Кунг Фу

Кунг Фу

Древна кинеска вештина за сите возрасти

Ви здодеа од класичните пилатес вежби? Се гушите во сала за вежбање? Ве иритира гласната музика и се враќате дома нервозни, наместо релаксирани? Што велите за кунг фу, древна кинеска вештина која го зајакнува телото, но и умот?

Винг Чун Кунг Фу вештината датира уште од 1644 година, а потекнува од Кина, поточно ид легендарниот манастир „Шао Лин“. Ја создале пет калуѓери, меѓу кои и една жена. Целта на создавањето на оваа вештина била да се развие еден нов облик на борење, кој бил поефикасен, попрактичен и полесен за совладување за разлика од другите Кунг Фу стилови. Вештината ја нарекле Винг Чун, што во слободен превод значи „Надеж за иднината“.

Пред да почне да се пренесува оваа вештина, тогашната Манчу династија наредила да се запали манастирот, при што биле убиени голем број калуѓери. Меѓу оние кои успеале да се спасат била калуѓерката Нг Муи, која вусшност била една од творците на Винг Чун Кунг Фу. Бидејќи таа целосно го совладала целиот систем на вештината, своето знаење го пренела на девојчето што го посвоила, девојчето по име Винг Чунг.

Винг Чунг пораснала во супериорен мајстор на вештината. Била неприкосновена во борбите во кои учествувале и мажи, сѐ додека не се појавил борачот во кој се заљубила на прв поглед. Таа му дозволила да победи, а подоцна му станала сопруга. Се верува дека оттогаш вештината се пренела и меѓу мажите. Винг Чун Кунг Фу вештината се пренесувала во тајност, исклучиво на еден избраник од кругот на семејството под заклетва на верност. Денес во неа уживаат голем број луѓе ширум светот.

Бенефити: Самоодбрана, затегнато тело, внатрешен мир!

Да го подобрат изгледот на своето тело, да ја зголемат физичката кондиција, да го совладаат системот на самоодбрана, луѓето од различни мотиви посетуваат часови по Кунг Фу. Но, со текот на вежбањето, они што ќе останат подолго ја сфаќаат вистинската суштина на дисциплината. Вештината го учи човекот како да ја канализира енергијата, како да живее порационално и да воспостави внатрешен мир, но и фокус на вистинските вредности. Со практикување на оваа вештина, луѓето ја развиваат својата физичка, ментална и духовна свест, елементи кои го издигнуваат животот на повисоко ниво.

Како изгледа еден винг чун кунг фу час?

Тренингот започнува со загревање и истегнување на телото или будење на Чи енергијата. Вежбите за загревање ја подигнуваат телесната температура на телото и со тек на време ќе ги направат мускулите далеку пофлексибилни. Истегнувањето на мускулите е наменето со цел да поттикне проток на енергија, а според традиционалната кинеска медицина на тој начин се обезбедува здравје и долговечност на организмот во целост. Тренингот продолжува со практикување соодветни техники во зависност од степенот до кој стасал практикантот.

Вештината почнува механички, вежбање став – кореографија на борење преточена во седум форми од кои четири се со „празни“ раце, две форми со оружје и една на тренажер (дрвена кукла). Часот завршува со кратко истегнување и вежби за дишење, по кои следи кратка медитација. Вештината може да се практикува и внатре и надвор, иако Чи Кунг вежбите *наменети за будење на внатрешната енергија) најдобро е да се прават на отворено, за телото вистински да се спои со природата, бидејќи во неа се наоѓаат сите компоненти кои му се потребни за нормално да функционира.

Која е старосната граница за практикување на вештината?

Старосна граница не постои, оваа вештина може да ја практикуваат деца од 5-годишна возраст, па се до луѓе на 60-годишна возраст. Вештината ги зголемува виталноста, флексибилноста и еластичноста на телото, па затоа секој кој се чувствува способен (притоа не се соочува со никакви хронични состојби кои ја ограничуваат неговата физичка активност) е добро да се обиде со оваа вештина.