Освежително, хранливо и нискокалорично едногодишно растение без кое речиси и да не може да се замисли нашата традиционална кујна. Зеленчук кој се одгледува повеќе од 1000 години, и е на самиот врв по бројните позитивни својства, како врз здравјето, така и во светот на убавината.
Постојат повеќе видови краставици кои се разликуваат според големината, формата и бојата, а се одгледуваат насекаде низ светот. Се одгледуваат во текот на целата година и може да се консумираат свежи, како дел од разни салати, зимници или како сок од краставица.
Краставицата е богата со минерали, особено со калиум, поради што е идеална за консумирање во летниот период. Одлична е за детоксикација и за рехидрација на организмот.
Царство на здрави фитонутриенти
Краставицата, главно, се состои од вода (96%), не содржи многу калории, но затоа е вистински извор на витамини и минерали. Краставицата е извор на повеќето витамини и минерали потребни за човековиот организам, меѓу кои Б1, Б2, Б3, Б5, Б6, витамин Ц, фолна киселина, калциум, железо, магнезиум, фосфор, цинк и калиум. Покрај ова, во составот на краставицата се наоѓаат значајни фитонутиенти кои имаат изразени антиоксидативни, антииввоспалителни и антиканцерогени својства.
Лековити својства на краставицата
Помага при дијабетес, го намалува холестеролот и го регулира крвниот притисок
Сокот од краставица содржи хормон кој им помага на клетките на панкреасот да произведуваат инсулин. Има поволно влијание и во намалувањето на нивото на холестерол во организмот. Богата е со растителни влакна, калиум и со магнезиум, поради што е подеднакво добра и во состојби на висок и низок крвен притисок.
Делува противвоспалително
Го чисти организмот од отпадните материи и ја намалува иритацијата на кожата. Хранливите материи во краставицата делуваат антивоспалително преку елиминација на дејството на ензимите кои предизвикуваат воспаление.
Ублажува болки
Бројни студии покжуваат дека краставицата традиционално се користи за лекување главоболка. Консумирањето навечер може да биде добро средство за да се разбудите освежени и без главоболка. Краставиците ќе ги надополнат електролитите и есенцијалните материи, кои телото ги губи во текот на денот.
Ја хидрира кожата
Во козметички производи, краставицата се има докажано како исклучително добро средство против брчки, дехидратација и како заштитно средство против стареење. Таа има смирувачко и разладувачко дејство врз кожата, ги намалува отокот, иритацијата и воспалението на кожата кога се става директно на неа. Парче ладна краставица може да ви помогне да се ослободите од подочниците и надуеноста, бидејќи делува против воспаленијата и го ослободува вишокот вода кој го предизвикува отокот. Кругови краставица може да ги наредите и на целото лице, со што ќе ја ревитализирате кожата, ослободувајќи ја задржаната вода во клетките. Сокот од краставица се користи како хранлив тоник или како лосион против акни.
Ги зајакнува ноктите и косата
Чудесниот минерал силициум диоксид, кој се наоѓа во краставицата, ги прави косата и ноктите сјајни и силни. Сулфурот и силициум диоксидот го стимулираат растот на косата.
За здрави коски
Краставицата е добар извор на витамин К, кој е важен за апсорпција на калциумот во коските. Калциумот е важен за здрави коски, а негово мало внесување го зголемува ризикот од фрактури на самите коски.
Помага за
Краставиците се нискокалоричен зеленчук, па затоа се одлични кога сакаме да се одржиме во одлична форма. Даваат долготрајно чувство на ситост и се важни за дополнителна хидратација при вежбање.
Го освежуваат здивот
Краставицата го освежува и здивот. Одлична е за елиминирање на бактериите во устата кои предизвикуваат лош здив.
Го подобрува варењето на храната
Поради високата содржина на вода и растителни влакна во краставицата, таа помага во побрзо и полесно варење на храната, а со тоа и спречува опстипација кај луѓето кои ја консумираат.
Во кулинарството
Краставиците подеднакво се погодни и за подготовка на јадења и на пијалаци. Одлично е кога во топлите денови ќе се послужат свежи или разладени краставици во разни салати или во ладни супи. Краставиците одлично се комбинираат и со друг зеленчук, со маслиново масло, со лимонов сок, со јогурт…
Чување и избор
Секогаш при изборот дајте приоритет на јадрени, цврсти плодови со чиста боја (од зелена до темнозелена).
По можност, одберете еколошки одгледувани краставици за да можете при консумирање да ја користите и кората, која е извор на хранливите состојки.
Краставицата е чувствителна на топлина, па затоа треба да се чува на ладно, за да не се загубат свежината и нутритивите материи. Краставиците може да се одржат до 10 дена во фрижидер. Пред ставање во фрижидер, немојте да ги миете.