Дијабетичната ретинопатија е една од најсериозните компликации од шеќерната болест и сè уште една од трите водечки причини за слепило доколку навреме не се лекуваат промените.
Други промени вклучуваат и заматување на леќата – катаракта и појава на глауком.
Дијабетичната ретинопатија е хронична, микроваскуларна компликација од дијабетес мелитус. Претставува склоп од метаболични, ендокрини и хемодинамски фактори со меѓусебна интеракција, каде, во основа, клучен фактор е високата концентрација на гликоза во крвта која потоа ги иницира останатите процеси т.е. нарушување на хематоокуларната бариера, промени на ниво на малите крвни садови на ретината.
Во принцип, дијабетичната ретинопатија се класифицира во стадиуми и тоа: непролиферативна дијабетична ретинопатија, со или без дијабетична макулопатија која ја зафаќа регијата околу макулата (жолта дамка) и пролиферативна дијабетична ретинопатија.
Главно, ризик-фактори за појава на дијабетична ретинопатија се: хипергликемија, хипертензија, времетраење на дијабетесот, дебелина, пушење, бременост и хирургија на катаракта. Факторите може да се поделат како:
-
Фактори кои може да се контролираат
-Редовна контрола на шеќерот во крвта
-Редовна контрола на крвниот притисок
-Редовна контрола на холестеролот во крвта
-Одржување на телесната тежина, здрава исхрана и физичка активност
-Престанок на пушењето цигари
-Редовни годишни офталмолошки прегледи за рано откривање на промените и нивен соодветен тераписки третман
-
Фактори кои не може да се контролираат
-Должина на траење на дијабетесот како најзначаен фактор за појавување на дијабетичната ретинопатија
-Возраста на пациентите
Симптоми
Дијабетичната ретинопатија, вообичаено, не дава посебни симптоми сè додека не дојде до напредна фаза на болеста. Често се случува да се открие дури откако ќе има комплетен пад на видот. Во принцип, пациентите субјективно се жалат на:
-Заматување пред очите – резултат на промени во стаклестото тело
-Губиток на дел од видното поле – резултат на крвавење
-Слабеење на централниот вид – резултат на промени во макулата (дијабетична макулопатија)
-Тотален губиток на видот – резултат на масивно крвавење во стаклестото тело или поради одлепување на ретината.
Лекување
Дијабетичната ретинопатија е и понатаму една од трите најчести причини за слепило. Низа студии потврдуваат дека кај 95% може се избегне слепило при редовни офталмолошки прегледи, еднаш годишно или почесто, во зависност од промените кај пациентите.
Во зависност од степенот на промените и од видот на дијабетичната ретинопатија, се применуваат различни тераписки процедури и тоа: ласерфотокоагулација на ретината, aпликација на анти-ВЕГФ препарати во витреалното тело на окото и хируршки третман (витректомија).
Превенција
Имајќи ја предвид преваленцијата на лицата со дијабетес и растечкиот тренд, клучна улога за цел спречување на појавата и прогресијата на дијабетичната ретинопатија имаат редовните офталмолошки прегледи, секако, во корелација со добрата метаболична контрола, добри вредности на холестеролот и триглицеридите, стабилен артериски крвен притисок и престанок на пушењето.
Дури и по уреден наод од офталмолошкиот преглед, без промени на очното дно пациентите треба и понатаму да водат грижа за метаболичната контрола, за здравиот начин на живот и за редовни контролни прегледи на секои 6-12 месеци кај својот специјалист-офталмолог.
Навремен тераписки третман ќе спречи губење на видот во повеќето случаи, а пред сè стабилизација на видната острина.
Асс. д-р Наташа Трпевска Шеќеринов