Тесто за 50 колачиња:
- 2 цели јајца
- 1 ќесичка прашок за печиво
- 500 г брашно
- 200 г шеќер
- 300 г путер
- изрендана кора од лимон
- сок од четвртина лимон
Полнење: мармалад по избор
Декорација: шеќер во прав
Замесете ги сите состојки потребни за тестото и побрашнето оставете го тестото замотано со фолија во фрижидер околу 30 минути. Тестото поделете го на два еднакви дела. Првиот дел од тестото растегнете го на побрашнета подлога до дебелина од 2 мм. Со округли калапчиња или со чаша издвојте 50 парчиња за основа на колачињата и ставете ги во хартија за печење водејќи сметка за растојанието, за да не ви се залепат. Од вториот дел од тестото направете уште 50 парчиња за покривниот слој со истиот калап, со тоа што дополнително со помал калап или со чаша направете дупка во средината.
Тестото се пече 10 до 12 минути во претходно загреана рерна на 150 степени (зависно од рерната). Топлите колачиња се оставаат да се изладат за да добијат цврстина. Основниот слој се премачкува со мармалад по избор (или со чоколаден премаз) и со лесен притисок се прекрива со покривниот слој од испеченото тесто. Готовите колачиња декорирајте ги со шеќер во прав.