Дијабетес кај децата

Дијабетес кај децата
Дијабетесот кај децата е здравствен проблем кој може да го добие секое дете, без разлика на годините. Станува збор за сериозно нарушување кое доколку соодветно не се лекува и не се контролира, може да има и последици што го загрозуваат животот. За среќа, повеќето дијабетичари живеат долго и здраво. Симптомите на дијабетес кај децата може лесно и навремено да се воочат, а еднаш кога ќе биде утврдена болеста, треба да се преземат чекори за нејзино контролирање и на детето да му се дадат насоки и поддршка за живеење со неа.

Што е дијабетес?

Дијабетесот е хронично заболување кое се карактеризира со зголемени вредности на шеќер (гликоза) во крвта. Нивото на гликоза во крвта е контролирано од инсулинот, хормон кој се создава во панкреасот. Задача на инсулинот е да помага во придвижувањето на гликозата од крвта во клетките, каде се разложува и се добива енергија.

Типови дијабетес

Дијабетес тип 1 (инсулинозависен дијабетес). Станува збор за автоимуно заболување со можна генетска предиспозиција. Се појавува на која било возраст, но најчесто кај деца, тинејџери или кај млади луѓе. Кај овој тип дијабетес, панкреасот создава многу малку или воопшто не создава инсулин.

Дијабетес тип 2 (инсулинонезависен дијабетес). Овој тип е најчеста форма на дијабетес. Претежно ги афектира возрасните, но во последните години се појавува и кај тинејџерите и кај младите лица, поради прекумерното зголемување на телесната тежина. Кај овој тип дијабетес, панкреасот најчесто создава инсулин, но или тоа количество не е доволно за потребите на организмот или клетките се резистентни на инсулинот.

Симптоми и знаци на дијабетес тип 1
Бројни се симптомите и знаците кои укажуваат дека е можно детето да има дијабетес тип 1, а најчести се:- зачестено мокрење на поголеми количества урина
– зголемена жед
– сувост на устата и грлото
– губење на тежината
– зголемен апетит
– чувство на замор
– пеленски исип кај доенчињата, кој не поминува со вообичаена нега
– нарушување во однесувањето

Симптоми и знаци на дијабетес тип 2
Тешко е да се дијагностицира дијабетес тип 2 кај децата и кај младите, затоа што почнува со благи симптоми или без симптоми. Појавата на овој тип дијабетес е сè почеста, особено кај децата и кај адолесцентите, и се поврзува со начинот на живот и со зголемената телесна тежина, со многу мала или со никаква физичка активност, и со консумирање брза и биолошки безвредна храна. Во споредба со дијабетесот тип 1, дијабетесот тип 2 почнува со благи симптоми:- зачестено мокрење на поголеми количества урина
– зголемена жед
– зголемено чувство на глад
– губење на телесната тежина
– заматен вид
– габични инфекции
– подолго зараснување на рани
– чувство на замор и исцрпеност
Дијабетесот тип 2 е најчест кај децата на возраст од 10 до 19 години. Просекот е 13 години, и е обично во корелација со пубертетот.

Животните навики – најважни за превентива и за контрола на дијабетесот
Дијабетесот се контролира со комбинација од здрава исхрана, физичка активност и намалување на телесната тежина. Некои дечиња и млади мора да земаат и инсулин, особено оние со дијабетес тип 1, но ниту инсулинот, ниту лековите не може да ја заменат здравата исхрана, редовната физичка активност и одржувањето на оптималната тежина.Примената на здравите животни навики може долгорочно да има позитивен ефект на вашето здравје и на превентивата од добивање дијабетес.Сè поголем број од децата и младите имаат нездрави животни навики. Јадат брза храна, прекумерно и непотребно консумираат разни „грицки“, газирани напивки и слатки, а за сметка на ова, ги прескокнуваат оброците и не внесуваат доволно свежи зеленчук и овошје, и не се доволно физички активни.Дебелината кај децата како фактор за дијабетес

Дебелината кај децата сè почесто е активатор за дијабетес, отколку генетската предиспозиција. Дебелината која може да доведе до дијабетес, денес, е честа и е во пораст, и веќе не е резервирана само за возрасните. Сè повеќе дечиња се соочуваат со оваа дијагноза, која може да се припише на начинот на живот и на исхраната која им е на располагање во секое време, најчесто како нездраво и брзо решение.


Додека напоредно со епидемијата од дебелина, расте и епидемијата од дијабетес, особено загрижува фактот што старосната граница на оние со зголемена телесна тежина, а со тоа и на оние со дијабетес, се поместува кон децата и кон младите.


| Што треба да знаат родителите?

Умерена и избалансирана исхрана за превенција од дијабетес. Умерената и избалансирана исхрана треба да биде навика всадена од мали нозе. Секако, само родителите се најзаслужни за овој дел. Не е доволно само да му зборувате на вашето дете како треба да се однесува, најважно е да му бидете добар пример, затоа што  децата најбрзо учат гледајќи ги своите родители. Посветете посебно внимание на навиките на вашето дете. Дали се чувствува добро во своето тело? Дали се движи лесно, радосно, извршувајќи ги без проблем активностите кои ги сака? Дали јаде разновидна храна? Секако дека децата секогаш бараат слатки и „грицки“, но дали следат некој семеен образец и распоред на оброците, внесувајќи секој ден доволно зеленчук, овошје и  житарки? Дали секој ден во чинијата имате зеленчук во различни бои, како спанаќ, брокола, карфиол, морков, цвекло, модар патлиџан и слично? Денешните медиуми секојдневно ги „бомбардираат“ децата со реклами за брза храна, за разновидни „грицки“ и за нездрави напивки – за безвредна храна која потенцијално води кон дебелина и кон дијабетес. Затоа, вие како родители, важно е да им ја покажете „другата страна“, поточно да им објасните дека тоа што го гледаат на малиот екран, едноставно, не е најдобро решение, и дека постојат голем број алтернативни и поздрави избори на храна.

| Семејни оброци

Истражувањата покажуваат дека децата кои јадат со останатите членови на семејството, а додека трае оброкот не гледаат телевизија, имаат здрави навики и мал ризик од дебелина. Позитивната семејна динамика, како лесен разговор, смеење, релаксирана атмосфера и слично, се поврзува со намален ризик од дебелина кај децата, а со тоа и од појава на дијабетес. Иако секојдневните семејни оброци денес не се возможни поради различните распореди и дневните обврски на родителите и на децата, потрудете се да јадете заедно два до три пати неделно. Секогаш храната послужете ја на трпезариска маса, а никако пред телевизискиот екран.

| Физичка активност

Редовната физичка активност и квалитетот на времето поминато со семејството се подеднакво важни за одржување на здравјето, како физичкото, така и менталното. Поттикнете ги децата да бидат што е можно повеќе активни и да го ограничат времето на седење, без разлика дали цртаат, гледаат телевизија или играат компјутерски игри. Како што децата растат, тие ќе мора да седат повеќе поради училишните обврски, па искористете го времето додека сè уште се мали за да се навикнат на што повеќе движење и забава. Училишните спортови или разните организирани активности за деца се дефинитивно добар избор, но, исто така, најголема корист и за себе и за децата, е ако заедно со нив одите во парк за време на викендот, на секојдневна прошетка, возење велосипед и слично.