Кои опасности ги предизвикува пасивното пушење?

Кои опасности ги предизвикува пасивното пушење?

Осум милиони луѓе секоја година умираат само поради тоа што бараат утеха, задоволство, бегство, статус во цигарите. Повеќе од 7 милиони од смртните случаи се должат на активно пушење цигари, додека 1.2 милиони се непушачи или луѓе кои го вдишувале чадот од туѓа цигара. И додека едните сами одлучиле да го ризикуваат сопственото здравје и живот, другите го сториле истото без своја волја.

Не постои безбедно ниво на изложеност на пасивно пушење

Безбедна средина е средината во која не се пуши воопшто, а таква средина за непушачите единствено може да се обезбеди со закон. Пасивното пушење треба да биде право на избор исто како и активното пушење. „Пушењето е штетно за вас и за луѓето околу вас“ – пишува на амбалажите, но тоа е само излитена фраза што ретко кој ја сфаќа сериозно. Целиот чад од согорувањето на никотинските производи содржи штетни токсини. Дури и чадот што го издишува пушачот содржи токсични супстанци што лесно завршуваат во организмот на пасивниот пушач. Најштетен е чадот од крајот на цигарата, пурата или лулето, бидејќи е нефилтриран. Токму тој чад содржи највисока концентрација на штетни токсини, речиси двојно повеќе од чадот што некој го издишува.

Повеќе од 7.000 токсични материи се идентификувани во чадот од тутунот, како амонијак, бензен, кадмиум, цијанид, формалдехид.

Како пасивното пушење влијае на непушачите? – Пасивното пушење го оштетува телото на многу различни начини.

Возрасните изложени на пасивно ппушење може да се соочат со:
  1. Кардиоваскуларни заболувања, висок крвен притисок, атеросклероза, срцев удар или мозочен удар.
  2. Проблеми со белите дробови, како хронично опструктивно белодробно нарушување (ХОББ) и астма.
  3. Зголемен ризик од рак на белите дробови и рак на мозокот, мочниот меур, желудникот, рак на дојка и многу повеќе.
Децата изложени на пасивно пушење е поверојатно да се соочат со:
  1. Често кашлање, кивање, отежнато дишење или други проблеми со дишењето.
  2. Чести инфекции на увото.
  3. Чести и потешки напади на астма.
  4. Респираторни инфекции, како бронхитис или пневмонија.
  5. Оштетување на очите и расипување на забите.
  6. Проблеми со учењето и однесувањето.
  7. СИДС (Синдром на ненадејна смрт на доенче).

Штетните токсични материи од чадот се лепат на честичките прашина во домот или директно на самите површини. Малите деца имаат особено голем ризик од ваквата изложеност, поради нивниот чест контакт со површините низ домот.

Кога пасивното пушење станува штетно?

Истражувањата покажаа дека после 5 минути пасивно пушење се случуваат промеи.

По 5 минути: Артериите стануваат се помалку флексибилни, истото им се случува и на пушачите.

По 20-30 минути: Крвта почнува да се згрутчува, а масните наслаги во крвните садови го зголемуваат ризикот од срцев и мозочен удар.

По 2 часа: Срцето почнува неправилно да чука (аритмија) и може да предизвика срцев удар или други срцеви проблеми.

Како се дијагностицира изложеноста на пасивно пушење?

Ако редовно вдишувате туѓ чад и забележувате дека тоа се одразува на вашето дишење или срцева работа, можете да го проверите количеството на вдишан никотин преку плунката, урината или преку крвна слика. Единствен начин да го сочувате вашето здравје од штетниот чад од тутунот е да ги избегнувате задимените простории по секоја цена, дури и кога само една цигара чади и загадува.