КОГА ДА СЕ ЗАПОЧНЕ СО МИЕЊЕ НА ЗАБИТЕ КАЈ ДЕЦАТА?

КОГА ДА СЕ ЗАПОЧНЕ СО МИЕЊЕ НА ЗАБИТЕ КАЈ ДЕЦАТА?
Здравјето започнува од устата, па оттука, одржувањето на здравјето на усната шуплина и денталното здравје се од особена важност.
Стекнувањето, пак, на навиките на одржување правилна хигиена е особено значаен процес на кој, како родители, треба да му обрнеме посебно внимание.

 

Кога и како да се започне со одржување на хигиената на забите и устата?
Со одржување на хигиената може да се почне пред никнување или со никнување на првото млечно запче. Така што, гингивата во устата на бебето се брише со влажна газичка. Со неа може да се продолжи и кога ќе никнат првите заби. Забите треба да се пребришат и наутро и навечер и по некој пообилен оброк. Исто така, може да се користат и гумени или силиконски напрстоци кои ги има во аптеките. Но и обичната газа ја има истата функција. Ваквиот начин на хигиена може да се користи до две години.

Кога да се започне со четка?
Четката за заби се воведува полека. Најпрво, детето си игра со неа, а подоцна се почнува со четкање на забите. Четката треба да биде мека и со помала глава. Не треба да се користи паста, бидејќи децата не знаат да плукаат, па ќе ја голтаат.Над две години, количеството паста ставена на четката за заби треба да биде колку зрно грашок и ништо повеќе. Тоа е доволно количество да ги измие добро забите.

Пастите за заби содржат средства за чистење, детергенти, средства за влажнење, боја, арома, флуориди и средства за врзување. Флуоридите спречуваат појава на кариес. Денес, сите пасти содржат флуориди, иако се во минимални концентрации. Во поново време, на пазарот се појавуваат органски пасти кои се на природна база и не содржат флуориди.

До третата година, миењето на забите најдобро е да го прави родителот, а потоа, до поаѓање на училиште и понатаму, миењето на забите да го изведува детето, но под мониторинг на  родителот. Во исто време, треба да се воведе и користење на конец за заби. Во западноевропските земји, користењето конец има предност во однос на миењето на забите. На крај, нежно се четка јазикот и се мијат устата и четката. Родителите треба да им помагаат на децата во миењето на забите сè додека детето не ја совлада техниката на миење. Се четкаат и гризните површини со движења  напред назад.

Д-р Гордана Тодоровска
Спец. по детска и превентивна стоматологија