Аптекарски разговор со Д-р Александар Митов

Аптекарски разговор со Д-р Александар Митов

Д-р Александар Митов e магистер по јавно здравје и влијанија на животната средина врз здравјето. Повеќе од компетентен за да одговориме на неколку дилеми и прашања. 


Ваш Аптекар:„Лекуваме причини, а не последици“ е Вашето мото. Можеме ли на нашите читатели накратко да им ја објасниме суштината на оваа изјава?

Д-р Александар Митов: Пресудно во медицината е да се делува во коренот на проблемите. Тогаш имаме најдобри резултати. Оттука, целокупната медицинска терапија можеме да ја поделиме на два дела: каузална, или онаа која делува на причините, и симптоматска, или онаа која делува само на последиците на болестите, а не и на нивните причинители.

Едноставен пример: кога имате бактериска инфекција, вие можете да земете антибиотици за директно да се борите против бактериите кои се причинители, или да земате терапија за намалување на покачената температура, која е последица од присуството на бактериите. Но, попаметно ви е да ги уништите бактериите.

Да го преведеме овој пример кај други состојби, на пример кај покачен крвен притисок или холестерол. Вие можете да земате терапија за да ги намалите и притисокот и холестеролот, но ако сакате да делувате каузално, морате да ги отстраните причините кои доведуваат до покачен крвен притисок или холестерол. А тоа најчесто е нездравиот животен стил.

„Пиј си апчиња и јади што сакаш“ е рецепт за уништување на здравјето кое очигледно веќе почнало да се нарушува. Тоа е исто како во бањата да имате поплава, сите чешми се пуштени на најјако, вода надоаѓа од сите страни, а вие се обидувате со џогер да ја соберете водата. Нели е попаметно прво да ги затвориме чешмите, а потоа да ја собираме водата?

Затоа во модерната медицина се создава нова гранка – медицина на животен стил. Според современите препораки за лекување на многу хронични болести, токму промените во животниот стил се прва линија на терапија. На таа прва линија мислам кога велам – да ги лекуваме причините, а не последиците.

Ваш Аптекар: Речиси и да нема контекст во кој не се споменува правилна исхрана, односно здрава и избалансирана храна. Што точно значи ова? Дали постои јасна динстинкција меѓу „здрава“ и „нездрава“ храна и дали воопшто терминологијата е соодветна?

Д-р Александар Митов: За жал, термините здрава храна и здрави производи се употребуваат толку често и толку неправилно, што би рекол дека дури и се злоупотребуваат. Затоа и општо опаѓа довербата кон сèшто се декларира како здраво, бидејќи имаме видено многу спротивни примери. Но, тоа не значи дека не постои и навистина здрав избор на производи и дека на тој начин може да се заштити здравјето.

Јас повеќе би зборувал за конкретни производи кога зборуваме за дистинкција здраво/нездраво. На пример, нема сувомеснат производ кој под кој било контекст може да се нарече здрава храна. Нема газиран сок кој може да се нарече здрава храна. Нема тврд маргарин кој може да се нарече здрав производ. Сепак, важна е големата слика и севкупниот начин на живот и исхрана. Се разбира дека никој нема да се отруе ако ретко консумира некој од наведените производи, но уште поважно е да работиме на себеси и да ја искорениме потребата да консумираме нешто кое може да ни го загрози здравјето.

 

Ваш Аптекар: Колку нашите сограѓани внимаваат на начинот на исхрана?Дали сме „здрава нација“?

Д-р Александар Митов: Не сме, за жал, не сме здрава нација. Тоа го тврдам врз основа на извештаите од Институтот за јавно здравје. Едно просечно семејство, според Заводот за статистика, повеќе пари дава за цигари и алкохол одошто за овошје и зеленчук. Парковите се речиси празни, многу е мал процентот на луѓе кои пешачат, иако тоа е бесплатно. Некако се чини дека не е скапо да се купат цигари, а скапо е да се купуваат ореви. Примери има уште многу од овој вид.

Не ми е целта никого да критикувам, туку сакам да укажам на огромната потреба од здравствена едукација на населението. Кај нас, според мое длабоко убедување, треба да има континуирани кампањи од Институтот за јавно здравје.

Многу животи можат да бидат спасени. Помалку важно, но многу и од здравствените трошоци можат да бидат драстично намалени ако има добра превенција. Патот до здрава нација ни е долг, но мора да го забрзаме чекорењето во тој правец.

Ваш Аптекар:Го одбележуваме месецот на дијабетесот. За жал,статистиките покажуваат нагорни трендови,особено кај детската популација. Кои се вашите препораки?Дали и колку храната може да биде лек за оваа состојба?

Д-р Александар Митов: Дијабетесот бара дисциплина. Состојбата на пациентите може драстично да биде подобрена ако внимаваат на исхраната и ако редовно се физички активни. Само земањето инсулин или метформин не е ниту половина од тоа што пациентот треба да го прави. Имено, тоа е само една од четирите дисциплини. Пациентот со дијабетес треба да има дисциплина во: исхраната, физичката активност, терапијата и редовните тестирања. Дури тогаш можеме да речеме дека правилно се грижи за себе, со сите овие 4 дисциплини.

Кај предијабетот, или во раните фази на дијабетесот, промените во исхраната и физичката активност може да направат „чудо“. Поточно, кај пациентите може да дојде до извонредно подобрување на состојбата и да престанат да земаат терапија. Дали ова тврдење е претерување или не, секој пациент може да проба и да види каков ќе биде ефектот на значајните промени во животниот стил кај него.

Ваш Аптекар:Кои се вашите генерални препораки поврзани со исхраната и навиките во зимските месеци кои се пред нас?

Д-р Александар Митов: Да ги искористат сите придобивки на есента. Не треба да сме многу паметни, само треба да отидеме на пазар и да видиме што ни понудила природата во овој период. Изобилие од овошје и зеленчук. Особено би ги истакнал тиквата и зелката. Колку повеќе консумираме растителна исхрана – толку подобро за нашето здравје. И секако, секојдневна физичка активност.