Како да се одржи страста меѓу родителите

Како да се одржи страста меѓу родителите
Децата несомнено се плод на заедничка љубовна приказна меѓу двајцата родители, и секако една нова фаза во  љубовниот  соживот меѓу нив. Меѓутоа,новите членови во семејството носат и нови обврски и окупација, особено на мајката, па не ретко љубовта и страста позната претходно почува да се менува, а неретко и да исчезнува. И сето ова може да е во ред, барем на почетокот, додека родителите се запознаат подобро со новиот член и со новите улоги, дури и по цена да се жртвуваат дел од досегашните задоволства. Но, она што никако не смее да се жртвува е љубовта меѓу партнерите родители.

Многу често се случува заради оптовареност со обврски да не ви остане време за себе, а уште помалку за партнерот. Во секојдневната преокупација од обрски, се случува да заборавите дека пред да станете родители, сте биле љубовници, и тогаш основна цел ви била како да го направите партнерот среќен и задоволен, а со тоа и двајцата да бидете среќни.
Доколку заради премногу обврски кои ги носи родителството сте заборавиле на себе и партнерот, првиот чекор кон враќање во нормала е да ја прифатите реалната ситуација во која се наоѓате и да се потсетите каков ви бил заедничкиот живот пред да се приклучат децата. Емоциите сигурно се некаде длабоко во вас, едноставно  треба да ги разбудите.
Како се однесувате кон партнерот и кои емоции ги покажувате, влијае и врз развојот на децата и како тие понатаму ќе ги искажуваат своите емоции кон своите животни партнери.

Отворена комуникација – клучен фактор

Многу е важно да комуницирате отворено, дури и за најмалите детали, затоа што ако нешто е неважно за вас, можеби е важно за партнерот и обратно. Општо е познато дека со зголемување на бројот на членови во семејството, се зголемува и бројот на обврски за партнерите. И кога обврските не се рамномерно поделени или се потценува нечија работа, тогаш се зголемува и бројот на кавги и конфликтни ситуации во домот. Во отворен разговор со партнерот, кога и двајцата сте релаксирани и без итни обврски што ви тежат над главата, пробајте да се договорите и да ги поделите соодветно обврските околу децата и домот. Подобро се работи на романтиката кога знаете дека ги имате поддршката и разбирањето од партнерот.

15-годишна студија направена во САД открива дека клучот за задоволство и среќа во бракот е заедничкото носење на одлуки. Кавги има во секое семејство, но дали бракот ќе се одржи или разниша зависи од способноста на партнерите за соработка и почит.

 

Сигурно секој од вас има по еден пар пријатели кои зборуваат само за децата на секоја дружба. Најверојатно и меѓусебно само за тоа разговараат. Што јаделе децата, што направиле во градинка или училиште, колку се добри во спорт итн… И сигурно не сакате да бидете еден од тие парови. Да комуницирате меѓусебно, значи да си одвоите по неколку минути во текот на денот да се прашате меѓусебно како сте, како го поминавте денот на работа, да се потсетите на омилената песна или филм и на тоа дека постои и живот надвор од тој што го диктира грижата за децата.
Пробајте барем еднаш месечно да организирате романтичен состанок само за вас двајца. За чување на децата договорете баба, дедо, тетка или изнајмете бебиситерка на неколку часа. А вие изберете ресторан, некој спа центар или, пак, мирна вечера дома. Во прилог на заедничката дружба е да имате и заедничко хоби.

Одвојте слободно време
Добра идеја е повремено да го разгалите партнерот, на што таа/тој треба да ви врати со иста мера. Дајте и/му слободен ден од родителските обврски, ден што ќе може да си го посвети само на себе, додека вие тој ден ќе ги завршите и нејзините/неговите обврски. Сигурно ќе ви биде малку тешко, ама нека ве води мислата дека и вашиот ден ќе дојде набрзо.
Покрај заедничкиот одмор со децата, добро е да имате барем еден викенд за себе, без деца. Изберете некоја блиска локација со набиен распоред за уживање, а децата оставете ги кај баба и дедо. Најверојатно ќе ве гризе совеста првите неколку часа или првиот ден, но дома ќе се вратите релаксирани со полни батерии за справување со родителските одговорности.

Делете комплименти

Ако порано комплиментите се однесувале повеќе на физичкиот изглед, сега потрудете се да не ги изоставите тие, но обрнете повеќе внимание на тоа како партнерот се справува со грижата за бебето, но внимава и на останатите членови на семејството. Пожелно е да го опсипувате партнерот со комплименти секојдневно.

Одржувајте здрав сексуален живот.

Да, постојано сте исцрпени, немате време, низ глава ви поминуваат разни ситуации на кои треба да одговорите, но сето тоа се само изговори за да избегнете да бидете интимни со партнерот. Ова најмногу се менува како приоритет кај жените. Точно, тешко е да се вратите на тоа веднаш по породувањето, кога и самите не можете да се препознаете ни физички ни психички, а врз тоа треба да се прифатите и во новата улога на мајка. Но, тоа не значи дека и после неколку месеци сèуште треба да го избегнувате партнерот. Сексот е и ваша биолошка потреба, а не само барање од партнерот. За многу жени, сексот е рефлексија на моменталната фаза во која се наоѓа врската меѓу партнерите. Ако се чувствуваат неразбрани или повредени, влијае на тоа како го доживуваат партнерот и како мислат дека партнерот ги доживува нив.

Вашата љубов и хармонија е важна за развојот на вашите деца

Децата веднаш насетуваат кога нешто не е во ред, како на пример доколку нивните родители не се среќни во бракот, иако пред нив никогаш не избувнале еден спрема друг или имале расправија. И за децата е добро да видат дека родителите се блиски и дека споделуваат нежности, како гушкање додека се гледа филм, некое попатно милување или бакнеж. Така и децата учат дека одредени емоции треба да се покажат во јавност, а од друга страна, тоа ќе ве опушти вас како родители и полесен ќе биде транзитот кон нешто поинтимно што треба да се одвива зад затворени врати. И бидете снаодливи, украдете по некоја минута во текот на денот, не мора тоа секогаш да биде доцна навечер откако ќе заспијат децата, кога и вие сте на половина пат до длабок сон.

Семејството е силно колку што е силен бракот, едното без другото не може да опстане. Гледајте на бракот и семејството како на тим, простувајте си, не бидете злопамтила и фокусирајте се на љубовта!