Недостатокот на интимни моменти меѓу родителите многу често е причина за нарушување на брачната хармонија. Во голема мера, ваквата состојба, првенствено, е поради „делењето“ на брачниот кревет со вашите деца. Немањето концепт или, пак, храброст да ги оставите сами во својот кревет, само ја пролонгира и ја усложнува целата ситуација.
Доколку вашето дете делумно или, пак, во текот на целата ноќ спие помеѓу вас и вашиот партнер, време е да ја преземете работата во ваши раце.
За почеток наоружајте се со оптимизам
Многу е важно да се разговара со детето и да му објасните дека веќе е време кога треба само да спие во својот кревет. Бидете оптимисти и охрабрувајте го детето за тоа. Доколку негодува, секогаш бидете смирени. Дури и кога сте на крајот од трпението, бидете одлучни и секогаш во настојувањата внесувајте доза хумор.
Направете соодветен амбиент
Приспособете ја детската соба или катчето во кое е сместен креветот соодветно за возраста и за афинитетите на детето. Изборот на формата на креветчето и неговата боја може да го олеснат процесот, па детето полесно да го прифати новото место за спиење. Ѕидовите можете да ги украсите со слики од омилените ликови, а на таванот можете да поставите ѕвездено небо на кое секој ден може да дополнувате по една звезда како награда. Омилената кадифена играчка нека биде придружникот со кој некое време вашето дете ќе го дели своето креветче.
Внимавајте на пладневното спиење
Доколку детето спие преку ден, обидете се да го контролирате времето. Најдобро е ако овој пладневен одмор завршува некаде до 14.00 часот. Ограничете го дневниот одмор на најмногу 2 часа. Доколку детето спие повеќе и подоцна во текот на пладнето, многу потешко ќе оди вечерното заспивање, па можни се многу други изговори и барања. Создадете услови детето природно да го совлада потребата само да си легне.
Утврдете распоред и следете го
Нештата правете ги по утврден распоред. Со тек на време, тие ќе станат рутина и најава дека е време за спиење. По вечерното туширање, миењето на забите и читањето на омилените сказни, детето ќе биде подготвено да заспие. Во текот на овие активности, постојано потсетувајте го дека по нив, сам ќе оди во својот кревет. Правете го тоа на позитивен и охрабрувачки начин. Покажате му дека сте радосни и дека неговите постапки укажуваат дека тој полека станува доволно голем, па потребата да спиете заедно веќе и не е толку добра идеја.
Не прилегнувајте со него додека му читате. Можно е сонот попрво вас да ве совлада. Завршете со читањето, кажете му дека го сакате, бакнете го и посакајте му добра ноќ.
Што ако ве повика или ако почне да плаче?
Доколку ви изгледа исплашено, останете мирни и настојувајте да го охрабрите, но немојте да го поттикнувате таквиот страв и да останувате во собата додека да заспие. Доколку детето е премногу вознемирено, бидете тивки и седете до неговиот кревет со минимален контакт. Само колку да забележи дека сте тука или со сосема мал контакт и нежен допир по косата или раката. Избегнувајте разговор и не вадете го од креветот. Кога целосно ќе се смири, повторно посакајте му добра ноќ и излезете од собата. Кажате му дека одите да се напиете вода или во тоалет и дека ќе се вратите повторно. Сепак, одржете го ветувањето и дојдете за некоја минута. Дотогаш, веројатно детето ќе заспие. Доколку сè уште е будно, пофалете го што останало во креветот и повторно излезете. Враќајте се сè додека не заспие, но најважно е да не чекате во собата додека да заспие.
Не затворајте ја вратата
Доколку детето го напушти креветот, нежно вратете го назад. Повторувајте го ова сè додека не заспие. Ова може да се повторува некое време, па затоа имајте трпение. Не затворајте ја вратата од собата во којашто детето спие, туку само подзатворете ја. Со затворена врата детето може да се чувствува исплашено, отфрлено или, пак, казнето, а вие ќе немате контрола што прави детето.
Добро е да бидете во близина
Пожелно е по заспивањето на детето и вие да појдете на спиење. Доколку детето се буди во текот на ноќта и ве бара или, пак, само ќе се појави во вашиот кревет, нежно вратете го во неговата соба и неговиот кревет и постапете исто како при заспивањето. Немојте да попуштате и да му дозволите да заврши во вашиот кревет. Ова само ќе го забави и ќе го отежне процесот на учење. Децата коишто редовно во текот на ноќта преминуваат во креветот на родителите, го доживуваат својот кревет само како привремено место за заспивање. Ова не само што им пречи на родителите, туку му штети и на детето, бидејќи го нарушува квалитетот на неговото спиење. Детето треба да разбере дека неговото место е постојано и безбедно за спиење.
И утрата се важни
Кога ќе се разбуди детето наутро, покажете му ја вашата радост и задоволство за тоа што само било во својот кревет. Дајте му утринска доза љубов и милување и започнете го денот во хармонија.
Целта ги оправдува средствата
Повторувајте ги постапките секојдневно по истиот распоред, како при подготовките за заспивање, така и во текот на заспивање. Не обесхрабрувајте се ако резултатите не се видливи веднаш или не се во склад со вашите очекувања. Не заборавајте дека е ова процес на учење и дека ќе трае некое време. Како и за сè друго, и за овој процес успехот е неизбежен доколку останете доследни и истрајни. Привикнувањето на самостојно спиење е индивидуално. Кај деца на двегодишна возраст, вообичаено се доволни две до четири ноќи на привикнување и самостојно спиење. Некаде може да е потребно подолго време. Сепак, на крајот, детето ќе ги научи и ќе ги присвои новите навики на спиење.