КОРИСНИ СОВЕТИ ЗА ТАТО

КОРИСНИ СОВЕТИ ЗА ТАТО

Татковството е комплексен феномен кој може да остави огромни последици врз емотивниот и интелектуалниот развој на детето. Градењето здрава врска помеѓу детето и таткото е од фундаментална важност за правилниот развој на детето.

До кога во втор план
Во првата, а во поголем дел и во втората година во својот психолошки и емоционален развој, детето првенствено е ориентирано кон мајката, додека времето на таткото доаѓа некаде со третата година. Ефектите од татко-дете односите се протегаат и во зрелата возраст. Децата кои имале позитивен однос со своите татковци, имаат поголеми изгледи да формираат здрави и интимни врски и ќе имаат помалку проблеми во нивното развивање. Најдобар начин за започнување со овој важен дел од развојот е да се внесат активности кои ќе го намалат времето кое детето го троши пред компјутер или пред телевизор, а значително ќе се зголеми времето поминато со вас.
Вербално истражување на емоциите
Разговарајте со детето што е можно повеќе. Пружете му можност за креативни активности кои вклучуваат зборови. Играјте театар, друштвени игри или едноставно раскажувајте му на детето интересни случки и настани од вашето детство. Не двоумете се да употребите и покомплицирани зборови за кои знаете дека детето не ги разбира. Опуштете се бидејќи децата поголем дел од знаењето го всисуваат од контекст, а доколку е потребно секогаш можете да им го објасните значењето на некој апсолутно нов поим.
Не попуштајте на изливите на бес
Доколку видно се вознемирите во ситуации кога детето има излив на бес и емоции поради тоа што не го добива сето она што ќе го побара, само долевате масло на огнот. Доколку постојано ги задоволувате неговите барања и ја купувате бараната чоколада поради тоа што целата продавница е на нозе, само дополнително ќе го охрабрите ова лошо однесување. Наместо ова, кога ќе тргне лавината од врескање, останете смирени и внимателни. Со тоа ќе му сигнализирате на детето дека не се притресувате многу околу целата турканица и дека на тој начин никогаш нема да победи во убедувањето. Оваа тактика можеби нема да помине од прва, но откако и по неколку обиди детето ќе сфати дека на тој начин не добива ништо, ќе ги увиди вредностите на таквиот пристап.
Поставете им предизвик
Некаде од четвртата година, децата влегуваат во натпревар со родителите. Тогаш започнува и неизбежната трка до автомобилот, кој е појак во борење или натпревар кој попрво ќе го испие сокот со сламка. На почеток бидете попустливи и дозволете детето да победи, а подоцна подигајте ги критериумите за да мора малку повќе да се потруди за да победи. Натпреварот со тато е одличен начин детето да развие чувство за сопствената снага и можност да ги тестира своите мускули на безбеден начин. Освен ова, ваквите вежби се добри и за детската самодоверба преку која децата стануваат свесни за своите способности.
Пофалете ја и охрабрете ја секоја активност на детето
Едни од најубавите подароци на кои децата ќе се сеќаваат во тек на целиот живот се ентузијазмот и љубовта кон работата. Ненаметливо, но на начин со кој ќе бидете сигурни дека детето ќе ве слушне, раскажете му на вашиот пријател или на вашата сопруга каква голема помош сте добиле од вашиот помошник при поправка на кујнскиот стол или при средувањето на собата. Ова е многу поефикасно отколку самата пофалба упатена кон детето. Во ова ќе се уверите доколку ја набљудувате неговата реакција и гордоста што неговата работа е ценета и споделена со другите.
Научете ги децата да си играат со вашиот алат и активно да учествуваат во поправките
Додека се мали, поведете ги децата со себе во истражувачка авантура во продавница за алат или продавница за општи работи за домаќинството. Пуштете ги да чепкаат и да набљудуваат додека ја поправате славината од чешмата или додека ја менувате сијалицата. Вклучете ги да размислуваат околу причините за дефектот. Можноста да се учествува во поправки на дефекти во домаќинството, за детето претставува вистинска магија. Денес, особено кога помалите уреди едноставно ги менуваме со нови, дозволете си заедно со вашето дете стручно да го испитате фенот што не грее. Не заборавајте дека на овој начин децата учат дека светот околу нив може да биде покорен на нивните вештини, фантазија и труд. И секако, сето ова под ваш надзор и со мерки на претпазливост.
Поставете реални очекувања
Како родител, можеби и не очекувате од вашето дете да биде „чудо од дете“ кое без проблем ќе се справува со логички задачи, ќе биде добар рецитатор или секојдневно ќе се занимава со спорт, но денешното oпштество често и ги наметнува овие стандарди. Поради ова, голем број од децата имаат проблем со фокусирање и се растргнати на голем број активности, притоа не посветувајќи се целосно на ниедна од нив. Затоа, секогаш бидете покрај нив како добар водич во спознавањето на нивните граници вклучително и на нивниот талент. Објаснете им дека вистинското мајсторство доаѓа со времето и со многу вежби. Како пример земето го вашиот омилен спортист или актер и објаснете им дека се на врвот само затоа што одбрале вештина во која биле навистина добри, а потоа ја усовршувале сè додека не станале мајстори во тоа. Преку практичен начин дозволете му на детето да ја спознае мудроста: „Одбери една вратa и многу ќе ти се отворат; пробај да влезеш на пет одеднаш и нема никаде да стигнеш“.
Учењето на играње фудбал и кошарка се важни за почеток, но воспитувањето на детето и неговата подготовка за животот бара подлабок и поактивен однос и вклученост на таткото.