Иако секојдневните препораки се во насока да се избегнува прекумерната изложеност на сонце, бронзениот тен сѐ уште важи за симбол на убавина, па многумина, иако се свесни за последиците, сепак прекумерно се изложуваат на сонце.
Внимавајте! И краткотрајното изложување на прејако сонце може неповолно да делува на нашата кожа, косата и очите.
УВ светлината е составена од три вида зраци: УВА, УВБ и УВЦ и тие се разликуваат меѓу себе според степенот со кој можат да продрат во различните слоеви на кожата.
УВА зраците во целост допираат на површината на земјата во текот на целата година независно од временските околности. Имаат способност да продираат преку водни и стаклени бариери и навлегуваат подлабоко во кожата.
УВА зраците се одговорни за губење на еластичноста на кожата, предизвикуваат појава на брчки и предвремено стареење на кожата.
УВБ зраците се високоенергетски зраци кои допираат со само 5% на површината на земјата.
УВБ зраците се главниот причинител за појава на црвенила, исипување и изгореници, а се одговорни и за посериозни и долготрајни оштетувања на кожата, како и ризик-фактор за појава на канцер.
УВЦ зраците се со најкратка бранова должина и се најопасниот вид УВ радијација. За среќа, целосно се задржуваат од озонската обвивка и не допираат до лицето на земјата.
Што претставува УВ индекс и на што треба да внимаваме?
УВ индексот е дефинирана нумерација на скала од 1-11, што ја одредува способноста на УВ зраците да продрат и да ја оштетат нашата кожа. УВ зрачењето со индекс над 6 (портокалова зона) е особено опасно за човековото здравје.
За време на летните горештини, кога УВ индексот е високо на скалата, планирајте ги своите активности без непотребно да се изложувате на сонце.
КАКО СОНЦЕТО ДА СТАНЕ ВАШ ПРИЈАТЕЛ?
Одржете ја вашата кожа свежа и здрава, а воедно постигнете го и посакуваниот тен!
Умереното изложување на сонце во кратки временски интервали природно ја зголемува отпорноста кон УВ зраците доколку постепено се приспособувате.
Практикувајте утринско сончање.
Забелешка: Изложеноста на сонце без заштитен фактор треба да биде исклучиво во утринските часови од 7-10 часот, во краткотрајни интервали максимум 10-15 минути.
По постигнувањето на 15-минутното дневно сончање, задолжително е користење на заштитен фактор со минимум СПФ 30.
Практични совети:
· Најпрво се употребуваат препаратите со највисок заштитен фактор, а потоа факторот се намалува.
· Препаратот за заштита од сонце секогаш се нанесува 30 минути пред изложување на сонце.
· По сончањето, користете млеко по сончање за хидратирање и враќање на виталноста на кожата.
· Нанесувањето на фотозаштитни препарати не значи дека може да останете на сонце долго време.
· За време на облачен ден, 30-50% од УВ зраците допираат до вашата кожа, па сепак е возможно да изгорите.
· Употребувајте соодветна облека за заштита од сонцето (капа, очила за сонце, лесна и светла облека од природни материјали – памук или лен).
· Избегнувајте изложување на сонце од 10-17 часот.
· Внесувајте што е можно повеќе вода и природни сокови.
ВАЖНО: КОРИСТЕТЕ КВАЛИТЕТНИ И ПРОВЕРЕНИ ФОТОЗАШТИТНИ ПРЕПАРАТИ КОИ ВО СВОЈОТ СОСТАВ ТРЕБА ДА СОДРЖАТ УВБ И УВА ФИЛТРИ ЗА ЗАШТИТА НА КОЖАТА
Сепак, ниедна козметичка линија нема целосно да ја заштити вашата кожа, доколку не ѝобезбедите дополнителна поддршка преку соодветна исхрана.
Затоа, збогатете ја исхраната со витамини и минерали и станете пријатели со сонцето!