Купивте облека со етикета „Fair Trade“ – што всушност направивте?

Купивте облека со етикета „Fair Trade“ – што всушност направивте?

Еко пријателски материјали, органски памук, биоразградливи кеси – да,  денес е возможно да бидете модерни без да ја загрозувате животната средина. Ти благодариме Ема Вотсон! Во случај да не знаевте, актерката е голем поборник против модната индустрија која ги користи животните за свои цели, а на црвениот тепих задолжително позира во креации дизајнирани од пластични шишиња собрани од океаните. Па ако сакате вашите деца или внуци да растат во свет на китови и бели мечки, на следниот шопинг, освен паричникот, со себе понесете и општествена одговорност! Во меѓувреме, ние ќе ви појасниме што сакаат да кажат етикетите, кои се индиректен комплимент за вашето добро дело!

„Eco Friendly“

При изработка на овие парчиња облека и чевли, е направена минимална штета кон животната средина – употребени се материјали кои не содржат хемикалии, бојадисувањето се врши со безбедни бои кои немаат токсични супстанци во составот, при изработка на моделите се потрошило 99% помалку вода од вообичаено (за споредба, за да се изработи само една маичка потребни се 2.720 лити вода), ткаенините се изработуваат од рециклирани материјали или строго природни (од пулпите на дрвjата) без да им се загрози животниот век. 

„Biodegradable“

Свилата, ленот, волната и материјалите изработени од растителни влакна, лесно се разградуваат во природни елементи. Одлична вест за оние кои не се ослободија од навиката да ја фрлаат износената  облеката каде ќе стигнат.

„Fair trade“

Ова значи дека вашето ново здолниште што сите го пофалија, го изработиле работници кои живеат во неразвиени земји како Бангладеш; истите биле платени доволно за си ги покријат своите и потребите на нивните семејства.

„Organic“

Интересно, истата етикета што важи и за храната (органски јаболка, органски пиперки) важи и за модата. Ова значи дека материјалот, најчесто памукот, растел на строго контролирана органска фарма без употреба на какви било хемикалии.

„Recycled“

Чевлите, фустанот, костимот, модните додатоци што веќе можеби ги носите, се изработени од веќе искористени материјали како пластика, гума, метал. Се прашувам колку колекции ќе се изработеа доколку се искористеа сите гуми што неодамна ги извадија од реката Вардар?

„Vegan“

Нула животински производи како кожа, крзно, па дури и свила, се вклучени при изработка на колекцијата. За овие змиски капути или тигарски чизми, не се убиени ниту питони, а уште помалку некој бил на лов во Африка.

„Upcycled“

Кога ѓубрето или поблаго кажано, материјалите кои ја надживеале својата употреба, добиваат нов сјај во дизајнерските куќи. На пример, бикини изработено од стари мрежи за ловење.

„Ethical“

Термин кој потврдува дека секоја индивидуа која на каков било начин учествувала во процесот на изработка на производот, добила фер третман, плата и заштита. Купувајќи облека со ваква етикета, вие застанувате на страната на работникот и дополнително, ги држите малолетниците далеку од фабриките. 

„Sustainable“

Комбинација од  две етикети: еко-пријателски и етички. Во превод: модната куќа која го изработила џемперот што ви стана втора кожа, била одговорна спрема природата и водела сметка за нејзините вработени. Полн погодок!