Дали живеете во постојан свет на вина?

Дали живеете во постојан свет на вина?

Тогаш или премногу давате или сте заробени во токсична вина

Да ве прашаат да наведете една работа за која се чувствувате виновни, на памет ќе ви паднат минимум 20. Всушност себеказнувањето и прекорувањето за неуспесите e опсесија за многумина. Постојат луѓе кои се обвинуваат и за најмалата ситница, тргнувајќи од недојаденото овошје во чинијата (особено ако си ветивте дека ќе се храните здраво или дека нема да фрлате храна), па сѐ до оправданото отсуствување од работа (особено ако колегите се борат со рокови). Зошто си го правите тоа?

ПРЕМНОГУ ДАВАТЕ

Мозочните истражувања покажуваат дека луѓето кои поседуваат поголема емоционална интелигенција – оние кои ги читаат гестикулациите, експресиите и скриената смисла во зборовите на соговорникот – се склони да чувствуваат вина. Ваквите луѓе не само што се внимателни во однос на туѓите емоции, туку уште од мали се научени дека добрите луѓе секогаш другите ги ставаат на прво место, а не себеси. Емотивно интелигентните луѓе се лепилото што ја одржува врската, бракот, а тоа значи и одржување на човечката раса. Сега ви е јасно која одговорност паѓа на нивниот грб. И во ред е да се биде чувствителен и да се сочувствува со останатите, но проблемот настанува во моментот кога ќе почнете да се идентификувате со тоа и да верувате дека колку повеќе давате, толку подобар човек ќе станете. Само што станавте лесна мета за искористување.

ТОНЕТЕ ВО ТОКСИЧНА ВИНА

Луѓето кои страдаат од овој тип на вина се болно одговорни, премногу даваат и живеат за да ги задоволуваат останатите. Некои психолози ја дефинираат токсичната вина како нуспроизвод на перфекционизмот: невозможно високите стандарди што ги поставуваме во секој аспект од животот. Природно е да сакате одобрување од околината, но како да знаете кога вашата совест е премногу активна? Психолозите велат дека страдате од токсична вина тогаш кога не сте во состојба да преземете позитивна акција во ваше име, во ваша корист, бидејќи се плашите од реакциите. Одличен пример се оние кои се заглавени во врска или брак само затоа што им е жал да го остават сопружникот; оние кои копнеат за нова работа, но се плашат како ќе се снајдат колегите без нив; оние кои не заминуваат во странство само за да не ги остават родителите сами. Запрашајте се што ќе ви се случи вам ако го сторите она што сакате да го сторите, наместо што е она што ќе им се случи на останатите? За да поттикнете комуникација со реалноста, а да ја потиснете онаа со совеста, почнете да правите нешта за кои обично чувствувате вина, на пример јадете забранета храна. Прогласете слободен дека во кој ви е дозволено да правите сѐ.