БИТКА НА ЧУВСТВАТА – Кога тагата сака да го победи животот

БИТКА НА ЧУВСТВАТА – Кога тагата сака да го победи животот

Сите ние сме тажни одвреме-навреме. Тагата е составен дел од нашите животи. Таа може да ни помогне подобро да го сознаеме нашиот внатрешен свет, да ги разбереме другите луѓе, го збогатува нашето искуство и му дава смисла на животот. Сепак, доколку ваквата состојба на тага или на нерасположение континуирано влијае врз мислите, чувствата, однесувањето и благосостојбата на една личност, можеби сме на прагот на едно посериозно здравствено нарушување – депресија.

Дали секоја промена на расположението е знак за депресија?

Нормално е во некои фази од животот да се почувствуваме несреќни и тажни и да нè надвладеат чувства на немоќ, безнадежност, очај и на апатија. Депресивното расположение не секогаш е здравствено нарушување. Тоа, исто така, може да биде нормална реакција на одредени животни настани и состојби или нивен придружен ефект. Сепак, ваквите реакции се очекувани и вообичаено траат краток временски период. Секое циклично повторување на состојбата или нејзино континуирано „владеење“ подолго од две недели може да биде знак за појава на депресивна состојба.

Тажни без причина

Иако понекогаш причините за депресијата се очигледни, таа најчесто настапува неочекувано. Одеднаш, над личноста се надвиснуваат црни облаци на тага, без никаква очигледна причина. Се чувствувате потиштени и исцрпени, иако не сте доживеале состојба или потресен настан кој го предизвикал тоа. Згора на сè, ништо не може да ги растера тие облаци. Се вдомуваат како наше секојдневие. Паѓаме во очај без да ја знаеме вистинската причина.

Настани кои можат да нè извадат од колосек

Сепак, одредени настани во животот може да предизвикаат депресивно расположение. Тука, пред сè,се вклучуваат динамичниот начин на живеење, финансиските тешкотии, проблемите на работното место, медицинската дијагноза, загубата на некој близок, природните катастрофи, социјалната изолација, проблемите во врските, љубомората, разводот и катастрофалните повреди. Трауматизирачките настани кои се случиле во детството може да предизвикаат депресија или да создадат психолошки патишта кои можат да доведат до депресија. Нееднаквиот родителски третман, исто така, е значителен ризик-фактор

Сигнали за тревога!

Секоја личност е посебна индивидуа што значи дека и депресивните симптоми, видот и длабочината се индивидуални, односно варираат од личност до личност. Сепак, постојат некои вообичаени симптоми како:

  • чувство на немоќ и безнадежност;

  • губење интерес за дневни активности, дружење со семејството и пријателите, уживањето и радоста воопшто;

  • намалување дури и губење на сексуалната желба;

  • промени во апетитот, со нагло покачување или губење на тежината;

  • нарушување на сонот во форма на несоница и ранобудност или како друга крајност – прекумерно спиење;

  • иритабилност и нервоза која може да помине во лутина, па дури и во агресивност, губиток на енергија поради што лицата се чувствуваат исцрпени, па дури и мали обврски и активности ги заморуваат;

  • самоомраза, поради што лицата се чувствуваат безвредно, виновно и премногу самокритично за сопствените грешки;

  • несовесно поведение кое може да доведе до злоупотреба на наркотици, алкохол, опасни спортови, брзо возење и сл.;

  • проблеми со концентрацијата;

  • необјасниви болки, најчесто главоболки, болки во вратот и во грбот, мускулите и стомакот.

Од сите наведени, посебно внимание треба да се посвети на длабоката тага и безнадежноста. Депресијата е многу повеќе од жалост и очај, а по само една недела нејзино „владеење“ со вас, целосно ја презема контролата над животот. Потиштеноста е присутна речиси постојано, а сите работи кои обично го кревале расположението, веќе немаат позитивно влијание. Кај човекот кој пати од депресија може да се промени начинот на размислување. Светот се гледа поинаку и тоа најчесто во негативна светлина, влијае врз семејниот и професионалниот живот, така што може да предизвика и социјална изолација.

