Бојана Скендеровски

Бојана Скендеровски

Некои гласови ги препознаваме по првите неколку ноти, но зад нив стојат приказни што не можат да се раскажат само со музика. Повеќе од две децении на сцената, две победи на „Макфест“ и песни во кои се испреплетуваат љубовта, разочарувањата и надежта се дел од патот на Бојана Скендеровски. Но, со годините, таа научила дека не мора да им верува на сите зборови, ниту да ги исполнува туѓите очекувања.

Денес, покрај музиката, семејството и желбите што сè уште чекаат да ги оствари, отвора и ново поглавје како амбасадор на хуманоста на Детскиот дом „11 Октомври“. Со неа разговараме за слободата да се биде свој, за соништата што немаат рок на траење и за луѓето што ни даваат сила да продолжиме.

Бојана, каде ве затекнуваме во овој момент од животот и кариерата? По повеќе од две децении на сцената, што денес најмногу ве исполнува – создавањето нова музика, средбите со публиката или можноста да имате повеќе време за себе и за луѓето што ги сакате?

Сите нешта заедно; пробувам да балансирам помеѓу тоа што професионално ме исполнува и е мој личен идентитет, но и мојата база што ја сочинуваат луѓето што ги сакам, а тие, пак, се моја огромна мотивација и сила за да создавам… За мене е многу важна личната и семејната хармонија за да бидам способна и среќна да создавам убави нешта.

Публиката ги памети песните, настапите и големите моменти, но не ги знае сите верзии на жената што стоела зад нив. Која ваша поранешна верзија денес ја разбирате многу подобро отколку што сте ја разбирале тогаш?

Ја разбирам својата верзија кога експериментирав и истражував. Искрено, имав и повеќе храброст тогаш да се впуштам во разноразни експерименти во однос на професијата. Не жалам никогаш за ништо, затоа што тоа е дел од моето созревање и пронаоѓање на себеси.

Bojana Skenderovski

Две победи на „Макфест“, во 2003 и во 2015 година, ја одбележаа вашата кариера во различни животни периоди. Кога денес би требало да изберете песна што најточно ја опишува жената во која сте пораснале, дали би била некоја од нив или некоја сосема друга? Зошто?

Мојата песна „Зборови лажни“ најточно зборува за мене. Целата моја кариера слушав и читав разноразни зборови, а кога бев неискусна – им верував.

Сликата што другите ја раскажуваа за мене со „зборови лажни“ знаеше и да ме повреди, затоа што можеби се сомневав во својата вредност.
Денес веќе знам дека, како што е и во песната – „само збор од тебе, како никој ќе ме допре“ – верувам и ме допира само од оние кои јас сум одбрала да им верувам, а тоа се многу малку луѓе што животот ми ги потврдил како вистински.

Со песната „Дома“ се претставивте и како авторка на текстот. Кога пишувате, дали полесно ги изговарате работите што тешко би ги кажале во обичен разговор? Има ли нешто што можете да го испеете а не би знаеле како да го објасните со свои зборови?

„Дома“ е само една моја искрена приказна за земјата што ја носам во моето срце – Македонија…
И, некако, таа љубов што ја носам кон неа полесно ми е да ја искажам пеејќи за неа.
Емоцијата што ја ставате во пишан збор, а притоа е и вокална интерпретација, е многу поедноставна за доловување и пренесување.

Понекогаш најголемата промена не е во она што го правиме, туку во она што повеќе не сме подготвени да го правиме. Што денес веќе не би жртвувале за кариерата, за туѓите очекувања или за потребата да им докажете на другите дека можете сè?

Повеќе не прифаќам наметнувања кога станува збор за моите следни чекори, не ги прифаќам ни сугестиите што ја ограничуваат мојата творечка слобода или, пак, начинот на кој јас ќе музицирам. Сè почесто го кажувам зборот „не“ и реченицата „не, ова не е за мене…“, или не дозволувам тенденциозно да ја намалуваат мојата вредност сакајќи да направат простор за себе.

Денес од јавните личности се очекува постојано присуство – нови песни, објави, фотографии, непосредност и подготвеност за коментари. Понекогаш изгледа како публиката да нема потреба само да ја слуша уметноста, туку и постојано да има пристап до човекот што ја создава. Како ја поставувате границата меѓу Бојана што публиката ја познава и Бојана што сакате да ја зачувате само за себе?

Новото време има свои нови начини и форми, ера на брзи информации, кратки видеа и совршени фотографии. Јас сум присутна, таа алатка е потребна и за мојата музика, но не споделувам сè од мојот живот – точно ја знам границата до каде одам. Сепак, сакам голем дел од мојот приватен живот и моите моменти да си останат само мои.

Почнавте да учите пијано на 40 години, исполнувајќи желба што ја носевте од детството. Понекогаш не се откажуваме од соништата, туку само ги оставаме да чекаат. Што ве научи ова искуство за времето и личните желби, и има ли нешто друго што сè уште чекате да си го дозволите?

