Идејата на нашите страници да запознаваме млади личности, ентузијасти, авантуристи и спортисти,чии достигнувања и подвизи понекогаш се граничат со „верувале или не“, овојпат нè доведе до една млада, ведра, а сепак „челична дама“ – Ивана Герчакова. Една од ретките девојки од нашата држава со повеќе спортски епитети зад кои стојат сериозни резултати и достигнувања. Маратонка, ултрамаратонка, алпинистка, велосипедистка… Сето ова крунисано можеби со кралот на ултратешките дисциплини – IRONMAN.
1.Кога првпат се роди љубовта кон спортот и што претставуваше првото посериозно достигнување од многуте кои ќе следат на твојата листа?
Љубовта кон спортот се роди уште восредношколските денови. Започнав посериозно да се занимавам со ракомет и оттука започна сè.
Оттука ми се роди таа дисциплина, таа мотивација, таа желба да навлезам подлабоко во спортот. Првото мое посериозно достигнување беше мојот прв истрчан полумаратон, планот пред трка беше:трчам до 15 км и доволно е. Меѓутоа, во разговор низ целата трка со сестра ми, не ни забележав дека сум завршила. Бев пресреќна, и на сите по улица што ќе ги видев им кажував дека сум истрчала 21 км. Уште наредниот ден барав нова трка.
2.Зад себе имате повеќе маратони, планински ултратрки, триатлони. На повеќето од нив сте се наоѓале и на подиумот. Кој од нив ви оставил најголем впечаток, дополнително ве мотивирал или бил најтежок за вас?
Има премногу трки на кои сум учествувала и секоја од нив ми е драга и вооедно тешка на посебен начин. Како најдрага трка ќе ја издвојам мојата прва трката Ironman во Пула – half дистанца (1,9 км пливање, 90 км велосипед и 21 км трчање) и вооедно и најтешка, бидејќи половина месец пред трка, паднав од велосипед и си ја повредив ногата. Отидов со таква нога и тоа беше борба од 8 часа сама со себе, со телото и со умот. Во такви моменти визуелизирам слики од моите тренинзи и низ сè што сум поминала за да се спремам за ТОЈ ДЕН, таа мисла ме враќа повторно во игра.
3.Се чини дека врвот на Вашите достигнувања се учествата на ултратешките натпреварувања насловени како IRONMAN. Може ли на нашите читатели да им објасниме што, во суштина, претставува ова натпреварување?
За оние кои не знаат, Ironman трката за првпат се одржува во 1978 година во САД. Во 1981 година трката се префрлува во Кона, Хаваи, каде и до ден-денес секоја година се одржува Светското првенство. Тоа е трка од 3,8 км пливање, 180 км возење велосипед и 42,2 км трчање. Во 2001 година се воведува и half дистанца која се состои од 1,9 км пливање, 90 км велосипед и 21,1 км трчање.
4.За обичниот човек, се чини речиси невозможно да се влезе во една ваква дисциплина како што е ултратриатлонот. Што сèе потребно за да се испливаат 3,8 км, да се извозат 180 км велосипед и, на крајот, да се истрча цели 42,195 км и тоа со резултат од 13 часа и 20 минути(официјален резултат од IRONMAN – 140.6во Италија, Емилија-Ромања,во 2018 година)?
Сите ние сме обични луѓе и ништо не е невозможно, всушност, тоа е и мотото на Ironman трките – „Anything is possible“. Aко го сакаш нештото и напорно работиш да го оствариш, самото ќе си дојде, па дури и ти самиот да се чудиш како сето тоа си го споил во еден ден. Звучи лудо.
Многупати слушам дека за сè што правиш, треба да имаш талент за тоа. Дефинитивно не се согласувам со тоа. Потребна е дисциплина, напорна работа, посветеност и, на крај, би додала многу, многу да го сакаш тоа што го правиш. На „финишот“ на секоја Ironman трка, ти кажуваат дека си „ЖЕЛЕЗЕН ЧОВЕК“. Железен човек си 364 дена од година, а тој ден си обичен човек што ужива во тоа што го прави.
5.Кој е најголемиот мотив за една ваква себеисцрпувачка битка?
Кога си изложен на таков себеицрпувачки момент, од тебе излегуваат сите оние „лоши“ работи, кои не си ни свесен дека ги имаш, бидејќи секогаш си бил во омилената комфорна зона. За мене, нема поголем мотив од тоа свесно да се предизвикуваш на такви моменти и да работиш на тоа да ги измениш работите на подобро.
6.Бидејќи станува збор за микс од три различи дисиплини, како успевате да ги искомбинирате тренинзите, со оглед дека сте млад човек, вработена сте и уживате и во останатите аспекти од живот?
Има доста одрекувања, меѓутоа ако се направи добар концепт на времето, сè се постигнува.
7.Дали имате некакви посебни диететски режими и колку храната е фактор за ваквите активности?
Главен фактор во спортувањето кај мене има храната. Со добро комбинирање на храната, се завршуваат и најтешките трки. Гледам да внесам доволно квалитетна храна, која најмногу се сведува на зеленчуци, овошје и многу, многу течности.
8.Дали има други учесници од Македонија на ваквите ултратриатлони? Пред сè, мислиме на девојките, или Ивана е единствена засега?
Првата девојка којаги има завршено Ironmanтрките и half и full дистанците е Леана Таќи. Кој не ја знае, таа е девојка која прва го започна ова IRON „лудило“. Tаа е девојка која придонесе многу во триатлонот во Македонија, зарази и мотивира многу девојки да се впуштат во вакви челични авантури, вклучувајќи ме и мене. За мене, претставува поим во триатлонот.
9.Кој е следниот предизвик на Ивана?
Следниот предизвик на Ивана е да се одмори? Се шегувам, секогаш се наоѓа по нешто интересно, себенадминувачко и доволно примамливо да се проба. Се надевам и оваа година ќе биде така.
10.Што би им препорачала на младите?
Нема ништо да им препорачам на младите, ќе им препорачам на нивните родители. Да ги пуштат да спортуваат, да ги поддржуваат и да веруваат во нив, зашто тоа ќе биде нешто најдобро што може да им се случи.