ЈОГА ВО БРЕМЕНОСТА

ЈОГА ВО БРЕМЕНОСТА

Јогата е древно знаење за човекот и за животот. Со практикување на јога вежбите се развива ново ниво на свесност кое ве води кон состојба на внатрешен мир, што е непресушен извор на мудрост и креативна енергија. Периодот на бременоста е важен и за мајката и за бебето. Во текот на бременоста настанува „револуција“ од промени во телото и душата. Внатрешниот мир и мајчината љубов се од голема важност за хармоничен психоментален развој на новороденчето. Јогата преку својот систем на техники, може да и помогне на жената да ги разбере тие промени и да ја искористи нивната енергија позитивно.

Разбудете ја внатрешната сила и разберете ја својата вистинска природа!

КОГА ДА СЕ ПОЧНЕ СО ЈОГА ВЕЖБИ?
Се препорачува започнување на јога вежби по третиот месец од бременоста. Така, трудницата ќе има време да научи како да се релаксира, како да го контролира и продлабочи дишењето и како да ја насочи енергијата за да може тоа искуство да го примени во текот на породувањето.

Јога во бременоста од лично искуство
Подготовките за пристигнување на моето бебе започнаа уште за време на бременоста. Тогаш активно ги практикував јога вежбите (асани) во консултација со јога инструктор. Тие ми помогнаа бременоста да ја поминам безбедно, без компликации и во позитивна психичка состојба. Така, со чиста љубов и потполно прифаќање го дочекав своето новороденче. Смирувачките јога вежби за дишење и за релаксација, а најверојатно и самата посебна состојба, спонтано ми помoгнаа да немам никакви негативни мисли. 
На часовите ТЕЛЕСНИТЕ ВЕЖБИ беа приспособени за периодот на бременоста. Со вежбите се постигнува поголема еластичност и цврстина на мускулатурата, се зголемува подвижноста на карлицата и се отстрануваат или ублажуваат болките во грбот и во половината. Вежбите не се напорни, не исцрпуваат, напротив, освежуваат и го враќаат доброто расположение. 

– Став (асанапеперутка

Помага да се олабават мускулите на колковите и препоните.

 
Став (asana) мачка

Оваа вежба се фокусира на мускулите на вратот, рамената и ’рбетот . Тоа помага за полесно движење без тегоби.

Составен и неизбежен дел од часовите беа ДЛАБОКО И РИТМИЧНО ДИШЕЊЕ, преку кое се обезбедува повеќе кислород и повеќе витална енергија. Техниките на дишење ме релаксираа и ми помогнаа да ја сочувам позитивната енергија.

* Mаксимата дека во текот на бременоста треба да јадете за двајца не важи, но е точно дека треба да дишете за двајца.

РЕЛАКСАЦИЈАТА беше неизбежна за ослободување на акомулираната напнатост. Техниките на дишење и на релаксација ми беа од голема корист за свесно опуштање помеѓу контракциите во текот на породувањето и побрза ревитализација и ментална свежина по породувањето.

ШТО СЕ ПОСТИГНУВА?

– Со јога вежбите жената учи да се релаксира, да го контролира дишењето, да ги негува позитивните мисли и на тој начин ја обновува својата енергија.

– Полесно да се соочи со емотивните промени карактеристични за овој период, како и со постпородилната депресија кога се јавува.

– Да ја одржи внатрешната смиреност и хармонија, што се пренесува и на бебето за време на бременоста. Истражувањата покажуваат дека бебето во утробата е под влијание на севкупниот начин на живеење на мајката. Внатрешниот мир, стекнат преку практикувањето на јогата, надополнет со мајчината љубов е од голема важност за хармоничен развој на новороденчето.

Се овозможува телото и духот брзо да се вратат во претходната состојба.