Сите сакаат чисто, но некои сакаат беспрекорно чисто. Овие вторите, се ужаснуваат од најмалата дамка во домот или на облеката. Токму за нив, издвоивме помалку познати трикови.
Маси без траги од кафе
На масичката имате темен прстен, онаму каде што стоела шолјата со кафе? Бојадисувањето се должи на влагата што се појавува кога топлата шолја ќе се подистури и ќе дојде во контакт со ладната дрвена површина. Направете 50/50 микс од сода бикарбона и сол – сипете од смесата врз прстенот, а озгора исцедете малку лимонов сок. Тријте директно со половината лимон, додека да исчезне дамката.
Траги од шминка на облеката
На дамката, нанесете течен детергент или специјално средство за дамки, а потоа потопете ја во најжешката вода што може да ја поднесе материјалот (тоа е назначено на етикетата). На овој начин ќе успеете да го растворите восокот и маслото што го содржи карминот или пудрата.
Дамка од црвено вино
Покријте ја дамката со сол за да го апсорбира виното што не се впило во материјалот. Почекајте 10 минути, па истресете. Ставете го парчето облека во ладна вода и нежно тријте ја дамката.
Стврднат антиперспирант
Антиперспирантите буквално го цементираат материјалот под пазувите, затоа, посипете ги со бел оцет, оставете да делува 30 минути. Потоа, покиснете ја дамката во жешка вода (онолку колку што може да поднесе материјалот), користејќи детергент со избелувачка моќ.
Замирисана канта за ѓубре
Во кантата, ставете 1 супена лажица сода бикарбона и капнете неколку капки од средството за миење садови. Прво, протријте ги состојките со четка, а потоа продолжете да триете со половина лимон или портокал.
Затнати цевки
Сипете во цевката или мијалникот половина шолја сода бикарбона, па половина шолја сол и, на крај, половина шолја оцет. Оставете ги состојките да делуваат од 15 до 20 минути, потоа пуштете да тече жешка вода околу 1 минута, и уште 1 минута ладна вода.
Микробранова печка со чуден мирис
Во стаклен сад (што собира 4 чаши вода) ставете 1 чаша вода, тркалце лимон и неколку ливчиња нане. Вклучете ја микробрановата печка на висока температура, додека да зоврие водата – околу 2 до 3 минути. Оставете ја водата да стои со затворена врата најмалку 15 минути. Отворете, па пребришете.