КОПРИВА

КОПРИВА

Иако директната „средба“ со ова растение може да биде болна и по малку непријатна, копривата се наоѓа на самиот врв на пирамидата на растенија со изразени лековити особини.

Благодат за околината
Широко распространета насекаде каде што има и најмалку хранлива и влажна земја, неправедно третирана како коров, копривата нуди голема благосостојба за човекот и за околината.
Копривата е една од малкуте билки кои поседуваат волшебна способност да го трансформираат негативното зрачење во позитивно. Затоа неретко се наоѓа самоникната на места изложени на силни електромагнетни зрачења, а познавачите со посадување во своите градини ја користат и како „терапевт“ за оплеменување на почвата со минерали.

Копривата како храна и лек
Нутритивно најважни се првите пролетни изданоци. Тие се појавуваат по долгата и исцрпувачка зима и претставуваат прво, пролетно, зелено освежување во исхраната. Копривата содржи богатство од минерали меѓу кои приматот го има големото количество биорасположливо железо кое организмот може непречено да го апсорбира и користи. Копривата содржи и големо количество калиум, како и калциум, магнезиум, фосфор, манган, бор и др. Младите штотуку изникнати ливчиња на копривата се одличен извор на завидни количини витамини А, Б2, Б12 и витамин Ц. 
Од здравствен аспект, копривата најголемото значење и улога ги има во превенција и лекување на недостаток на железо и слабокрвност и тоа преку директен надомест на биорасположливо железо, како и преку учество во процеси за продукција на црвени крвни зрнца.
Богатството со железо дополнително помага да се отстрани чувството на потиштеност, малаксаност и замор, па е особено добра намирница токму за овој период од годината кога анемиите и лесните пролетни симптоми на депресија и потиштеност се речиси неизбежни.
Копривата во сите форми активно се користи како докажан прочистувач на организмот, па со право носи епитет на најдобро природно средство за чистење на крвта. Таа е природен лек и за болестите на уринарните патишта, како што се воспаленија и присуство на камен и песок. Превентивно може да делува против формирање на камен и песок во бубрегот и во уринарните патишта.
Копривата е одличен диуретик. За стимулирање на мокрењето дневно се пијат 3 до 4 шолји свеж чај од коприва.
Копривата има аналгетско и антиинфламаторно дејство и помага за намалување на болките при артритис и гихт. Ја подобрува и работата на системот за варење, а често се користи и како природен лек против запек.

Копривата сама по себе е особено вкусна намирница која може да се подготви варена како спанаќ, исечкана со јајца како омлет или подготвена како и секој друг зеленчук.

Против алергии
Консумирањето чај од коприва подолг период може да ја спречи појавата на сезонските алергии или да ги намали симптомите, како што се јадеж, кивање и црвенило на очите.

Пописот на активни ефекти на копривата е навистина за почит, па со право се вели: „Ако некогаш мораме да направиме избор на само една билка, тогаш изборот нека биде копривата.

Во корист на убавината
Копривата отсекогаш се користела во разни производи за освежување на изгледот на кожата, против акни и како покажан и докажан лек против опаѓање и за нега на коса.

Против молци
Снопчиња свежо набрана коприва е одлично средство против молци, ставено во орманите за облека. 

Чај од коприва

Се подготвyва на начин така што две супени лажици се полеваат со половина литар врела вода и се остава да отстои до два часа. Смесата се процедува и се пие два-три пати на ден.
Внимание!!
Чајот од коприва не се препорачува на трудници и на деца помали од 2 години. Особено внимание и консултација со лекар и фармацевт се важни и кај пациенти со болести на срце и оштетувања на бубрезите.

Сок од коприва
Се подготвува од свежо набрани врвови од млада коприва во соковник. Додадете мед за подобрување на вкусот.
Може да се подготви и со потопување на врвови од млада коприва во вода. Наберете дваесетина врвови и потопете ги во еден литар ладна вода. Оставете да отстои еден ден. Следниот ден испасирајте ја копривата и исцедете. За подобар вкус додадете сок од лимон или портокал и засладете со мед. Се чува најмногу три дена.