Само неколку лесни чекори нèводат кон здраво и квалитетно живеење на целото семејство. Никогаш не е доцна за нов почеток. Формулата којашто ќе ја примениме ние, ќе донесе чувство на задоволство и среќа кај нас и кај нашите најмили.
Магичен круг
21. век се одбележува како век на силно отуѓување на луѓето од природата, отуѓување од самите себе и меѓу себе.
Трка во борба за егзистенција, целодневни работни ангажмани, секојдневна доза на стрес, акумулирана негативна енергија, замор и, за жал, многу малку време за сопственото семејство и за сопствените деца. Но дури и тогаш кога сме дома, потребата за заеднички мигови и одмор се преточува во неконтролирано трошење на времето на социјалните мрежи или гледање телевизиски серии. За сметка на ова, децата поминуваат во дружба со компјутерски игри на таблети или телефони. Секако, покрај овие релаксирачки „задоволства“, задолжителен програм се и пиењето газирани пијалаци или некои 100% „природни“ сокови. Да не ги заборавиме чипсовите, смоките, по некој лиснат кроасан или редовното чоколадо. И сè така, ден за ден, месец за месец, година за година, лошите навики стануваат дел од нас, но, за жал, и дел од секојдневието на нашите деца.
Дали ви е позната оваа реалност?! Дали е ова дел од вашето секојдневие?!
Дали сето ова носи среќа и радост во душата, дали се чувствувате исполнети, дали вашето дете е здраво и среќно или, пак, нервозно и постојано со некакви здравствени проблеми? Дали сте забележале дека вашето дете има вишок килограми? Или можеби има ниска телесна тежина? Има премногу мозолчиња на лицето, на грбот, има многу чести алергии, запек, чести проливи, му паѓа имунитетот…?
Ако е така, дали треба нешто да менуваме? Дали промената зависи од нас?
Секако! Јас велам ДА!!!
Длабоко сум убедена дека со многу мал напор и со силна желба може коренито да си го смениме квалитетот на сопственото живеење, а со тоа да им овозможиме на нашите деца здрава и среќна иднина.
Да се потсетиме кои се тие чекори:
По работното време, дружете ги своите деца, разговарајте со нив, споделете ги нивните училишни обврски, нивните проблеми. Соберете го целото семејство на заеднички ручек или вечера. Подготвувајте ја софрата заедно. Потрудете се да го подготвите јадењето дома, иако понекогаш може и да се купи и готово готвено јадење (но не брза храна).
Подготовката на свежите салати нека ви биде заедничко задоволство.
Утрата почнувајте ги со свежо цедени сокови коишто ќе ги подготвите заедно. Воведете ги сувите овошја, јаткастите плодови и семињата во нивната исхрана. Подгответе им храна за во училиште којашто може да биде овошје, здрав сендвич, мешавина од суво овошје и јатки, а во овој период и костени, варени или печени, варена пченка, пуканки испукани во тава (никако во микропечка, која треба да се исфрли од употреба).
За викендите одете на прошетки или на целодневен престој во природа. Пешачете, дишете го воздухот во природата, користете ги и најскржавите сончеви зраци. Сето ова нèполни со здравје, убава енергија и добро расположение.
Храната сме ние
На што да се обрне внимание
Во секојдневната исхрана кај децата мора да има многу свежо (но и суво и јаткасто) овошје, свеж зеленчук, свежо цедени или блендирани сокови од овошје и зеленчук. Да не заборавиме да ги научиме децата да пијат вода којашто е главниот чистач на телото.
Да ги вратиме мешунките во исхрана кај децата. Да им подготвуваме барем два пати неделно: гравче, грашoк, леќа, боранија, наут. За жал, некои деца не знаат што е леќа, а никогаш и не пробале боранија или грашoк. Збогатете ги овие варила со додавање на една до две лажици елда, просо, па ќе добиете многу повкусно варило, а нутритивно висококвалитетна храна. Турлитава, спанаќ, ориз (интегрален), компир манџа – збогатете ги со елда, просо, печурки. Воведете здрав леб во исхрана на децата (тоа е оној кој ќе ви стежне на рака).
Научете ги децата најмалку двапати неделно да јадат здрава риба. Да се одбегнуваат товените риби (панга, лосос). Користете ги помалите морски риби и рибите од нашите езера и реки.
Не претерувајте со пити, кифли и погачи коишто се подготвени од бело брашно, маргарин и квасец.
Правете десерти на база на свежо, суво и јаткасто овошје, кокос, понекогаш со здраво чоколадо. Користете здрави намази како путер (не маргарин), хумус, пинџур, понекогаш ајвар, малиџано, авокадо, урда со путер, мед, мармалад. Исклучете ги навреме најнездравите, а најрекламираните чоколадни намази.
Слаткото кравјо млеко да се исклучи од менито и да се замени со здрави растителни млека: овесно, оризово, бадемово – коишто може и дома да си ги подготвите. Киселото млеко (најдобро е козјото) може да се користи бидејќи има корисни бактерии. Добро е да се користи во комбинација со свеж зеленчук и со јатки, семки, како таратор со рендано цвекло и морков, оревчиња. Децата ќе уживаат, но и вие.
Сирењето и кашкавалот не смее да бидат секојдневие во исхраната, ниту за нас, ниту за децата.
Јајцата (по можност природни селски јајца) нека бидат присутни како варени, како омлет со зеленчук: пиперки, тиквици, домати, печурки, спанаќ, блитва, праз. Јајцата од препелица да се пијат живи на есен и на пролет барем 21 ден – зависно од возраста на детето, едно до три јајца на ден со цеден сок (не со млеко и со јогурт).
Месото (најдобро домашно, селско) може да се користи не повеќе од два дена во неделата. Месото да не биде „збогатено“ со хормони (за жал, пилешкото, но и говедското се преполни со хормони). Мисиркино, јагнешко, јарешко и зајачко месо се подобар избор. Да се исклучи секаков вид месни преработки како: салами, виршли, паштети. Тоа е храна којашто го разболува и го уништува човечкото тело.
Промените почнете ги од себе
Сменете ги сопствените навики на живеење во кои исхраната го зема најголемиот дел. Вратете и се на природата, вратете си го инстинктот за природната храна, за водата, за чистиот воздух, за сонцето, слушнете го звукот на ветерот, почувствувајте го мирисот на озонот. Ќе си го смените квалитетот на сопственото живеење, но ќе ја смените сегашноста и иднината на сопствените деца.
Јас ги направив овие чекори пред повеќе од 15 години и живеам нов живот во секоја смисла на зборот. Моите блиски полека, но сигурно ги направија промените и видно им се поправи комплетно здравствената и енергетската состојба. Направете го тоа и вие за вас и за вашите најмили.
Цвета Динева
Сертифициран нутриционист – консултант