МАЛИ НЕШТА ЗА СРЕЌНИ СЕМЕЈСТВА

МАЛИ НЕШТА ЗА СРЕЌНИ СЕМЕЈСТВА
Како да го промениме односот кон животот? Како да излеземе од машинеријата на денешницата во која се чини дека среќата ни е украдена од безброј грижи, ограничувања, компромиси, договори, професионални, морални и финансиски должности? Како и на кој начин нашата животна приказна да биде со завршница како онаа од бајките во која сите живеат среќно до крајот на животот? Дали навистина за среќата се потребни мали нешта и кои се тајните на среќните семејни односи?

Повеќе или помалку, одговорите на овие прашања ги имаат никој друг туку децата. Во повеќе истражувања во кои биле вклучени илјадници семејства, децата биле запрашани: „Ако можете да изберете остварување на само една желба за вашите родители, што би било тоа?“ Она што децата најмногу го посакувале е: нивните родители да бидат среќни, да дојдат дома помалку изморени и да поминат што повеќе време заедно.

Малите нешта
За едно семејство да биде среќно, зависи од сите негови членови, но најмногу од родителите, особено кога децата се мали. На благосостојбата во домот влијае тоа како родителите ќе се однесуваат меѓу себе (со почит, разбирање и  без караници), како ќе ги воспитуваат децата и како и колку ќе го поминуваат слободното време со нив.

Среќата не е нешто надвор од нас, среќата е наше право. „Малите тајни“ на среќните семејства нека бидат и ваши.

Чести заеднички оброци
Jадењето заедно не треба да биде формален и сериозен настан. Напротив, треба да биде забавно и различно од секојдневната рутина, за децата да го запомнат и да се потсетуваат кога ќе бидат возрасни. На пример, заменете го вообичаениот појадок со вечера, или викенд утрата поминувајте ги во кревет со омилениот цртан филм. Вклучувајте ги децата што повеќе во домашните обврски, на пример во подготовката на јадењата. Семејствата коишто јадат заедно на иста маса имаат подобра меѓусебна врска. Времето за оброци е време за поврзување и не треба да биде изоставено барем петпати неделно.

Поминете време за забава
Одредете некоја семејна игра и играјте заедно, барем неколкупати неделно. За помалите деца, тоа може да биде читање приказни, а за поголемите деца – некој спорт на отворено.

Намалете со вон наставните активности
Сè поголем број деца имаат 3-4 и повеќе активности по училиштето, учат неколку јазици, тренираат неколку различни спортови… Па така, и тоа малку време по работниот ден што останува за дружење, всушност, исчезнува. Пробајте да исклучите барем една активност, и тоа време искористете го за семејно дружење, како одење на базен заедно, возење велосипед или прошетки на отворено.
Најдобро е ако децата можат и сакаат да бидат вклучени во планирањето на својот ден, недела, месец, иднина. Заедничкото поставување неделни цели и, потоа, оценувањето на сработеното, кај децата развива поголема когнитивна контрола врз сопствениот живот (поголема самоконтрола, способност да ги согледаат добрите и лошите страни на изборите што ги прават и сл.).

Зборувајте за семејната историја
Важно е новите поколенија да знаат за постарите членови на семејството и за семејната историја. Споделувањето приказни од минатото, случки, авантури, посетата на баба и дедо и сл. им дава чувство на децата дека припаѓаат на нешто поголемо од нив самите. Им дава поголема контрола врз сопствениот живот, им ја зголемува самодовербата и вербата дека нивните семејства функционираат.
Дури и модерната технологија може да ви помогне да се зближите како семејство. „Како си?“ или „Те сакам“пратени преку порака многу ќе му значат на вашето дете.

Семејството пред пријателите
Кога децата се поголеми и одат на училиште, по работниот ден седнете со нив и распрашајте ги за тоа како го поминале денот, и споделете со нив некоја интересна случка од вашиот ден. Ставете го семејството на прво место. Бидете позитивни и насмеани, затоа што поради вашата незаинтересираност за нив и поради вашето нерасположение, децата може да посакаат повеќе време да поминуваат со своите пријатели и надвор од домот. Пријателите се важни, но семејството треба да биде на прво место.

Создавајте ритуали
Создадете ритуал, активност што ќе ја повторувате и поради која ќе мора да се дружите. Може да биде за одредени празници или за викенди, филмска вечер еднаш неделно, правење палачинки, играње карти, домино, монопол и сл.

Бракот на прво место
Среќно семејство е она во кое неговите членови се среќни, што особено важи за родителите т.е. за сопружниците, кои се и креатори на случувањата во семејството. Избегнувајте кавги особено пред децата. Заљубеноста поминува, но љубовта останува, и таа треба да се храни и да се одржува за да се задржи блажениот однос меѓу сопружниците.
Бидете пример за љубов. Вашата врска и вашиот брак треба да бидат на прво место. Во спротивно, сета љубов и вниманието се префрлаат на децата, што може да биде преголем товар за нив. На крајот на краиштата, ќе дојде време кога децата ќе го напуштат домот.

Комуницирајте дури и за најмалите работи
Децата, генерално, се раѓаат среќни, а учат за тага. Ги повторуваат вашите постапки и емоции – така учат. Ова не значи дека треба постојано да бидете насмеани или да глумите некоја друга личност. Но, ако се радувате што ги гледате своите деца, и тие ќе се радуваат кога ќе ве видат вас.
Една од причините за среќа се финансиите и заедничкото донесување одлуки за инвестиции во домот. Доколку буџетот е малку „тенок“, наоѓањето решенија треба да се направи заеднички. И, како што се препорачува, секој од сопружниците да го задржи својот идентитет во бракот. Така, не е „на одмет“ секој да си тргне настрана нешто ситно за задоволување на некои свои каприци.

Комуникацијата меѓу сите членови на семејството е многу важна. Вообичаено, мајката е таа со која сите комуницираат и која ги пренесува информациите. Но, во среќно семејство, сите членови комуницираат меѓусебно, и отворено се зборува за сè.

За да бидеме среќни сега, можеби треба барем малку да се навратиме на навиките од минатото, кога луѓето вистински комуницираа (без телефони и таблети), кога децата играа надвор, кога гледањето цртани филмови беше нешто посебно и се правеше за викенд или на кратко пред заспивање, кога одењето „на шопинг“ значеше и дружење, а не „терапија“.