Никогаш не е доцна да си ги остварите желбите, можеби сè доаѓа кога треба – јас почнав да учам пијано на 40, некои завршуваат втор факултет на 70 итн. Инаку, си посакувам големи концерти со големи оркестри и надвор од Македонија, а си посакувам и своја антикварница.

Имате две деца и сте зборувале за тоа дека сакате сами да го пронајдат својот пат, без да им ја наметнувате музиката како професија. Колку е тешко за еден родител да направи разлика меѓу желбата да му го олесни патот на детето и потребата да му дозволи само да ги открие своите можности, па и своите грешки?

Како родител, секогаш ќе делувате од позиција на заштитник; по природа сум заштитничка мајка. Но, тие веќе не се мали бебиња – имаат свои другари, ги учат и ги осознаваат релациите. Понекогаш има и неправди, но мора да учат да се борат, иако сигурно не би можела да ги оставам баш сами да се справуваат со сè – сè во своја доба. Јас и мојот сопруг можеме да им пренесеме свои морални норми, ама и општеството и околината ги оформуваат.

Bojana Skenderovski

Мајчинството често ја менува не само секојдневната рутина на жената, туку и нејзиниот однос кон сопствените потреби. Како да се биде посветена мајка, а притоа да не се изгуби од вид жената што постоела и пред децата со своите амбиции, желби и потреба понекогаш да направи нешто само за себе?

За тоа треба магија (се смее)… Се шегувам.
Не само јас, многу жени денес функционираат на неколку страни и се подеднакво успешни. Едноставно, такви се овие времиња – еманципацијата на жените и постојаното напоменување дека сме рамноправни со мажите од нас бара да бидеме добри во сè.
Не е едноставно, но мора да се напомене дека имам и огромна поддршка од мојот сопруг и од моето семејство. Без тоа можеби не би било едноставно, благодарна сум за тоа. Потребна е добра организација, здрав ум и волја, и сè е возможно.

Бојана, неодамна станавте амбасадор на хуманоста на Детскиот дом „11 Октомври“. Вашата јавна препознатливост може да привлече внимание, но вистинската промена веројатно се случува многу подалеку од камерите и насловите – во чувството на едно дете дека некој верува во него и дека има на кого да се потпре. На кој начин планирате конкретно да им помогнете на овие деца – преку образованието, развивањето на нивните таленти или поддршката кога ќе треба да започнат самостоен живот? Дали веќе имате замислено активности или иницијативи што би сакале да ги реализирате со нив?

Имам многу нешта на ум и, верувајте, Универзумот работи за вас ако вистински силно посакате. Еве, ми се оствари и желбата да сум вклучена во модниот свет преку македонскиот бренд „Елена Лука“ – заштитно лице сум на новата колекција, ми дадоа слобода и простор и таму модно да се изразам (модата ми е пасија исто така), а во некоја блиска иднина… не се знае ништо, само здравје! Амбасадор на хуманоста за Домот „11 Октомври“ за мене е чест и одговорност, среќна сум што можам некому нешто да олеснам, барем за момент.

Неодамна раскажавте за вашата наставничка по македонски јазик, која ја поттикнувала вашата љубов кон пишувањето уште во основно училиште. Колку е важно во животот да имаме некој што ќе препознае нешто во нас пред самите да поверуваме дека го поседуваме? Има ли личност на која денес би сакале повторно да ѝ кажете колку влијаела врз вас?

Многу е важно некој да го препознае тоа што го носите и само да ве поттурне за да летате…
Во мојот живот тоа беше мојата учителка во градинка, Маре, која им посочи на моите родители да ме запишат во музичко, па ги поттикнуваше моите први настапи уште во градинка, а потоа мојата наставничка по македонски јазик во основно училиште, Захарица, која ме поттикнуваше да читам многу, а и да пишувам проза.

Мојот татко застана зад мене на почетокот, кога мојата професионална кариера веќе започна, а во последно време тука е мојот сопруг, кој буквално ја смени професијата за да се посвети на нашата продукција и на мојата музичка кариера… На сите сум преблагодарна.

Што би им порачале на читателите на „Ваш Аптекар“, особено на оние што се во период од животот кога семејните грижи, здравствените предизвици или секојдневните обврски ги оддалечиле од сопствените желби? Како повторно да си дадат дозвола да започнат нешто ново, да променат нешто или едноставно да одвојат време за себе?

Јас сум вечен оптимист, човек кој верува дека позитивната енергија секогаш победува. Драги луѓе, носете во себе љубов, давајте ја, имајте позитивни мисли – тоа што го давате, тоа и ви се враќа. Никогаш не е предоцна да си остварите некоја желба или да постигнете некоја цел. Тие што успеале или пак победиле, се оние кои никогаш не се откажале и кои рекле: „Ајде, ќе пробам уште еднаш.“