Компјутерот ми го краде сонот – што можам да сторам?
На сите ни се има случено, денот да го поминеме пред компјутер, а ноќта да ја поминеме залудно броејќи овци. Несоницата е чест сопатник на преморот. Шансата да ја поправите штетата се крие во појадокот. Истражувањето објавено во весникот „Food“ откри дека каротеноидите (како лутеинот), присутни во жолчките, можат да го поправат квалитетот на сонот. Истовремено, тие го бришат уморот видлив на регијата околу очите и штитат од главоболка. Плус, штом ги проголтате, антиоксидантите се конвертираат во витамин А – клучен за долгорочно здравје на очите. Но, внимавајте на начинот на подготовка на јајцата, при пржење скоро се преполовуваат каротеноидите. Најдобрата опција е меко варено јајце.
Знајте го ова…
78 е процентот на учесници во една студија кои добиле изгореници од сонце, бидејќи користеле само чадор како заштита од УВ зраците. Од оние кои користеле СПФ, само 25 % се соочиле со изгореници, се вели во студијата објавена во весникот „Jama Dermatology“.
Дали е можно да имам киселини поради неправилно седење?
Пецкањето во грлото или народно кажано „киселини“, научно се нарекува Гастроезофагеална рефлуксна болест (ГЕРБ) која настанува кога желудочната киселина навлегува или се враќа во хранопроводот или во усната празнина. Алкохолот, зачинетата храна и кафето се топ три предизвикувачи на оваа состојба. Но, диететичарот Helen Barrеt тврди дека и самото држење на телото може да ја поттикне оваа состојба. „Ако постојано сте стуткани или згрбавени пред монитор и го потиснувате стомакот, киселините лесно ќе се качат до устата. Ваквиот проблем не смеете да го игнорирате во случај да зачести, бидејќи најлошото сценарио гласи: рак.“
Кое е најздраво масло за готвење?
Во однос на калории, маслата се слични – околу 120 калории во една супена лажица. Но, секое има свои особености, па добро е да ги ротирате во исхраната.
Маслиново масло– Ќе ви помогне да го намалите лошиот холестерол и крвниот притисок и да ги редуцирате воспаленијата. Екстра девственото маслиново масло е побогато со антиоксиданти и антивоспалителни хранливи материи.
Масло од грозје– Богато со витамин Ц и Е, бета-каротен, антиоксиданти кои штитат од слободни радикали.
Кокосово масло– Една супена лажица содржи околу 13.6 г масти, 12 г од нив се заситени. Но, некои од овие „лоши“ масти се тип лауринска киселина која го поттикнува имунитетот и ги убива лошите бактерии. Во суштина не е лош избор, но ако не го користите секојдневно.
Масло од авокадо– Содржи големи дози на витамин Е и е вистински благодат за здравјето на усната шуплина: докажано одлична превенција од парадентоза.
Дали е подобро да вежбам сама или во група?
Една нова студија тврди дека вежбањето во група не само што ќе ви донесе поголеми и побрзи резултати, туку ќе ви ја поправи и психата. Во 12-неделната студија, која била спроведена меѓу студентите на „University of New England“во САД, се вели дека групните фитнес сесии во траење од 30 минути, за само една недела успеале да го намалат стресот меѓу испитаниците за 26 %. Учествувањето во редовни групни фитнес сесии води до значајно намалување на стресот и зголемување на физичкиот, ментален и емотивен квалитет на животот во споредба со вежбањето насамо или нередовно вежбање.
За најдобра превенција од брчки околу очи, дали треба да ги нанесувам кремите и наутро и навечер или доволно е само навечер?
Бидејќи кожата околу очите е тенка, а ги користиме фацијалните мускули цел ден (трепкаме, се смееме, замижуваме на сонце) добро е да нанесувате крем во неколку слоеви и тоа наутро и навечер. Одберете производи кои се наменети за вашиот конкретен проблем и нанесувајте ги според густината стартувајќи со најмалку густиот. За преку ден ви треба формула која содржи витамин Ц за да ве штити од слободните радикали и антиоксидант како витамин Е. За навечер, задолжително нанесете го кремот еден час пред спиење за да има доволно време да се апсорбира, одберете хидратантна формула на база на ретинол.