ЛЕКОВИТЕ И СОНЦЕТО

ЛЕКОВИТЕ И СОНЦЕТО

Лековите, независно од тоа дали се во вид на капсули, таблети, кремови и слично, покрај активната супстанција содржат и бројни помошни материи, кои под дејство на ултравиолетовите зраци може да предизвикаат хемиски реакции и може да доведат до непријатни промени на кожата. Овие реакции може да бидат сериозни и во тој случај треба да се прекине терапијата или сончањето!
Промените најчесто се манифестираат на лицето, вратот, деколтето, како и на другите делови што не се заштитени со облеката. Кожата е црвена, топла, слична на изгореници од сонце. Често чеша и пече, а може да се појават и пликови. Промените најчесто настануваат во период од неколку часа до два дена од изложеноста на сонце. Вакви реакции може да се појават и по половина час, доколку лекот има јако фотосензибилизирачко дејство.
Реакциите што се појавуваат како последица од сончање при истовремена употреба на некои лекови се фотосензитивни реакции. Знаците на фотосензитивност се појавуваат кај лицата кои употребиле некаква фотосензитивна материја надворешно на кожата, преку органите за варење или во вид инјекција во доволна количина, а потоа биле изложени на сонце доволно долго време. Фотосензитивните реакции може да се појават како фототоксичност или фотоалергија.

Фототоксичност и фотоалергија

Фототоксичноста може да се појави кај секого и тешко може да се предвиди. Не постои индивидуална склоност и може да се појави кај секое лице кое пие или надворешно употребува фотосензитивни лекови. Клиничките знаци може да почнат по неколку минути, но и по неколку часови по изложувањето на телото на сончевата светлина и максимумот го достигнуваат по неколку часови или денови.

Фототоксичната реакција се манифестира со површинско црвенило на кожата и појава на меурчиња исполнети со течност, видлива е само на местата изложени на сонце, а се појавува веднаш и зависи од земената доза на лекот и времетраењето на изложеноста на сонце. Реакцијата се смирува кога лекот ќе се елиминира од организмот. Препознавањето и прекинот на употреба на лекот што ја предизвикал реакцијата при сончањето се важни чекори за лекување на таквите реакции.
Иако ниту за еден лек не може сосема да се исклучи можноста за фотосензитивност, сепак за некои лекови (антибиотици, хормонски препарати, антидепресиви, лекови за мокрење, лекови против воспалениjа и болки, цитостатици) се знае дека често предизвикуваат такви реакции и тоа во зависност од земената доза.

Фотоалергија е реакција која се појавува ретко и само кај лица со одредена предиспозиција. Реакцијата не зависи од примената доза на лекот, а постои можност и за вкрстена фотосензибилизација меѓу сродни лекови.

Фотоалергиската реакција се карактеризира со црвенило на кожата, меури и чешање. Се појавува по второто земање на лекот и најчесто по 48 часа од изложеноста на сонце. Не зависи од внесената доза на лекот и може да се прошири и на заштитените делови на телото.
Понекогаш истовремено може да се појават и двете реакции.

Што уште може да предизвика фотосензитивност?
Шминката и парфемите што содржат етерични масла, во контакт со сонцето може да предизвикаат појава на темни дамки со неправилна форма, кои може ќе избледат со тек на времето, но некои остануваат и трајно. Шминката и парфемите во летниот период треба да се користат навечер, а кожата треба да се негува со хидратантни кремови без парфимирани додатоци.
Доколку треба нашминкани да бидете изложени на сонце, треба да нанесете на кожата крем со висок фактор на заштита половина час пред нанесувањето на шминката. И покрај оваа мерка за заштита, не треба да се задржувате предолго на сонце, бидејќи постои ризик од појава на дамки.
Причина за вакви појави може да биде и употребата на кантарион, бидејќи може да предизвика фотосензитивни реакции на кожата. Иако маслото од ова растение претставува одличен лек против изгореници, никако не смее да се користи пред и за време на сончање, и тоа ниту како чај за пиење.
Некои природни производи, исто така, може да предизвикаат оштетување на кожата. Етеричните масла од лимон, портокал, мандарина и лимета треба да се избегнуваат барем 12 часа пред да се изложите на сонце, бидејќи може да предизвикаат фототоксични реакции и да остават трајни темни дамки.

Што можеме да преземеме?
Вистинскиот пристап за решавање на овој проблем е негова превенција, односно, да се избегнува сончање доколку се употребува лек за кој е познато дека може да предизвика фотосензитивност. При појавата на изразита фотосензитивна реакција, треба да се прекине земањето на фотосензитивниот лек. Кога се работи за фототоксичност, со прекинот на терапијата симптомите се повлекуваат, што не е случај при појавата на фотоалергијата.
Ако е неопходно да се зема лекот и покрај ризикот од фотосензибилизација, треба да се избегне изложеноста на сончеви зраци. Понекогаш постои можност за промена на терапијата со соодветен и помалку ризичен лек, според советот од лекар. Хронично болните, како што се пациентите со висок крвен притисок и други, не треба да ја прекинуваат терапијата, туку треба да го избегнат сончањето во време кога сонцето е најјако. Задолжително е да обезбедат заштита со облека, капа и очила. Во сончевите зраци треба да уживаат само рано наутро и во доцните попладневни часови и притоа да користат средства со висок фактор на заштита.
Доколку се појават изразити кожни реакции, треба да се консултирате со лекар. Влажни и ладни облоги може да го ублажат црвенилото и печењето, а антихистаминиците го намалуваат чешањето. Кај потешките случаи, лекарот може да прeпише кортикостероидни препарати за краткотрајна употреба.
Побарајте совет од дерматолог или фармацевт ако мислите дека имате фотосензитивност предизвикана од лекови или ако не сте сигурни дали лековите што ги земате можeда предизвикаат фотосензитивни реакции.

Проф.д-р Бистра Ангеловска