Капината е бобинка која расте како дива грмушка по краевите (рабовите) на шумите, но може да се одгледува и како питома. Дивите капини имаат поситни плодови од питомите.
Лековити особини
Капината е добар антиоксиданс. Содржи витамини и минерали, од кои особено се истакнуваат витаминот Ц и железото. Плодот е богат со растителни влакна и со корисни есенцијални киселини. Добар е за намалување на холестеролот. Освен што е важна во исхраната,како и секое овошје, капината се покажала како моќно средство за подобрување на крвната слика. Со повеќедневна употреба на капината, се зголемува нивото на железото и хемоглобинот, а со тоа и црвените крвни зрнца (еритроцити). Ова е многу важно кај лицата со анемија. Во бременоста, може да дојде до намалување на железото, при што капината може многу да помогне оваа појава да се ублажи. Листовите од капина се исто така многу лековити и може да се користат за приготвување чај. Овој чај е одличен против дијареја, а делува и како диуретик. Исто така,чајот од листови од капина може да се употребува за гаргара (плакнење) на устата во случај на парадентоза и ранички во устата, како и за зајакнување на непцето. За приготвување на чајот се препорачуваат млади листови од дива капина. Најдобро е капината да се јаде свежа, но исто така е добра и смрзната, која е достапна во текот на целата година. Капината се користи како суровина во прехранбената индустрија за правење џем, слатко, сок и капиново вино.
Капиново вино
Капиновото вино е одличен производ кој се препорачува за консумирање наоние лица кои имаат проблеми со холестерол и анемија.
Се препорачува за здраво срце и крвни садови, па дури и како превенција и намалување на ризик од настанување на некои видовирак.
Капиновото вино може да се купи или да се направи во домашни услови.
Рецепт за капиново вино
– 2 кг капини,
– 500 г кафеав шеќер.
Во поголем стаклен сад (тегла) се ставаат претходно малку изгмечените капини и шеќерот,и добро се промешува. Теглата се полни до 2/3, за да може смесата непречено да врие и се покрива со чиниче или газа. Смесата се чува 20 дена на топло место. Секој втор ден смесата треба да се промеша. По 20 дена, капиновото вино се процедува и се полни во чисти стаклени шишиња. Покриени со газа, шишињата треба да отстојат уште 7 дена. Потоа шишињата добро се затвораат и се чуваат на ладно место. Се препорачува дневно да се пие 50 до100 г од капиновото вино, еден месец.