Поради својот карактер на хронично и прогресивно заболување и поради епидемиските размери, дијабетесот претставува не само здравствен, туку и социјален и економски проблем. Се смета дека во светот има над 250 милиони лица заболени од дијабетес со дополнително висок процент на потенцијално заболени лица.
Во Македонија има околу 120 000 до 150 000 лица со дијабетес, од кои само околу 1-3% се со тип 1, а другите му припаѓаат на типот 2.
Што е шеќерна болест?
Шеќерната болест или дијабетес мелитус претставува најчесто метаболистичко заболување на современиот човек. Се одликува со нарушување на метаболизмот на јаглехидратите, мастите и протеините каде основна карактеристика е хипергликемијата, односно покаченото ниво на шеќер во крвта. Покрај ова, една од главните карактеристики е и специфичната промена на крвните садови.
Дијабетесот е агресивна и прогресивна болест, која има посебни одлики кај секоја индивидуа, поради што и пристапот кон лекувањето кај секое лице со дијабетес треба да биде индивидуално, т.е. да се приспособи кон посебните потреби.
Основни знаци на болеста
Изнемоштеност и губење на работниот елан, честа желба за спиење и намалена способност за помнење.
Слабеење, што може да биде различно, т.е. од губење неколку килограми (за пократко време), до поизразено губење на телесната тежина, често и покрај зголемениот апетит.
Сушење на устата, со чувство на сувост на грлото, што доведува до појава на жед и потреба за често пиење вода.
Често и обилно мокрење.
Пиењето вода и мокрењето се постојани, па се нарушува и ноќниот мир.
Знаци на болеста можат да бидат и:
Честа појава на гнојни мозолчиња по вратот, како и по други делови на телото, кои се повторуваат и не реагираат на вообичаената терапија.
Црвенило со јадеж на полниот орган, што се влошува со миење со сапун и се повторува.
Зголемен апетит за сите видови храна, а можно е и само за слатки.
Бавно зараснување на повредите, посебно на раните што гнојат.
Нарушување на видот.
Исто така, важно е да знаете дека пиењето минерални води кои имаат високи концентрации на натриум во составот доведува до дополнителна жед.
Дијагностика
Нормалните вредности на шеќер во крвта или гликемија се движат од 4,5 до 6,0 ммол/л измерени на гладно од капиларна крв. Повисоки вредности измерени на гладно, особено ако се повторуваат, најчесто се знак за шеќерна болест.
Видови дијабетес
Дијабетес тип 1 или инсулинозависен дијабетес
Се јавува на млада возраст, т.е. од раѓањето па сé до 35-тата година од животот, а најчесто до 20-тата година. Овој тип дијабетес настанува поради автоимун процес во кој сосема се уништуват клетките во панкреасот одговорни за лачење инсулин.
Кај овој тип дијабетес почесто страдаат малите крвни садови на мрежницата, бубрезите и нервите.
Дијабетес тип 2 или инсулинонезависен дијабетес
Овој вид дијабетес се јавува во зрелата возраст и е многу позастапен од претходниот. Се смета дека 3/4 од болните од дијабетес имаат токму инсулинонезависен вид шеќерна болест, поточно, најмалку 85 до 90% од сите лица со дијабетес. Најголемиот број од нив се со прекумерна телесна тежина (преку 90%). Овој тип дијабетес се јавува и кај лица со нормална телесна тежина, но со постара возраст.
Лицата заболени од дијабетес тип 2, исто така, се склони кон компликации на големите крвни садови, пред сè на срцето, на мозокот (мозочни удари), како и на големите крвни садови на нозете.
Труднички (или гестациски) дијабетес
Дијабетес кој се јавува во текот на бременоста кај жени кои претходно не страдале од него. Овој тип дијабетес најчесто се пoвлекува по породувањето.
Ризик-фактори
Ризик-факторите се зависни и од типот на заболувањето. Зголемениот ризик од дијабетес е поврзан со возраста (колку повозрасен, толку поголем ризик), семејното наследство на болеста и стилот на живот. На некои од овие фактори не можеме да дејствуваме, но секако дека можеме да го контролираме животниот стил. Меѓу позначајните ризик-фактори за појава на дијабетес тип 2 се:
• дебелината/натхранетоста,
• физичката неактивност,
• хроничниот ментален стрес,
• пушењето,
• гестациски дијабетес за време на бременост.
ИНСУЛИН
Инсулинот е единствениот природен лек што се употребува во лекувањето на шеќерната болест.
Едукација – важна алка во контрола и превенција на дијабетесот
Дијабетесот може да се превенира кај поголемиот дел од ризичните лица со едукација за правилен начин на живот што подразбира самоконтрола, правилна исхрана и физичка активност.
Самоконтрола
Самоконтролата претставува подготвеност, желба и знаење самите во секое време да одредувате гликемија. Во текот на болеста, основно е да се грижите само за една работа: крвниот шеќер или гликемијата да ја одржувате во нормални граници, а тоа значи вредностите на гладно да не бидат поголеми од 6 ммол/л, а на два часа по јадење до 7,8 (најмногу до 8,0 ) ммол/л. Се препорачува до 6 мерења на гликемијата дневно, но најважни се мерењата на гликемијата наутро на гладно, два часа по ручекот, како главен оброк, и пред спиење.
Правилна и здрава исхрана
За шеќерната болест правилната исхрана подразбира редовно земање и правилна комбинација на храна и количина.
Физичка активност и спорт
Физичката активност спаѓа во основните компоненти на лекувањето и посебно на превенцијата на дијабетесот. Физичката активност се смета дека може да го одложи појавувањето на дијабетесот тип 2, посебно кај лицата со висок ризик, како и кај натхранетите лица. Исто така, се смета дека лицата кои се занимаваат со физичка активност имаат за 40% понизок ризик од кардиоваскуларна смрт во споредба со оние кои се физички неактивни.
Пожелно е да се занимавате со физичка активност и со спорт, но не по секоја цена.
Физичката активност не смее да биде шаблонизирана, туку треба да се препише кај секое лице посебно, во зависност од потребите и состојбата на организмот, како што е возраста и придружните заболувања.