзано со лековите но и со болестите, па затоа често се консултирам за одредени здравствени проблеми со аптекар.
Ваш Аптекар:
Дали при лесни здравствени нарушувања како настинки, вирози и сл. ,терапијата е препорака од Вашиот фармацевт или првото место за консултации е лекарската ординација?
Елена Ристеска:
За веќе познати симптоми и не толку големи здравствени проблеми, целото мое семејство се потпира на советите од аптекарите. Но затоа доколку се работи за некој покомплексен здравствен проблем, тогаш директно се упатувам на лекар. Кога сме кај лекарите, постојат неколку лекари кои за нашето семејство се вредни како дијамант и кои можам да кажам дека гордо стојат зад професијата лекар и ја оправдуваат и бранат, за разлика од некои индивидуи поради кои луѓето изгубија верба во оваа хумана професија. Особено ја ценам директорката на Детска клиника доктор Аспазија Софијанова, и доктор Виолета Христов на која ѝ се јавувам буквално за секој проблем во семејството. Покрај нив две, во семејството имаме медицински лица со кои секогаш се консултираме за што и да е потребно, доктор Дејан Ристески специјалист кардиолог на Државната клиника и Цоци Кајсторовска, моја прва братучетка која навистина е секогаш тука за што и да треба во поширокото семејство. Секако да не ја заборавам и доктор Роса Костовска која покрај стоматологијата има познавање од сите други гранки во медицината.
Ваш Аптекар:
Во време кога стресот и хроничниот замор стануваат „ноќна мора“ дури и за помладите генерации, Вие несомнено оставате впечаток дека „страдате“ од вишок енергија, ведар дух и самодоверба. Дали има магичен рецепт, дали е тоа дарба, или искуство кое Ве научило како да се остане во средината на нештата?
Елена Ристеска:
Ви благодарам на комплиментите :). Позитивната енергија е дел од моите главни карактеристики. Иако понекогаш е многу тешко да се остане нормален и насмеан покрај сите животни искушенија и проблеми, сепак освен најблиските, никој на лицето не може да ми ги забележи маката или проблемите. Никој не е должен постојано да му пренесувате негативна енергија, напротив луѓето сакаат ведри луѓе затоа што позитивноста е „заразна“.
Ваш Аптекар:
Колку храната е фактор кој Ве оптеретува? Сведоци сме на наплив на разни програми, диети, режими. Дали сте следбеник на некои од овие трендови, кој е Вашиот избор кога е во прашање храната?
Елена Ристеска:
Ако со нешто имам проблем тоа е да ја најдам правилната исхрана за мене, бидејќи е тешко да се храните здраво и да бидете сити, а најчесто највкусната храна е нездрава за нашиот организам. Немам проблем со физичката активност и вежбањето затоа што одам на фитнес во најдобриот фитнес клуб „Проџект Фит“ и тренирам со мојот личен тренер Сандра Ноневска. Секако, кога имам време одам на Водно и на тенис во Тениска академија Аеродром.
Ваш Аптекар:
Многу актуелни се и термините здрава храна и здрави форми на живеење. Што според Вас практично значат?
Елена Ристеска:
Не знам искрено колку е здрава и онаа храна што е генерално прогласена за здрава храна, но дефинитвно со сурова храна, овошје, зеленчук и домашни чорби се слабее најмногу. Ова го зборувам од лично искуство. Јас искрено мислам дека не е само важно да внесувате здрава храна во себе туку е важно и да јадете умерено и редовно. Не смее човек да гладува. Нека бидат почести оброците. Важно е само да се јаде количински умерено и состојките да се здрави. Секако, важни се и комбинациите на состојките, да не мешате состојки како леб и компир, потоа комбинации како месо, леб, салата и компири. Како и да е, не може една иста диета да биде ефективна за секого. Исхраната е индивидуална работа и секој има различен организам и навики.
Најдете ги состојките што не му пречат на вашиот организам и што ви одговарат на навиките.
Ваш Аптекар:
Живееме во таканаречено дигитално време. Време во кое како да се губат дури и основните – семејните вредности. Колку е важно и каква треба да е улогата на семејството за да се обезбеди своевиден баланс помеѓу виртуелната и онаа вистинската реалност?
Елена Ристеска:
Неколку пати досега видов рекламни видеа на фејсбук за најголемиот проблем на денешницата и останав изненадена од она што ја претставува вистинската реалност, а тоа е дека сите сме огромни зависници од телефоните и од социјалните мрежи. Основните системи на вредности се губат насекаде во светот, но сепак она што е општоприфатен систем на вредности и норми во денешното општество во кое спаѓаат и семејните вредности сѐ уште е нешто што глобално се цени. Сите се воодушевуваме кога ќе видиме млад успешен човек кој нема пороци, па уште е воспитан и љубезен. Сѐ уште се на цена таквите луѓе, и тоа не треба да го изгубиме како систем никогаш, бидејќи ако сега владее хаос тогаш, во тој случај хаосот ќе нѐ уништи целосно. Секој може да одбере како ќе живее, но како другите во околината ќе ги прифатат екстремните и девијантни начини на живот, тоа е друга работа.
На крајот на животот она што ни е најважно и она за што сакаме да останеме да живееме, се знае, се децата и внуците, а тоа е единственото богатство во животот и не е ниту апстрактно ниту материјално.
Ваш Аптекар:
Дали можеме на читателите на Ваш Аптекар да им откриеме што во моментот работи Елена, со што е окупирана и што да очекуваме кога е во прашање музиката?
Елена Ристеска:
Моментално работам на нови песни за балканскиот пазар, но и на соработки со балкански изведувачи. Пред неколку недели бев на мини-турнеја за промоција на дуетот со Хари во Сараево и во Белград, каде гостував во 7-8 емисии и бев единствената гостинка на концертот на Хари Мата Хари во Сава центар во Белград. Договорив и свој балкански ПР која работеше на големото шоу Х-фактор. Со неа ќе работиме на уште помасовна промоција на моите следни проекти. Во малку подалечна иднина, следи и голем концерт во Скопје и секако, да ги спакувам сите следни песни во еден убав балкански албум.
Ваш Аптекар:
Секојдневијата Ви се прилично динамични. Колку во оваа трка со времето има простор кој е посветен само на Вас? Што е тоа што Ве релаксира и што Ви ги полни батериите?
Елена Ристеска:
Покрај витамините и суплементите за подобрување на имунитетот, кои во ова секојдневно лудило и нервози, најчесто ги купувам како превентива, батериите ги полнами со мојата внука Делфина преку гушкање и играње со нејзините играчки. Секако ги полнам и со спорт, а кога немам време за спорт, често се смирувам со пешачење или со цртање. Пред да заспијам, имам ритуал, скоро секоја вечер читам една од моите психолошки книги кои ми се пасија и кои ги имам повеќе и од шминки, што нели не е својствено за жените. 🙂
Ваш Аптекар:
Колку Елена Ристеска го сака спортот и практикува некоја форма на спортување? На што се должи оваа прекрасна линија?
Елена Ристеска:
Веќе во претходните одговори објаснив дека спортот е нешто што е дел од мене. Единствено не го практикував во одреден период во мојот живот, па така го уништив и мунитетот и се здебелив 10 кг. Спортот не само што релаксира, туку и лекува.
Ваш Аптекар:
Екипата на Ваш Аптекар активно ќе учествува на Скопски маратон. Дали можеби се гледаме таму?
Елена Ристеска:
Многу би сакала да бев дел од маратонот но нема да учествувам овојпат, следниот пат нема да го пропуштам. 🙂