ЛУК И КРОМИД

ЛУК И КРОМИД

Храната е цело богатство вкусови, а уживањето во храната некогаш треба да го платиме со непријатниот мирис на здивот.
Овој примат им припаѓа на лукот и на кромидот, кои се неверојатни состојки во храната кои освен подобрување на вкусот и мирисот на јадењата имаат и значително позитивно влијание врз нашето здравје.

Лук

Пред сè, зачинска билка која освен во кулинарството има значително место во народната, но и во официјалната медицина. Има карактеристичен мирис кој може да трае и до 24 часа, остра арома и вкус кој се разблажува во текот на готвењето. Луковицата од лукот, која е најчесто користена во исхраната, е поделена на повеќе месести делови наречени чешниња. Чешнињата се користат како семе, за исхрана (свежи или зготвени), како и во медицински цели. Листовите, стеблото и цветовите (наречени булбили) се, исто така, јадливи и најчесто се употребуваат додека се сèn уште незрели и нежни.

Што го прави толку вреден?

Големиот број истражувања откриваат дека лукот содржи околу 200 активни супстанции и тоа во концентрирана форма.
Лукот е богат со минерали, калциум, сулфур, фосфор, железо, јаглехидрати, сулфурни етерични масла, азотни материи, алин, ферменти и витамини А, Ц и витамини од Б-групата (Б1 и Б2).
Една од покарактеристичните состојки е супстанцијата алицин на која ѝ се препишуваат антивирусно, антибактериско и антигабично дејство.
Чешнињата се еден од најбогатите извори на: калиум, железо, калциум, магнезиум, манган, цинк и селен.

Лековитата страна на лукот

Лукот, освен што со своите антибактериски дејства лекува настинки и грип, тој е мошне употребувана билка во многу други здравствени ситуации.
На прво место, лукот го смалува крвниот притисок како и нивото на холестерол во крвта.
Со редовно консумирање на лукот се намалува ризикот за појава на рак и го подобрува имунитетот.
Ги штити крвните садови и го намалува ризикот од срцев и мозочен удар.
Лукот, исто така, го елиминира заморот, напнатоста, вознемиреноста и го подобрува расположението, благодарение на селенот кој се наоѓа во оваа билка.
Лукот делува против цревни паразити, па затоа луѓето кои редовно консумираат лук, ретко кога страдаат од паразити во цревата.
Оваа билка е одличен антиоксиданс, го успорува процесот на стареење и ефикасно заштитува од многубројни хронични заболувања, катаракта, бронхитис, паркинсонова болест…
Во период кога владеат грипот и настинките, добро е да се зема по едно или две чешниња лук, бидејќи оваа билка ги уништува бактериите, вирусите и габите, кои во старт може да го спречат развојот на овие болести.
Лукот поседува лековите својства и свеж и зготвен.
Против паразити, габи, вируси и бактерии се препорачува да се консумира свеж. Во зготвен облик најдобри резултати дава за заштита на крвните садови, против инфаркт и тромбоза, додека закиселен се препорачува за заштита од рак.

Кромид

Кромидот сигурно може да предизвика солзи во очите и да остави непријатен мирис во устата, но дефинитивно ќе обезбеди вашето тело да е богато со вредни хранливи состојки, а повеќето јадења без вкусот на кромидот би биле „празни“.

Кромидот е незаменлива намирница на нашето поднебје, но и во другите делови од светот и во различните кујни. Луѓето го сакаат кромидот на сите начини.
Освен во гастрономијата, тој е омилен и во природната медицина, а неговата лековита моќ е позната меѓу народот.
Факт е дека својствата на кромидот се сестрани и многу моќни, па затоа и може да се класифицира меѓу најздравите видови храна во целиот свет.

Што содржи и за што е корисен?

Кромидот содржи големо количество вода, потоа јаглехидрати, растителни влакна и минимални концентрации на протеини и масти. Содржи и витамин Б6 кој е важен за создавање црвени крвни клетки, витамин Ц – важен за имунитет и убава кожа, фолна киселина – есенцијална за создавање клетки, калиум – корисен за крвниот притисок и за здраво срце, и манган – за здрави ткива и коски.
Кромидот се употребува за лекување обична настинка, па сè до срцеви заболувања, дијабетес, остеопороза и некои други болести. Во својот состав има хемиски соединенија – кварцетин, кои имаат антивоспалително дејство, а се употребува и за намалување на холестеролот.

Подгответе сами

Кромидот може да се употреби за изготвување народен лек против кашлица.

Подготовка:
Една главица кромид со средна големина, исчистете ја и исечкајте ја, ставете ја во длабок сад и прелијте ја со мед. Садот поклопете го со капак и оставете го на собна температура да отстои преку ноќ. Утрото процедете ја смесата низ газа или цедалка. Земајте по една лажица сируп на секои два часа, а може и почесто, ефектот ќе се почувствува за брзо време, при што ќе почнете да искашлувате и полесно да дишете.

Време е за младо лукче и коромид

Пролетта е период кога може да уживаме во пролетниот млад лук и кромид, кои на изглед се многу слични, но  можеме да ги разликуваме по тоа што зелените ливчиња на лукот се тенки и прави, а на кромидот цевчести и кружни.
Едно од основните продобивки на младите кромод и лук е тоа што може да се употребува целото растение. Единствено што треба да направиме е да го измиеме и да ги отстраниме коренестите влакненца.