Скромна, секогаш одмерена и насмеана. Посветена на семејството и кариерата. Препознатлив ТВ лик, чии проекти и емисии несомнено поставија стандарди за начинот на уредување и реализација на програмски содржини од општ и едукативен карактер. Драг соговорник кој голем дел од својата кариера го има посветено токму во истражување и презентирање на информации и корисни совети поврзани со здравјето и здравите животни навики.
Ваш Аптекар: Несомнено е дека можеби нема дом и семејство кои не се дружеле со Вас преку малите екрани. Сепак, да се биде од другата страна на екраните не е ни малку лесна раота. Од каде љубовта кон оваа професија?
Билјана Дебарлиева: Обично велиме дека кога човек одбира некоја професија, истата ја посакувал уште од најмали нозе. Знаеме да ги прашаме децата што сакаат да бидат кога ќе пораснат, а одговорите најчесто се докторка, фризерка, манекенка, водителка, фудбалер, судија… И најчесто, во такви ситуации знаеме да се насмевнеме и да искоментираме дека тоа се само детски соништа и желби. Во некои случаи тоа и се остварува, ама некогаш животот те носи по други патишта. Често се случува децата да ја одберат професијата на своите родители, што беше случај и со мене, сакајќи да продолжам по стапките на мојата мајка која беше судија по професија. Но, сосем случајно, ги одбрав телевизијата и водителството, прво како хоби и нешто што мислев дека ќе биде привремено, зашто никогаш и не сум имала некоја силна желба да работам во медиум, иако секогаш сум им се воодушевувала на луѓето кои се појавуваа на малите екрани. Но, некогаш, случајните работи се подобри отколку оние што силно ги посакуваш. На почетокот немав никакво искуство, ама сакав да учам, прашував, гледав од другите и сето тоа со текот на времето покажа дека сум прераснала во добар водител, телевизиски лик кој со насмевка и убав збор секојдневно ги поздравува гледачите пред малите екрани.
Ваш Аптекар: Вашите емисии Визита, па и Бебе магазин обработуваа теми директно поврзани со здравствените проблематики на нашите сограѓани. Дали можеби професијата здравствен работник е „втората професија“ на Билјана?
Билјана Дебарлиева: Многу научив и од двете емисии, зашто за секоја се подготвувам темелно, читајќи за сите поединости на некое заболување. Визита е посветена на сите возрасти, со посебен акцент буквално на секое заболување, на сите можни болести што можат да го нападнат човечкиот организам, дури и оние ретките, кои секако заслужуваат внимание и простор во емисии од ваков тип. Другата, пак, Бебе Магазин ми беше особено драга, посветена на трудниците и родителите, на најмалите и најмилите, на она што е значаен сегмент од животот на секој родител, да се грижи за здравјето на своите деца и да им обезбеди квалитетен раст и развој. Водејќи ги емисиите, сфатив дека многу страшни работи можат да се случат доколку не внимаваме доволно на себе. „Втора професија“ само теоретски, како совет до сите дека треба да прават превентивни прегледи и да се грижат за своето здравје, зашто животот, само во ретки случаи знае да ни даде втора шанса.
Ваш Аптекар: Дали можеби улогата на Аптекар некогаш била на листата „што сакам да бидам“ и како Вие лично ги доживувате лицата во бел мантил од зад пултот?
Билјана Дебарлиева: Со сета должна почит како и кон секоја друга професија. Довербата во нив е нешто што верувам секој го доживува на ист начин. Како што му верувате на лекарот кога ви препишува терапија, така му верувате и на аптекарот од кого барате совет за некој ваш проблем или да ви помогне при изборот на одреден препарат, или лек што ви е потребен. Лекарот ви препишува рецепт за терапија, но кај аптекарот се враќате и трипати ако треба за да ви каже или да ве потсети како и на кој начин да го земете вашиот лек, што да користите за зајкнување на имунитетот и сл. Ги доживувам како исклучително педантни луѓе во бел мантил од кои секогаш добивам насмевка, добар совет и препорака.
Ваш Аптекар: Во време кога стресот, лошата исхрана и хроничниот замор стануваат придружници дури и за помладите генерации, Вие несомнено оставате впечаток дека сте лице кое не старее, секогаш со доволно енергија, ведар дух и самодоверба. Дали има некаква тајна, дали е тоа дарба, или искуство кое Ве научило како да се остане во средината на нештата?
Билјана Дебарлиева: Го сакам животот, му се радувам, уживам во него, немам време и не дозволувам песимизмот да надвладее, туку само позитивната мисла и насмевката и за мене и за другите околу мене. Но, за жал, во ова денешно динамично време на живеење никој не е имун на стресот, и посебно загрижува фактот што и лекарите постојано укажуваат дека стресот е еден од водечките ризик-фактори за многу заболувања. Секојдневно сме опкружени со ситуации кои можат да ни предизвикаат стрес, да нѐ извадат од колосек, дали дома, на работа, на улица… Но, човек треба да најде начин ништо да не се става при срце, во сѐ да наоѓа средина, да изброи до три, па потоа да изреагира во дадениот момент. На тој начин, помалку или повеќе човек ќе научи и ќе успее да го амортизира стресот. Ми остана во сеќавање една реченица од проф. д-р Јовица Угриновски, со кого во една Визита, зборувајќи за стресот, тој рече дека ако постои место каде што нема стрес, тогаш сите ние ќе одиме да живееме таму. Ама такво место за жал не постои. Затоа самите ние треба да си создадеме услови и да го избегнуваме или да го канализираме стресот колку што можеме.
