Контрацепцијата значи постапка за спречување на несакана бременост и за прекинување на природните процеси на репродукција. За таа цел, се користат контрацептивни средства и методи коишто се разликуваат според начинот на употреба, ефикасноста и времетрањето.Користењето контрацепција значи свесен избор и чекор преземен за себе, за својата иднина и за своето здравје.
Младите и контрацепцијата И покрај многубројните кампањи и јавната достапност до информации, се чини дека квалитетот на репродуктивното здравје и сите ризици поврзани со активниот сексуален живот кај младите, сè уште е на ниско ниво. Прераната и несакана бременост, сè почестите абортуси и полово преносливите заболувања ја полнат статистичката база без особена тенденција на намалување. Така, во Македонија стапката на тинејџерска бременост е неколкупати поголема од земјите во Европа.
Факторите за ваквата состојба сè уште лежат во стереотипите на нашето општество, предрасудите и неинформираноста поврзана со користењето на контрацептивните средства и методи, системите за едукација, како и економските фактори.
Семејството како здрава основа
Можеби еден од клучните фактори, кога станува збор за младите, за нивниот активен сексуален живот и за репродуктивно здравје, e недоволната комуникација во семејството и релацијата родител – дете на тема поврзана со употребата на контрацепцијата, заштитата од непланирана бременост и полово преносливи заболувања. Во голема мера, родителите ги сметаат овие теми како табу – теми, а во голема мера немањето соодветен дијалог со детето подразбира и немање информации дека детето е полово активно.
Кога на сето ова ќе се надоврзе и немањето соодветен образовно – едукативен систем во полето на сексуалното образование и информирање, тогаш статистичките податоци ја презентираат реалната слика.
Улогата на родителите како примарни едукатори е важен елемент во подигнување на свеста кај младите за значењето и важноста на употребата на контрацепцијата.
Што е најважно?
Најважно е на младите луѓе да им се пласираат релевантни информации за безбеден и здрав сексуален живот лишен од сите последици и компликации, за разбирањето на улогата и користа на контрацепцијата, како и за разрешувањето на сите дилеми и полемики поврзани со неа.
Како да се заштитиме?
Постојат повеќе форми и методи на контрацепција. Речиси ниедна од нив не е 100% сигурна заштита, но во секој случај е подобра отколку да биде оставено на случајност. Некои видови контрацепција штитат од несакана бременост, но не и од полово преносливи заболувања. Која и каква форма на заштита ќе се користи, зависи од повеќе фактори, како возраста, полот, животниот стил и навиките, здраствените фактори и сл. За вистинската форма или метода, најсоодветна е препораката од здравствениот работник.
БИДИ СВОЈ. ИНФОРМИРАЈ СЕ!
Покрај донесувањето одлука за употреба на контрацепција, многу е важно какво средство или метода ќе се примени. Информираноста претставува прв чекор во таа насока.