Ишијасот, познат уште и како лумбоишијалгија, претставува болка која почнува во половината, па се шири по должина на нозете и e проследена со трнење, слабост во мускулите или недостаток на чувство во некој дел од нозете. Болката може да биде непријатна. Симптомите се појавуваат одеднаш и траат со денови или со месеци. Најпогодени се лицата од 30–50 година од животот. Најчеста причина за појава на ишијас се долготрајно седење како и недоволна физичка активност.
Најчести причини за појава на ишијас
Ишијасот воглавно настанува како резултат на дегенеративни промени на дисковите помеѓу пршлените, недоволна физичка активност, како изаради:
· Неправилно седење и одење
· Носење високи потпетици
· Кревање тежок товар и повреда
· Дегенеративно заболување на интервертебралниот дискус во лумбален дел
· Тумор на ‘рбет
· Бременост. Промените низ кои поминува телото при бременоста, како зголемување на телесната тежина, притисок од плодот и хормонални промени, може да доведат до појава на ишијас
· Секундарно, како резултат на некое примарно заболување како што е дијабетес
Сигнал дека можеби на повидок се симптоми на ишијас
Главен симптом е остра, жаречка болка проследена со чувство на трнење, слабост, вкочанетост и здрвување. Во најголем дел од случаите се јавува на една страна, односно од половината се спушта по должина на едната нога. Одредени положби на телото може да влијаат врз интензитетот на болката, па така болката најчесто се зголемува при исправена положба, одење, клекнување или свиткување во половината, додека во лежечка положба, болката делумно се намалува или целосно исчезнува.
За правилна дијагноза на ишијас потребно е да се земе добра анамнеза и да се направи детален физикален и невролошки преглед.
Со цел да се одреди причината за појавата на ишијас, во некои случаи потребни се и дополнителни испитувања, како правење на електромиограм, рендген, компјутерска томографија и магнетна резонанца.
Превенција
За да се намали ризикот од појавата на ишијас потребно е да се обрне внимание на начинот и стилот на живење и да се направат соодветни промени како што се:
· Лежење и спиење на тврд душек на страна и со свиени нозе и перница помеѓу колената. Да се избегнува спиење на стомак.
· При седење потребно е максимална исправеност на ‘рбетот. Висината на столицата треба да се прилагоди така што колената да бидат под прав агол. Исто така, се препорачува да не се седи со прекрстени нозе.
· При стоење тежината рамномерно да биде распределена на двете нозе.
· Здрава исхрана.
· Физичка активност.
Терапија
Постојат неколку опции за третман во зависност од причината која довела до појава на симптомите, како и нивниот интензитет.
Најчесто се користат аналгетици за ублажување на болката, мускулни релаксанти и др. Во потешки случаеви се применува кортикотерапија.
Понатамошното лекување вклучува физикална терапија, вежби и масажи.
Во одредени случаи, единствена опција за лекување е хируршка интервенција, која за среќа не е потребна кај најголем дел од пациентите