Бременост после 30

Бременост после 30

Ризици и предности од блажената состојба

Бројот на жените кои за првпат се реализираат како мајки после 30-тата година е во постојан пораст. Образованието, желбата за кариера, современиот животен стил, неможноста за забременување, се само дел од факторите поради кои жените ја одложуваат бременоста.

Се верува дека бројот на трудници во третата декада од животот во последните 20 години е двојно зголемен.

Помеѓу 20-тата и 25-тата година од животот, жената го достигнува врвот на својата плодност. По 30-тата година плодноста опаѓа, а расте ризикот од комплицирана бременост.

Мирно прифатете ги ризиците

Секоја идна мајка мора да биде свесна за ризиците кои ги носи бременоста после 30-тата, но истите не смее да ги доживее како сопствена вина. Не постои погрешно време за зачнување, особено ако идната трудница и целото семејство се потрудат да ги создадат сите неопходни услови за здрава и нормална бременост.

Промените со кои се соочува женското, но и машкото тело, се должат на годините. Но, со здрави навики и помош од медицината, може да се забави прогресот на овие промени.

1. ризик: Зачнувањето може да потрае

Жените се раѓаат со ограничен број јајцеклетки. Во доцните триесетти, јајцеклетките се намалуваат во квантитет и квалитет и сѐ потешко се оплодуваат. На жените кои се обидуваат да зачнат после 35-тата, им се препорачува да појдат на гинеколог доколку се соочуваат со неуспех 6 месеци во континуитет.

2. ризик: Зголемени шанси за близнаци

Многумина се радуваат на податокот дека со возраста се зголемуваат шансите за оплодување на две јајцеклетки. Под дејство на хормоните, во 30-тите често се исфрлуваат повеќе јајцеклетки во матката. Оваа промена се должи и на ин-витро фертилизацијата.

3. ризик: Гестациски дијабетес

Овој тип дијабетес се јавува само во текот на бременоста и е тесно поврзан со годините. Затоа, неопходно е строго следење на шеќерот во крвта и негово одржување преку строго селектирана храна и физички активности. Доколку не се третира, гестацискиот дијабетес води до абнормален раст на плодот, а тоа го зголемува ризикот од повреди при порoдување. Гестацискиот дијабетес го зголемува и ризикот од предвремено породување, води до висок крвен притисок и можни компликации во развојот на роденото дете.

4. ризик: Висок крвен притисок

Истражувањата тврдат дека постарите трудници се склони на покачување на притисокот во бременоста. Но, со редовен мониторинг и оваа состојба може да се контролира. Со цел да се избегнат евентуални компликации, се практикува породување пред терминот.

5. ризик: Предвремено породување

Повозрасните родилки имаат поголем ризик од предвремено породување и имаат поголеми шанси да родат бебенце со потпросечна родилна тежина – исходи што не се голем предизвик за современата медицина. Исто така, оваа категорија на трудници најчесто се породуваат со Царски рез со цел да се исклучат можните компликации. На пример, честопати се случува плацентата да го блокира грлото на матката и да мора да се примени Царски рез.

6. ризик: Хромозомски абнормалности

Бебињата родени од постари мајки имаат поголем ризик од одредени проблеми со хромозомите, како што е Дауновиот синдром. Затоа, на трудниците кои имаат полни 35 години, па и на помладите, им се препорачува НИФТИ – тест за детекција на фетални аномалии.

7. ризик: Спонтан абортус

Прекинот на бременоста како резултат на спонтан абортус или раѓање мртвороденче се зголемува како што жените стареат. Но, тоа најчесто се однесува на жените кои веќе имаат некакви медицински состојби или фетални хромозомски абнормалности.

Редовните гинеколошки посети и следењето на бебето во комбинација со здрава исхрана, физичка активност и исклучување на какво било ризично однесување од страна на мајката, е добра основа за здрава бременост и здраво бебе без оглед на возраста.

Уживајте во секој ден од бременоста!

Бебенцето не е единствениот позитивен исход од необичното 9-месечно патување наречено бременост. Бременоста го продолжува животниот век на жената, особено после 33-тата година.

Доцните родилки имаат двојно поголеми шанси да стасаат до 90-тите години од животот, за разлика од оние кои родиле во доцните дваесетти, потврдило истражувањето на американскиот Универзитетски медицински центар во Бостон, во кое учествувале 462 жени.

Но, ова се однесува само за жените кои забремениле по природен пат. Природната бременост води до забавено стареење на репродуктивниот систем, но и на целиот организам.

Бременоста го обновува и го зајакнува организамот и ја разубавува жената во секоја смисла на зборот.