Интересни прашања – научни одговори

Интересни прашања – научни одговори

Дали ако го прескокнам појадокот, побрзо ќе ослабам?

Не појадувате? Нема да ослабете! Тема на проучување на експертите од Државниот Универзитет во Мисури биле прехранбените навики на луѓето со што било докажано дека оние кои редовно појадуваат, полесно ја одржуваат линијата.

Исто така било потврдено дека оние кои појадуваат полесно го поднесуваат диеталниот режим, имаат помали шанси да го прекршат и не трпат глад. Колку покасно јадете, толку тоа е погубно за вашата диета, бидејќи калориите што ги оставивте за подоцна тешко се контролираат.

Вреди ли да ги терам децата да јадат бамја?

Во половина шолја варена бамја има речиси 4 грама растителни влакна, со тоа таа се вбројува меѓу првите пет најбогати растителни извори. Иако нема многу витамини, сепак половина шолја е доволно за да обезбедите 10% од дневно препорачаната доза бета каротен, 20% од дневната потреба од витаминот Ц и значителна количина калиум.

Каква врска им помеѓу сувите сливи и коските?

10 суви сливи на ден го намалуваат ризикот од остеопороза и фрактури на коските особено кај жените во менопауза, потврди студијата со потекло од Флорида. Во текот на истражувањето лекарите ја следеле здравствената состојба на 100 испитаници кои излегле од менопауза. Во првата група биле 55 жени кои година дена јаделе околу 100 грама или десетина суви сливи дневно, а во другата група биле останатите 45 жени кои јаделе суви јаболка. Сите жени внесувале дневно препорачана доза калциум и витамин Д. Анализите покажале дека жените кои консумирале суви сливи имале значително подобра густина на коскената маса.

Дали е штетно да јадам многу зачинета храна, но со малку сол?

Штом не претерувате со солта, безбедни сте! Доколку вашата исхрана се базира на зачини како цимет и куркума, тогаш бидете сигурни дека висококалоричните оброци нема да направат физичка штета на вашето тело. Ваквата информација ја потврди истражувачкиот тим од Пен Стејт Универзитетот кои успеаја да создадат листа на зачини антиоксиданси што го штитат срцето од стресот што му го приредуваат масните оброци. Кога внесувате поголемо количество масна храна, логично се зголемува депото на триглицериди во организмот, доколку ова често се случува или ја преминете пропишаната граница, тогаш веќе сте создале ризик од срцево заболување. Но, научниците откриле дека со додавање зачини во храната, триглицеридите се редуцираат за цели 30%.

Дали ќе имам корист ако вежбам 30 минути во денот?

По најново и 15 минути се сосем доволни! Најновата студија покажува дека 15 минути вежбање во денот го продолжува животот за 3 години. 400.000 доброволци учествувале во студијата што траела цели 12 години, а има за цел да потврди дека спортот води до поквалитетен живот. Оние кои вежбале само по 15 минути дневно, го смалиле ризикот за смрт за 14%, а ризикот од рак за 10%. Резултатите се однесуваат и за двата пола без оглед на возраста. Кај луѓето за кои спортот е непознат поим, бил утврден 17% покачен ризик од смрт, во споредба со групата што ретко спортувала. Последното правило гласеше 30 минути спортска активност, минимум 5 пати во неделата, но по се изгледа само половина од тоа време е доволно за да ги почувствувате бенефициите. За секои додатни 15 минути спортување, се намалува ризикот од рак за 1%.

Мит или факт: Читањето го забавува стареењето

ФАКТ: Истражувачите ви даваат уште еден мотив да се дружите со книгата место со телефонот. Во експериментот во кои биле вклучени 400 мажи и жени, било потврдено дека помалку образованите луѓе стареат побрзо. ДНК примероците сугерираат дека процесот на стареење се одвива побрзо кај луѓето кои немаат високообразовни квалификации во споредба со оние кои имаат диплома. Социоекономскиот статус отсекогаш влијаел врз здравјето на луѓето, пушачите се побројни помеѓу сиромашните слоеви, тие помалку се рекреираат и имаат тежок пристап до квалитетна медицинска заштита. Но, новата студија покажува дека образованието многу повеќе влијае на здравјето, за разлика од приходите, од причина што му овозможува на човекот да носи подобри одлуки. Во истото истражување се вели дека образованата популација е изложена на помал стрес или истиот подобро го поднесува.