Причини за појава на депресивни симптоми

Причините за појава на депресија се комплексни. Покрај биохемиските промени во мозокот, таа најчесто настанува поради комбинација од биолошки, психолoшки и социјални фактори, односно повеќе поради изборот на животниот стил, партнерот, личните вештини за решавање и справување со проблемите. Генетските фактори и семејната историја може да бидат предиспонирачки фактор.
Злоупотребата на опојни дроги, стимуланси и на алкохол, исто така, се поврзани со појава на депресивни симптоми.

Бидете господар на својот живот

Не секогаш е сè така црно и безнадежно. Во одредени ситуации, појавата на депресивни симптоми може да биде и одлична шанса за лична трансформација. Секоја криза и паѓање може да ги претвориме во можност за себенаоѓање. Да утврдиме кои сме и да зачекориме по еден нов пат на сопствена независност, сопствена слобода и сопствено „раѓање“.
Наместо да останете заглавени во лавиринтот на безнадежност, преземете го кормилото на вашиот живот и со едноставни промени во животниот стил и животните навики управувајте со бурата од негативно расположение и емоции.

Научете да подзабавите

Некогаш навистина се чувствуваме како да сме во шеста брзина. Мора да научите кога е потребно да забавите и да кажете „не“ на луѓето и на плановите кои ве прават нервозни и депресивни. Ќе се почувствувате посмирено. Обрнувајте внимание само на нештата и на лицата кои ве хранат со позитивна енергија.

Внимавајте на својот дигестивен систем

Доколку сакате да живеете посреќно, морате да внимавате на својот систем за варење. Ако се храните со здрави намирници, вашиот систем за варење ќе работи правилно, па на природен начин ќе ја ублажите нервозата и стресот.
Редуцирајте ги намирниците кои делуваат на вашето расположение, како што се: кафе, црн чај, алкохол, шеќер и производите добиени од бело брашно. Користете природна храна. Не заборавајте повеќе да ја вклучите рибата во исхраната за сметка на црвеното месо. Ангажирајте се во купувањето и во готвењето на храната.
Пијте доволно вода – 8 чаши дневно нека ви станат рутина. Водата пијте ја правовремено, затоа што кога ќе почувствувате жед, веќе сте дехидрирани.

Свртете се кон природата

Употребата на одредени лековити билки несомнено може да помогне во стресни ситуации. Кантарионот е најпознат природен лек против депресивните симптоми. Неговите блескаво жолти цветови и симболично ја претставуваат моќта на сонцето, а неговите антидепресивни ефекти се високо ценети во конвенционалната медицина.
Кантарионот не е „инстант лек“, но покажува одлични долгорочни резултати. Билката им помага на телото и на душата да оздрават и да се изгради цврст темел за комплетно враќање на расположението.
По правило, чајот се пие 3 пати дневно, освен ако не е поинаку назначено во упатствата, а пред да ги забележите првите подобрувања, ќе мора да причекате најмалку недела или две. Обично, еден третман трае од 3 до 6 месеци.

Вратете ја насмевката

Најдобри начини за подобрување на расположението се физичката активност, дружењето и прошетките во природа. Докажано е дека вежбањето е еден од најдобрите антидепресиви. Не само што вежбањето го поправа вашето расположение, туку и ја намалува анксиозноста, ги регулира хормоните на стрес и го зацврстува вашето тело.
Направете напор да се дружите повеќе, да контактирате и да разговарате со пријателите и со роднините.
Настојувајте да поминете повеќе време во природата изложени на сончевите зраци. Правете почести прошетки во околните паркови, планини и езера. Самото присуство во вакви средини е половина здравје.

Практикувајте јога

Научно е докажано дека јогата е добра за телото, за умот и за душата. Таа не само што овозможува добро физичко здравје, туку и помага за одржување на мирен ум и чиста душа.
Јогата се практикува како лек против депресијата, стресот, па и за други здравствени проблеми. Зачленете се во најблискиот центар за јога каде освен придобивките од јогата ќе стекнете и нови познанства. Со практикувањето јога ќе станете посвесни за сопственото битие и чувствата. Ќе умеете да владеете со сопствените емоции и стравови. Ќе ги хармонизирате умот и телото, ќе се стекнете со дисциплина која ќе ви помогне да го согледате светот од една поинаква, повесела страна.

Стручна помош

Сепак, доколку сопствениот ангажман за здрав и позитивен живот, поддршката од семејството и пријателите не покажуваат резултати во борбата против депресијата, тогаш треба да се обратите за стручна помош која може да биде поддржана и со соодветна терапија.