КРУША – сочна, вкусна и здрава

КРУША  – сочна, вкусна и здрава

 

Историјата за крушата е долга и почитувана. Иако, според некои записи, култивацијата на крушата датира уште од пред 3000 години, постојат претпоставки дека дури и луѓето од каменото време уживале во овој прекрасен плод. Сочно, благо и вкусно овошје кое Хомер во Одисеја го нарекувал „дар од боговите“, a Луј XIV ја сметал за „симбол на луксуз“. 

Латинското име на крушата е Pyrus communis која заедно со јаболкото и дуњата спаѓа во фамилијата Rosacease. Постојат неколку стотици видови круши, секој вид со различен облик, боја, големина и вкус. Тие се сочни, благи и со малку зрнеста структура. Kрушата не е само вкусна, исто така е и неверојатно корисна. Модерната наука денес говори за минералите, витамините и за органските соединенија во крушата, кои се причина за најзиниот голем здравствен потенцијал. Некои од овие активни и ефективни компоненти се калиум, витамин Ц, витамин К, фенолни соединенија, диететски влакна, бакар, манган, магнезиум како и б-комплекс витамините. Поради блажината која ја имаат, сокот од круши понекогаш се користи во десертите како замена за шеќер, односно како засладувач. Тие се природен и брз извор на енергија, бидејќи содржат значајно количество моносахариди: фруктоза и глукоза, како и левулоза – најблаг природен шеќер.

Зошто круша?
Крушите се идеален избор на храна за луѓето кои го живеат модерниот начин на живот, и кои имаат потреба од здрави намирници за брзо освежување, хидрација, чувство на ситост и за енергија.

100 г плод од круша содржи 0,3 г протеини, 0,4 г масти, 9,5 г јаглехидрати, 2,8 г вкупно количество влакна и 5 мг витамин Ц.

Антиоксидантски активност
Крушата е богата со витамин Ц и бакар – нутриенти кои даваат значаен придонес во антиоксидантската заштита на организмот од слободни радикали и се вистински пријатели на вашиот имунитет. Витаминот Ц сам по себе е јак антиоксидант кој стимулира производство на белите крвни зрнца. Антиоксидантските својства се дополнети и од присуството на бакарот, кој е еден од најмоќните телесни антиоксидантски ензими.

Диететски влакна
Свежата круша е извонреден извор на диететски влакна, кои играат особено важна улога во варењето на храната. Голем дел од диететските влакна во крушата се нерастворливи полисахариди, кои ја акумулираат храната, па, така, таа полесно помиинува низ цревата. Освен тоа, влакната стимулираат излачување на желудочни сокови за полесно варење. Влакната ја регулираат и работата на цревата и, на тој начин, превенираат појава на опстипација и дијареја.

Одличен извор на калиум
Свежата круша е одличен извор на калиум, кој влијае врз здравјето на срцето бидејќи е познат како одличен вазодилататор. Намалувањето на крвниот притисок е поврзано со намалувањето на шансите за појава на кардиоваскуларни заболувања, како што се атеросклероза, срцеви и мозочни удари. Калиумот делува како регулатор на течности во телото, што значи хидрира различни делови на телото и обезбедува рамнотежа на есенцијалните течности во клетките и во органите. Без калиум, многу од нашите најважни функции би биле забавени или целосно прекинати. 

Нискокалорична и идеална за диети
Крушата е едно од овошјата со најмалку калории (една круша има околу 100 килокалории (kcal), што е 5% од дозволеното дневно внесување калории при здрава исхрана). Нутритивната суплементација, која ни ја дава крушата, е огромна, а диететските влакна присутни во неа ни даваат чувство на ситост. Поради тоа, идеална е за сите кои се на диететски режим во насока на намалување на телесната тежина. Крушата е намирница која дава енергија и е преполна со хранливи материи, без притоа да влијае на телесна тежина.

Здрави коски
Минералите присутни во крушата како што се магнезиум, манган, фосфор, калциум и бакар, ни овозможуваат да се намали губитокот на овие минерали во коските и да се олеснат симптомите при состојби како остеопороза и општата слабост на телото.

За здрави кожа, коса и нокти
Еден од најкорисните витамини во човековиот организам е витаминот А. Крушите се богати со овој витамин, како и со неговите споредни компоненти како што се лутеинот и зеаксантинот. Тие делуваат како антиоксиданти и учествуваат во бројни ензимски реакции и функции на организмот. Крушите можат да ги намалат ефектите на стареењето на кожата, како што се појавата на брчки и старосни дамки. Ова моќно овошје, исто така, го редуцира процесот на опаѓање на косата, макуларната дегенерација, катаракта и многу други состојби поврзани со процесот на стареење.

Како и сите други овошја, и крушата најдобро е да се консумира свежа. Ова е гаранција дека сè што е вредно ќе биде достапно за нашиот организам. Секако, убавината на крушата и нејзините вкусови ни се достапни и како џемови, компоти, овошни сокови и намази.

Добро е да се знае…

  • Крушите многу брзо зреат,  па кога ги купувате, обрнете внимание да бидат  неизмиени, неоштетени и да немаат мувла. 
  • Избегнувајте да ги оставате крушите во пластични кеси, На овој начин, само го забрзувате процесот на зреење и гниење.
  • Лесно апсорбираат мирис, па затоа потребно е да се чуваат подалеку од храна која има специфичен и силен мирис.
  • Може да се замрзнат дури и на -20 степени целзиусови во фрижидер и подоцна да се користат за подготовка на благи и солени јадења, бидејќи оваа намирница многу добро се вклопува со свинско и со телешко месо.