Малината е овошје со волшебен, арoматичен вкус и со богат извор на хранливи компоненти со докажани лековити својства. Старите Грци ја сметале малината за одличен лек, а и ден-денес е важна компонента во многу традиционални и фармацевтски препарати со широка примена.
Состав за почит
Малината е богата со антиоксиданси. 100 грама малинов плод содржи 44% од препорачаната дневна доза на витамин Ц. Богата е со растителни влакна, фолна киселина, витамин К, витамин Е, манган, магнезиум, бакар, калиум и Омега 3 масни киселини. Ваквиот состав надополнет со резвератол и елагинска киселина, претставува идеална комбинација со моќно антиоксидантно дејство, го неутрализира штетното влијание на слободните радикали и има докажано антиканцерогено дејство.
Редовното консумирање на малината го разубавува тенот, ја зајакнува косата, го подобрува здравјето на кардиоваскуларниот систем и органите за варење, го зајакнува имунитетот и штити од воспаленија.
Најдобро е да се консумира во свежа состојба, но секако консумирана и во форма на сок, компот или чај има благопријатни и лековити ефекти.
За здрави и за болни
Поради богатството со елагинската киселина во семките на малината, сè почести се препораките за употреба на малината во превенција на развој на малигни заболувања.
За да се постигне превентивна заштита, добро е секојдневно да се внесуваат по 130 грама малини.
Највисок природен заштитен фактор
Поради специфичниот и богат состав со Омега 3, Омега 6 масни киселини и витамин Е, маслото од семки од малина претставува „совршен“ природен производ за сончање со висок фактор на заштита.
Благодарение на ова, одлично ја заштитува кожата од јакото сонце. Проценето е дека заштитниот фактор на ова масло е помеѓу 28 и 50, зависно од условите во кои се одгледува. Може да се користи не само како заштита од сонце туку и за третман на брчки, стрии, егземи, дерматитис и, воопшто, на воспаленија на кожата.
Лековитост на листот од малина
Плодовите на малината се многу вкусни и здрави, но исто така е значајна и лековитоста на листовите.
Малината ја нарекуваат женско растение бидејќи лекува голем број проблеми со женските органи. Чајот од листовите помага при менструални грчеви и јаки крвавења. Може да се пие пред, за време и по породувањето. Редовното консумирање на чај од листови на малина по две шолјички на ден во текот на бременоста (по третиот месец), ги зајакнува и тонизира ѕидовите на матката, спречува абортус, помага во текот на породувањето и го намалува крвавењето по породувањето.
По породувањето го забрзува заздравувањето на матката и ја поттикнува лактацијата.
Чајот се користи и за зајакнување на непцата, дезинфекција на крајниците и за спречување пролив.
Приготвување на чајот:
1 лажиче сушени листови од малина се преливаат со 200 мл врела вода. Се пие топло!
Предупредување:
Чајот од лист од малина не се препорачува во случај на абортус во претходна бременост.
ОЦЕТ ОД МАЛИНА ПРОТИВ ВИСОКА ТЕМПЕРАТУРА
Измешајте еден литар јаболков оцет со 500 грама пасирана малина. Оставете да отстои десет дена на топло и процедете.
Во случаи на треска и покачена телесна температура, пијте по 2 лажици од растворот разреден во чаша вода неколку пати на ден.
Смути од малина
Состојки:
• 60 грама малини
• чаша цеден сок од портокал
• неколку листови спанаќ
• 1 банана
• десетина коцки лед
Измешајте ги сите состојки во миксер и уживајте во овој летен освежителен пијалак.