Ваш Аптекар: Колку храната е фактор кој Ве оптоварува? Сведоци сме на наплив на разни програми, диети, режими. Дали Билјана е следбеник на некои од овие трендови? Кој е Вашиот став кога е во прашање храната?
Билјана Дебарлиева: Храната е многу важен дел од секојдневието на човекот. Научно и медицински е докажано дека неправилната и нездрава исхрана е главна причина за сите хронични заболувања. Секогаш треба да го имаме предвид фактот дека храната може и треба да лекува, но, храната може и сериозно да ги загрози и здравјето и животот! Многу е важно што јадеме, колку јадеме, како ја подготвуваме храната и како ја комбинираме. Не сум следбеник на никакви диети, зашто едноставно не можам да се придржувам кон такви режими за намалување на килограмите, можеби и заради стравот од оној јо-јо ефект кој често пати знае да се врати како бумеранг. Избалансирана исхрана, редовни и правилно комбинирани оброци мислам дека се добар избор за одржување и на здравјето и на килограмите.
Ваш Аптекар: Што според Вас е здрава храна, здрав начин на живеење? Дали е во прашање модерна терминологија или практично применлива дефиниција?
Билјана Дебарлиева: Ќе се надоврзам на она што пред малку го кажав за здравата храна, а оди во прилог на тоа дека може да биде практично применлива дефиниција само ако одлучиме да се храниме здраво, ако сакаме, ако сме упорни и ако смениме нешто во нашиот животен стил и лошите да ги замениме со добри навики. Сето тоа ќе ни даде и повеќе елан, енергија и можност здраво да живееме!
Ваш Аптекар: Каков готвач е Билјана и дали со оглед на семејните и професионални обврски има доволно време за во кујна?
Билјана Дебарлиева: Време нема, ама мора да се најде! Свесни сме дека обврските на жената во домот се многубројни, не е само готвењето, ама доколку сите во семејството учествуваат и секој на свој начин придонесе сето тоа побрзо да се заврши, ќе има повеќе време и за уживање во храната и за разговор и за релаксација. Кога децата ни беа мали, големо олеснување за мене и за мојот сопруг беше кога бабите и дедовците (моите и неговите родители) ни ги чуваа, за ние да можеме да прошетаме или да завршиме некои обврски. Сега, кога децата ни пораснаа, големо олеснување за нас е кога ќе ни се јават и ќе речат: „Имате ручек за денеска!“
Ваш Аптекар: Дали би споделиле некој Ваш омилен рецепт?
Билјана Дебарлиева: Со задоволство Ви го пишувам рецептот за канелони кој дома сите го сакаат и секогаш кога ќе ми побараат да го направам, без двоумење веднаш почнувам да го приготвувам.
Потребни состојки
500 гр канелони
250-300 гр мелено месо
1 л томатело или друг доматен сос
500 гр солена хопла
рендан кашкавал, оригано, сол, црн пипер и вегета
Начин на подготовка
Меленото месо се пржи заедно со зачините и се остава на страна.
Во меѓувреме во огноотпорен, по можност правоаголен сад се става малку масло, колку да се намачка површината. Потоа, се става од доматниот сос, колку да се покрие површината. Во сосот се става и ориганото.
Канелоните не се варат, за да можеме полесно да ги наполниме со месо, со кафена лажичка. Како ги полниме така и ги редиме во садот. Кога ќе ги наредиме, сите повторно ги полеваме со доматниот сос, целосно да бидат покриени, а врз сосот ја ставаме и солената хопла. Се пече во претходно загреана рерна на 250 степени, а по 10-15 минути ја намалуваме температурата.
Одвреме-навреме гледаме дали е готово (отприлика 30-40 минути) и пред самиот крај на целата површина ставаме рендан кашкавал или тенко исечен да се потпече.
Ваш Аптекар: Живееме во време во кое како да се губат дури и основните – семејните вредности. Колку е важно и каква треба да е улогата на семејството во градењето на еден поздрав и похармоничен свет?
Билјана Дебарлиева: Да, за жал, се губат, а некои дури се и целосно изгубени. Ја нема почитта кон повозрасните, дури ни во семејството, во кое како да се сменети улогите, децата се родители, а родителите деца. И за ваквата состојба вината ја бараме не во самите нас, туку во динамичниот начин на живот, трката по успех, слава, финансии. Ама сето тоа е само изговор. Мораме да најдеме време за семејството, зашто само така ќе ги научиме нашите деца на вредностите на животот. Да придонесеме сите поединечно, а не да се помириме со тоа и да се претопиме во средината онаква каква што е!
Ваш Аптекар: Со оглед дека секогаш изгледате беспрекорно, зрачите со убавина и спокој, колку во оваа трка со времето има простор кој е посветен само на Вас? Што е тоа што Ве релаксира и што Ви ги полни батериите?
Билјана Дебарлиева: Ме релаксира сѐ што е убаво и позитивно. Убава книга, филм, прошетка во природа, испиено кафе со драга личност.
Ваш Аптекар: Колку Билјана Дебарлиева наоѓа време за спорт или слични активности за рекреација?
Билјана Дебарлиева: Пешачам и мислам дека тоа е доволно за една умерена физичка активност која, исто така, е важна за одржување на добра кондиција и добро здравје.
Ваш Аптекар: Кој би бил Вашиот совет до нашите читатели? Која е Вашата формула за добро здравје, добро расположение и ведар дух?
Билјана Дебарлиева: Смејте се, бидете позитивни, не лутете се, хранете се здраво, бидете физички активни, дружете се, живејте го животот и уживајте во него без оглед на тоа колку тој некогаш може да биде тежок и немилосрден!
Дајте им живот на годините, а не години на животот!