Болна менструација – дисменореа

Болна менструација – дисменореа

Тоа не е медициска состојба или болест, станува збор за менструално нарушување со кое се соочуваат 70-90% од жените во репродуктивниот период,
а кај 26% таа е со голем интензитет што го афектира квалитетот на животот, продуктивноста и општото здравје.

Таа се дели на:

Примарна дисменореа не е предизвикана од абнормалности или некоја гинеколошка болест. Обично започнува 3-4 години после добивање на прва менструација. Примарната дисменореа се јавува како резултат на хиперконтрактилност на матката под дејство на зголемено ослободување на простагландини и еден хемиски дисбаланс.

Токму тој дисбаланс води до зголемување на контракциите на матката, намалување на протокот на крв, зголемување на анаеробните метаболити кои ги стимулираат рецепторите за болка што крајно резултира со појава на менструални грчеви – дисменореа. Ризик фактори за појава на дисменореа се нулипаритет, пушење, слаба физичка активност, тешки и подолготрајни менструации, возраст <20 години итн.

Секундарна дисменореа се јавува како резултат на постоечка гинеколошка болест како аденомиоза, ендометриоза (најчесто), утерини фиброиди, воспалителна болест на карлицата и сл. Тука пристапот е лечење на основната болест.

Каква е болката?

Болката најчесто се јавува на почетокот на менструацијата и вообичаено траe 8-72 часа. Се опишува како остра болка (грчеви) во карлица, со ирадијација кон долниот дел од грбот и внатрешната страна на бутовите, чувство на притисок во стомакот и може да биде придружена со гадење, повраќање и течни столици.
Интензитетот може да биде толку голем, до степен на изнемоштеност, зголемен број на отсуства од работа, да има големо влијание врз секојдневните активности како и врз менталното здравје на жената. Постојат голем број на студии кои ја поврзуваат хроничната болка со појава на анксиозност и депресија.

Како се третира?

Фармаколошкиот третман на дисменореата во клиничката пракса се состои од употреба нестероидни антиинфламаторни лекови – НСАИД (ибупрофен, напроксен и сл.) кои го намалуваат создавањето на простагландините, како прва линија со докажана ефикасност и орални контрацептиви.

Нефармаколошки третман опфаќа блага масажа на стомакот, термофор со топла вода на стомакот, мирување во тие денови, акупунктура, јога, додатоци и суплементи како магнезиум, витамин Д, цинк, витамин Ц кои делуваат антиинфламаторно, промена на начин на исхрана (антиинфламаторна исхрана како ѓумбир, куркума,зелен чај, зеленчуци и сл), избегнување на алкохол и цигари итн.

Долготрајната употреба на НСАИД води до појава на несакани ефекти. Како најчести се гастроинтестинални нарушувања (пептичен улкус), со крвавења и последователна појава на анемија, зголемен ризик од кардиоваскуларни нарушувања и бубрежни оштетувања, додека пак несаканите ефекти на оралните контрацептиви како гадење, главоболки, зголемување на телесната маса (некои жени тешко ги толерираат), и исто така се несоодветни кај популацијата на жени што планира бременост.

Иако дисменореата е распространета и, често, исцрпувачка, ефикасните лекови за управување со симптомите се ретки. Управувањето со симптомите поврзани со менструацијата е сложено со оглед на варијабилноста на симптомите кај поединци кои имаат менструација. Како резултат на тоа, нивното управување често е фрустрирачко и за пациентите и за давателите на здравствена заштита. Токму поради овие причини науката
истражува и бара други решенија за ова нарушување.

Едно од нив со голем терапевтски потенцијал, што сеуште е во фаза на истражување е употребата на CBD (канабиноид). Тој стапува во интеракција со едноканабиноидниот систем, комплексна мрежа на рецептори и невротрансмитери кои се инволвирани во многубројни процеси во човечкиот организам како и во прецепцијата на болка.Токму поради таа интеракција постои причина за верување дека може да помогне во ослободување од болката и инфламацијата поврзана со дисменореата.

CBD заедно со THC се фитоканабиноиди изолирани од растението Canabis sativa. Една структурна разлика меѓу нив има големо влијание врз интеракцијата со ендоканабиноидните рецептори, а со тоа и нивните терапевтски дејства. Токму таа структурна разлика го диференцира CBD од THC кој е психоактивен и води до промена на расположение, еуфорија и општо познато „high” чувство и се злоупотребува како рекреативна супстанца.
Клинички испитувања и истражувања покажуваат позитивно влијание на користењето на CBD не само за ослободување од болката, туку и врз придружните симптоми како подобрување на расположението, намалување на анксиозноста, подобрување на спиењето и намалување на раздразливоста.

Иако има ограничени докази за ефективноста на CBD врз намалување на менструалните болки, истражувањата за неговите бенефитит се ветувачки. Досега се покажа дека тој има ефективни антиинфламаторни, миорелаксантни вли-
јанија и стабилизирачки ефекти врз расположението. Важно е да се напомене дека искуствата со CBD се различни кај секој човек, и други фактори како животниот стил, начинот на исхрана, справувањето со стресот исто така играат голема улога врз доживувањето на дисменореата.