Тие можат да ви помогнат да симнете некој килограм, па дури и да ја истерате несоницата, но кое јаткасто овошје е најздравиот избор токму за вашата состојба?
За да го намалите холестеролот: ОРЕВИ
Редовното консумирање ореви го намалува холестеролот во просек за 0.3 единици (пример: од 5.5 до 5.2 mmol/l). Фактите се базирани врз 13 научни студии, вклучувајќи 365 испитаници. Неопходно е да консумирате 30 грама ореви дневно за да ги почувствувате бенефициите по еден месец.
За да го фатите уморот во костец: ИНДИСКИ ОРЕВИ
Индиските ореви имаат двојно повеќе железо од меленото говедско месо. Железото е есенцијален минерал за организмот, бидејќи има улога на разнесувач на кислородот до сите единици во телото. Неговиот недостаток резултира со екстремен умор и ниска концентрација.
За да ја намалите тежината: КИКИРИКИ
Изобилството на протеини, масти и растителни влакна дава чувство на ситост подолго време. Истражувањето на Универзитетот Харвард откри дека диетите во кои се вклучени кикирики и путер од кикирики се полесни за почитување и даваат посигурни резултати, за разлика од диетите базирани на производи со ниска масленост, а речиси ист број калории.
За да го намалите крвниот притисок: Ф’СТАЦИ
Во една рака ф’стаци има повеќе калиум од банана. Токму поради тоа важат за одлични регулатори на крвниот притисок со оглед на научните докази дека калиумот ги блокира ефектите од солта.
За да го намалите ризикот од рак: БРАЗИЛСКИ ОРЕВИ
Тие се најбогатиот извор на селен на планетава, нутритивна состојка што ги штити клетките. Високото ниво на селен во крвта се потврдило дека го намалува ризикот од одредени типови на рак (рак на простата и на мочен меур).
За да го намалите шеќерот во крвта: БАДЕМИ
Богати со растителни влакна и јаглехидрати, бадемите го снижуваат индексот на гликемија (нивото на шеќер што завршува во крвотокот) што би го внеле со оброкот. Исто така содржат висок процент на магнезиум што исто така учествува во регулирање на шеќерот. На дијабетичарите им се препорачува да јадат бадеми со секој оброк.
За општо подобрување на имунитетот: ЛЕШНИЦИ
Богати со монозаситени масти здрави за срцето и витамин Е кој важи за најголем заштитник на клетките. Не е за потценување ниту нивото на растителни влакна, калциум, магнезиум, цинк, фолна киселина, биотин. Здрава ужина за кој било дел од денот.