Домот го регулира менталното и физичкото здравје

Домот го регулира менталното и физичкото здравје

Уредете го мудро

Дали по напорен работен успевате да се релаксирате дома? Дали домашната средина ви влева чувство на спокојство и на мир? Ако одговорот е негативен време е за преуредување, бидејќи дизајнот и организацијата на просторот за живеење имаат големо влијание на здравјето. Дизајнот игра клучна улога во одржувањето на деликатната рамнотежа помеѓу телото и умот. Затоа, ако просторот за живеење е промислено уреден, истиот ќе има моќ да го регенерира организмот. Ентериерот влијае на расположението, нивото на стрес, па дури и на когнитивната функција.

Користете ја природната светлина

Природната светлина е моќна алатка за подобрување на целокупната благосостојба. Изложувањето на сончева светлина го подобрува расположението, го подобрува сонот и ја зголемува продуктивноста. Размислете за максимизирање на природната светлина со избирање поголеми прозорци, внимавајте распоредот на мебелот да не ја попречува пенетрацијата на сончевата светлина, одберете рефлектирачки површини кои ќе ја разлеат светлината низ просторијата и ослободете се од темните завеси. Не дозволувајте сијалиците да работат, особено кога го имате сонцето за тоа.

Внесете парче природа дома

Најголема трансформација на негативното расположение во позитивно поттикнува зеленилото, а малку зеленило може да си дозволи секој дом. Гледањето во зеленило ги одмора очите после долго читање книга или гледање телевизија. Но, мудро бирајте ги вашите зелени пријатели, бидејќи некои можат да бидат токсични за здравјето, а други пак можат да го прочистат воздухот. Сансевиерија, зелен крин, хризантема, алое вера, бршлен, бамбус, се дел од растенијата кои го прочистуваат воздухот од сериозни штетници како бензен, формалдехид, трихлороетилен, ксилен, јаглерод моноксид и амонијак. Филодендронот, олеандерот и каладиумот содржат кристали на калциум оксалат кои можат да бидат токсични доколку се проголтаат.

Користете смирувачки палети на бои и текстури

Боите и текстурите имаат големо влијание врз емоционалната благосостојба. Меките, пригушени бои како што се сините и зелените предизвикуваат чувство на смиреност, додека топлите неутрални тонови, како боја на капучино или слонова коска, можат да создадат пријатна атмосфера. Вклучете ги овие смирувачки тонови во вашиот декор преку боите на ѕидовите, мебелот или прекривките и навлаките за перници. Дополнително, размислете за воведување меки текстури, како кадифени килими или памучни прекривки, за да го подобрите целокупниот комфор на вашиот простор за живеење.

Создадете катче за одмор

Вашиот дом мора да поседува една или повеќе мирни зони наменети за релаксација, но и за размислување. Тоа може да биде некое ќоше во спалната или која било соба каде продира природна светлина. Дополнително нагласете ја удобноста преку меки перници или преместете ја вашата омилена фотелја токму таму. Тоа нека биде местото каде што ќе пловите во вашите најинтимни мисли. Многу луѓе под туш се ослободуваат од стресот. Ако вие сте тој случај, потрудете се ритуалот да биде уште порелаксирачки така што повремено ќе запалите некоја мирислива свеќа или ќе вклучите некое есенцијално масло во топлата купка. Ритуалите и зоните за мир несомнено придонесуваат за побалансиран начин на живот.

Подгответе напивка за утеха

Додека трае вашиот работен век, најверојатно тоа ќе биде кафето што го пиете додека се подготвувате за на работа или после ручекот на вашето омилено место за седење. Психолозите велат дека потребата за кафе не секогаш подразбира потреба за кофеин, колку што подразбира потреба за расчистување на мислите и планирање на денот. Ако не сте по кафето, тогаш нека биде топло какао, чај, цеден сок, што било што ќе го пиете сами во вашата безбедна зона.

Предлог рецепт: ЧАИ ЛАТЕ

Потребни состојки:

  • 2 шолји вода
  • 2 кесички црн чај
  • 2 каранфилчиња
  • 1 лажичка цимет
  • ½ лажичка ѓумбир
  • 2-3 лажички јаворов сируп или мед по вкус
  • 1 лажичка морско оревче
  • ¾ шолја млеко (може и од растително потекло)

Подготовка:

Во тенџере ставете да зовријат 2 чаши вода. Додајте ги кесичките чај и зачините. Намалете ја топлината на минимум и оставете да врие 5-7 мин. Сипете го млекото и продолжете да варите на тивок оган. Мешајте повремено. Засладете со јаворов сируп, а по желба додајте екстракт од ванила и прстофат црн пипер. Пред послужување, процедете ја смесата.