ДОБАР И ЛОШ ПОЛИЦАЕЦ

ДОБАР И ЛОШ ПОЛИЦАЕЦ
Семејството е најзначајниот систем во кој припаѓаме. Неговата функционалност е од големо значење во процесот на воспитување и подигање на здраво потомство. Доколку овој систем не функционира добро, воспитувањето на децата може да се движи во правец кој е помалку посакуван.

Какви родители – такви деца“ е одамна позната изрека која, секако, има свое значење. Каков е односот меѓу родителите, такви ќе бидат и децата – можеби е вистинско дополнение на оваа изрека.

Различни улоги

Добар и лош полицаец. Речиси секој родител се нашол во ваква улога кога станува збор за воспитување на децата. Често може да се слушне како еден од родителите ја има улогата на строг, додека другиот – на попустлив и мек. Кога мајката и таткото имаат различни улоги, децата знаат на кој родител за што треба да му се обратат. Во ваквата поделба нема ништо лошо освен погрешнотo етикетирање на родителите како добар или како лош. Доколку само едниот родител поставува барања кон детето, а другиот е целосно одземен од таквата улога, односот и поврзаноста во релацијата родител-дете би можел да се наруши. Доколку мама и тато не се сложни во начинот на воспитување, тогаш детето не се учи што е добро, а што лошо или што е дозволено, а што е недозволено однесување. На овој начин, децата се збунети и несигурни. Доколку едниот родител охрабрува и поддржува одредено однесување кај детето, а другиот родител е против тоа и го осудува, детето нема да биде сигурно во себе и во своите постапки, ниту пак во своите родители и во нивните реакции.

 Двонасочен однос

Добар дел од карактеристиките на личноста децата ги наследуваат од своите родители, но добар дел од градењето на својот личен карактер и однесување ќе бидат преземени и усвоени од моделот и од климата која владее меѓу родителите и родителско-партнерскиот однос. Важно е да се знае дека и детето со својата индивидуалност, со склопот на личноста кој е карактеристичен само за него, влијае на тоа како родителите ќе го воспитуваат. Паметен и посветен родител со сигурност ќе почувствува и ќе знае на каква мерка неговото дете најдобро ќе реагира. Некое дете подобро ќе реагира на казна, друго, пак, ќе биде попродуктивно доколку почесто го пофалувате. Бидете паметен родител бидејќи здравата средина, мирот во куќата и здравиот психолошки развој на детето се најважни за секој родител.

Родителскиот сојуз и неговата функционалност се многу важни алки во системот наречен „семејство“. За да биде успешен овој сојуз, мора да го сочинуваат сложни членови, со иста мисија и со усогласени чекори и стратегија.

 Неколку совети:

  • Никогаш не покажувајте различни воспитни ставови пред детето. Ставовите и за тоа кој е најдобар, утврдете ги во негово отсуство.
  • Бидете рамноправни. Поделете ги задолженијата за да ви биде полесно.
  • Бидете отворени во комуникацијата со детето. Создадете услови за детето да ви се доверува и на двајцата.
  • Носете ги заедно одлуките за важни прашања.
  • Поддржувајте се еден со друг во присуство на детето. На овој начин дејствувате одлучно и давате добар пример како мама и тато треба да се однесуваат.
  • Не запоставувајте го брачниот однос. Задоволството од брачниот однос во голема мера влијае на успешноста и во другите семејни релации.
  • Обидете се да се синхронизирате на ниво на сојуз, барања, пофалби и критики упатени кон однесувањето на детето.