КАКО ДО ЗДРАВИ МЛЕЧНИ ЗАБИ

КАКО ДО ЗДРАВИ МЛЕЧНИ ЗАБИ

Периодот на млечни заби во устата всушност и не е така краток. Последниот млечен заб во устата останува некаде до дванаесетата односно тринаесетата година од животот и затоа сметам дека истите несмеат да се занемарат. Квалитетот на живот со расипани или прерано извадени млечни заби никако неможе да се спореди со оној на здравото млечно забало, почнувајки од добрите навики и добрите искуства со стоматологот, преку функцијата на џвакањето и  подготвувањето на храната за понатамошно варење во дигестивниот тракт, па се до чувањето на простор во вилицата за правилно никнење на трајните заби. Бидејќи на темата има многу да се зборува ќе ја поделам на неколку периоди и во овој текст ке се задржам на периодот од 0 до 3 години.

 Каков е редоследот на никнењето на млечните заби?
Првиот млечен заб во устата на бебето  најчесто се појавува помеѓу четвртиот и дванаесеттиот месец  од животот. Вообичаено тоа се првите долни секачи. По нив следуваат првите горни секачи,  потоа вторите горни секачи, па вторите долни секачи. По овој период следува некакво мало затишје, потоа околу осумнаесетиот месец се појавуваат првите молари (четворките), потоа песјаците и на крајот вторите молари (петките) . Овој редослед многупати не е запазен,но кај родителите нема простор за грижа се до третата година од животот на детето кога растот  на мечните заби треба да заврши и во нивната устата да ги има вкупно дваесет на број. Многу ретко се случувабебето да се роди со заби, тнр. натални заби.

Кога треба да започнеме со миење на забите?
За да имаме здрави заби и здравје во устата потребно е да започнеме со грижата за нив уште со никнувањето на првиот млечен заб. На почетокот секако нема потреба да користиме класична четка за заби и паста. Првите запчиња обично ги чистиме со газичка замотана на прст или со гумена четкичка која родителот како напрсток ја става на својот прст. На бебињата оваа хигиена им годи како игра и им помага во чешкањето на набрекнатите непца каде ќе пробиваат млечните заби. По првиот роденден веќе можеме да почнеме со четкање на забите со четка, која е детска со исклучиво мал активен дел, препорачливо без паста. Горните заби ги четкаме од горе надолу или како што врне дождот, долините заби па од долу нагоре или како што расте тревата. Паста можеме да воведеме во втората година од животот. Количината на забна паста на четка треба да биде колку ноктето од малото прсте на раката на вашето дете. Пастата да биде прилагодена за деца и задолшително да соджи флуориди.

Од што име се расипуваат запчињата на малите деца?
Она што им ги расипува односно топи запчињата на малите дечиња е  тнр. „Bottle“ кариес. Тој настанува како резултата на пиење млеко и засладени течности преку шише. Шеќерите и киселините од тие течности, кои долго се задржуваат во устата на детето, ја топат кревката глеѓ и на тој начин настанува циркуларен кариес околу забите. Во почетокот тој кариес изгледа како бела наслага околу запчињата која со четкање неможете да ја отстраните,  тоа е всушност деминерализација на глеѓта. Потоа кога кариесит се продлабочува и го зафаќа дентинот (внатрешната супстанција на забот) забите стануваат разјадени околу забните вратови. Со напредубањето на кариесот запчињата целосно се топат и одронуваат.

Како да ги заштитиме децата од овој кариес?
Бидејќи овој кариес е исклучиво инвазивен и брзо напредува им советувам на родителите да избегнуваат секакви засладени течности кои детето би ги конзумирало преку шише. Бебињата и малите дечиња кои користат шишенца се прилично приврзани за нив, и токму тука е проблемот. Слатките течности долго време се присутни во нивната уста, со што се намалува PH  нивото во неа и се создаваат идеални услови за топење на глеѓта и појавување на овој тип кариес. Односно препорачливо е на детето да му понудите вода по секој пијалак кој содржи шеќери или овошни киселини. Во критичните пијалаци го вбројувам и млекото, особено вечерното бидејќи тоа останува во устата преку целата ноќ и е можеби најодговорно за настанувањето на „Bottle“ кариесот. Преку ноќта излачувањето на плунката е намалено, а со тоа е намалена и функцијата на спонтано плакнење на устата, затоа најдобро е навечер дечињата да конзумираат исклучиво вода. По првата година препорачливо е да се усвои техниката на пиење од чаша, со што пијалакот ќе се исконзумира одеднаш, а потоа устата ќе се исплакне со вода.

Дали пиењето преку шише и користењето на цуцла лажалка предизвикува деформации на вилицата?
Студиите покажуваат дека за правилен развој на орофацијалната регија (долната третина од лицето), покрај генетскиот фактор, придонесува и доењето. Децата кои се доени, имаат значително помалку вилични деформации од децата кои добивале млеко преку шише. Разликата е во начинот на цицање. При доењето се активира многу поголема група на мускули и млекото од градата всушност не се цица туку се истиснува со помош на јазикот и движење на долната вилица, за што се троши околу шеесетпати повеќе енергија од цицањето на млеко преку шише. Зголемената активност на мускулите од оваа регија водат кон правилен раст и развој на истата.
Лошите навики како што се користење на цуцла лажалка, цицање на прст, дишење со отворена уста, вметнување на јазикот помегу забите при голтање, секако води кон деформитети на вилиците и долната третина од лицето. Затоа важно е доколку родителите забележат некоја од тие „лоши“ навики навреме да се консултираат со стоматолог и доколку има потреба понатаму децата да подлежат на ортодонтска терапија.
За правилен развој на вилиците покрај доењето улога има и конзумирањето на друга храна по шестиот месец. Цврстата храна мора да биде во сооднос со развојниот степен на забите, за да може детето да ги користи за гризење и џвакање, што е всушност нивната главна функција.

Кога првпат да се направи стоматолошки преглед?
Првиот стоматолошки преглед можете да го направите со никнувањето на првите запчиња односно по првиот роденден. Детето тогаш се запознава со докторот и ординацијата. Родителите добиваат корисни совети околу начинот на кој треба да се грижат за забите на нивните малечки и совети за правилна исхрана. Контролен преглед е пожелно да се прави на шест месеци. Така докторот може редовно да го следи вашето дете и доколку има потреба за било каква интервенција, таа речиси секогаш е кратка и безболна. Со тоа создавате добар пациент кој нема страв од одење на стоматолог и има добри навики за усното здравје.

Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.