НАЈЧЕСТИ стоматолошки интервенции кај млечните заби

НАЈЧЕСТИ стоматолошки интервенции кај млечните заби

Периодот на присуство на млечни заби во устата на детето е релативно долг, односно некаде до тринаесеттата година, и во моите излагања го поделив на неколку дела. Во овој текст ќе се задржам на периодот од третата до шестата година од животот.

Кои се карактеристиките на овој период?
Во овој период, млечното забало е комплетно израснато. По шестата година веќе започнуваат со растење трајните заби и тогаш зборуваме за мешана дентиција, односно забало. Овој период е исклучително важен бидејќи децата по третата година веќе доволно разбираат и се подготвени за соработка со стоматологот. Сите посети и прегледи во стоматолошката амбуланта кои претходно сте ги направиле, сега можат да вродат плод и да се изведат првите нужни интервенции. Кај дечињата кои имаат здрави заби, вообичаена прва интервенција е професионално флуорирање на забите со флуоридни лајнери. За разлика од нив, кај дечињата со кариозни заби и болка во устата, неопходно е таа да ја отстраниме. Откако сме ја добиле довербата на малиот пациент, полека пристапуваме кон санација на сè што е потребно.

Кој е најчестиот извор на болка?
До болка најчесто доаѓа кога кариесот кој го нападнал забот веќе се приближил до неговиот нерв. Млечните заби, за разлика од трајните, се многу покревки и имаат многу помалку тврда забна супстанција и прилично голем нерв со плетеж на крвни садови во средината на забот. Затоа, кариозната лезија кај млечните заби многу побргу напредува и се шири во правец на нервот. Воспалувањето на нервот се вика пулпитис. Во зависност од тоа каква е дијагнозата, односно воспалувањето на нервот, се одлучуваме и за терапија. Секако, приоритет е да ја отстраниме болката. Сметам дека лекувањето на млечните заби е од исклучителна важност, бидејќи само така можеме да ги сочуваме во усната шуплина сèдо нивното надоместување со траен заб.

Како се лекуваат млечните заби?
Лекувањето на млечните заби исто како и на трајните, зависи од дијагнозата која сме ја поставиле. Забите кои имаат некроза или гангрена на нервот, односно нивниот нерв е мртов, подлежат на таканаречен „long term“ третман. Тоа значи дека лекувањето е долготрајно. По отстранувањето на  некротичното/гангренозно ткиво од коренот на забот, каналите во кои нервот бил сместен се иригираат и механички се обработуваат, сèсо цел да се постигне чиста, дезинфицирана средина. Потоа, во забот се става лек кој ја лекува претходно настанатата инфекција. Ова лекување се повторува сèдодека има потреба и понекогаш може да трае и цела година во зависност од типот и големината на инфекцијата со која се бориме. За разлика од мртвите заби, живите заби кај кои кариесот стигнал до нервот подлежат на „short term“или краткотраентретман. Успехот во лекувањето на овие заби е поголем отколку кај претходните бидејќи тука се бориме со помала инфекција. Најпрво го девитализираме забот (го умртвуваме нервот) и потоа краткотрајно го лекуваме. За разлика од возрасните, кај децата, кога дијагнозата тоа го дозволува, имаме можност да го отстраниме само воспалениот дел од нервот-пулпотомија, бидејќи корените на забите се широко отворени и нудат можност за обновување на циркулацијата и инервацијата на забите. Млечните заби, за разлика од трајните, никогаш не се лекуваат дефинитивно со тврдо полнење, бидејќи коренчињата на млечните заби се топат со растењето на трајните заби, што не е случај со материјалот со кој тврдо ги полниме каналите. Затоа, млечните заби остануваат со меко полнење од калциум хидроксид под пломбата, сèдодека не бидат заменети со трајни заби.

Што е со кариесот во овој период од животот?
Кај децата кои во овој период влегуваат со „bottle karies“,за што пишувавво минатиот број на Ваш аптекар, и кај кои е отстранет причинителот за овој тип кариес, можеме да забележиме негова стагнација. Затоа, оваа фаза е важна за санација на дефектите на забите настанати со рапидното распаѓање на глеѓта околу забните вратови. Децата се веќе свесни и за естетскиот момент на нивните кариозни (црни) заби и кога ќе ја видат разликата со поправениот заб одлично соработуваат. Санацијата на овој тип кариес е потполно возможна. Но доколку причинителот за овој тип кариес сèуште постои, односно детето консумира слатки и пијалаци преку шише, кариесот толку брзо напредува и завршува со топење на целата коронка на забот, што е речиси без исклучок проследено со воспаление на нервот на забот, и секако со болка.
Мораме да земеме предвид дека децата до својата шеста година сèуште не се моторички подготвени  темелно и самостојно да ги измијат забите (без помош и надзор од родителот). Затоа, типичен кариес кој настанува во овој период е кариесот на млечните катници (четворките и петките). Тој настанува како последица на лепливата храна која ја консумираат децата и која долго се задржува во нивната уста и во јамичките на забите. Таа храна е вообичаено некаков јаглехидрат кој со своето распаѓање создава киселина, а таа ја топи глеѓта и забната супстанција под неа – дентинот.

Како се поправа кариесот кај млечните заби?
Доколку кариесот на забот го зафатил дентинот, тогаш започнуваме со класичното отстранување на целиот размекнат деминерализиран дел од забот. Настанатиот кавитет го реконструираме со гласиономерна пломба. Таа е одлична за деца бидејќи содржи флуориди кои од неа влегуваат во забот и со тоа го зајакнуваат. Овие пломби се изработуваат брзо, а тоа соодветствува со нивото на соработка на малиот пациент. Исто така, тие не бараат исклучиво сува средина при самата изработка, која кај децата во оваа фаза е речиси невозможна да се постигне.
Кариозните лезии кои се површни и не ја поминале границата на глеѓта, ги премачкуваме со флуоридни лајнери и ја следиме нивната реминерализација. Често таа е успешна и тогаш нема потреба од поправка на забот.

Доколку внимаваме на балансираната исхрана на нашите деца и на хигиената во нивната уста, тогаш нема потреба да се плашиме од кариес. Забите измијте ги најмалку двапати во денот, наутро и навечер, со паста која содржи приспособена количина на аминофлуориди. Редовно одете на контролни прегледи и професионално флуорирање на забите кај вашиот стоматолог.

Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.