Малите нешта за кои науката тврди дека нѐ прават посреќни

Малите нешта за кои науката тврди дека нѐ прават посреќни

Сите ние понекогаш имаме лоши денови, недели или месеци, а причините за тоа можат да бидат различни. Времето, хормоните, негативните вести, стресот, осаменоста и низа други фактори можат да влијаат врз начинот на кој го доживуваме светот. Понекогаш, пак, нема ни јасна причина зошто се чувствуваме тажно.

Многу е важно да си дозволиме понекогаш да бидеме нерасположени. Но, штом посакаме да му се вратиме на доброто расположение, што да сториме? Она што несомнено го подигнува расположението е вежбањето, здравата исхрана, изразувањето благодарност, но што уште може да помогне?

Во продолжение ви пренесуваме 10 научно потврдени начини што можат да ве направат посреќни.

Набљудувајте птици

Птиците се насекаде околу нас, но колкумина навистина одвојуваат време да ги набљудуваат, да ги запознаат нивните навики и да разберат како живеат? Птиците се прекрасни и фасцинантни суштества што можат да нè одведат во еден свет што постои пред нашите очи, а често останува незабележан.
Една од причините зошто набљудувањето птици го подобрува расположението е тоа што нè поттикнува кон свесна присутност, а тоа помага да се оттурнеме од негативните мисли и да најдеме радост во малите нешта.

Бројни научни истражувања ја потврдуваат врската помеѓу присуството на птици и подоброто ментално здравје. На пример, една студија покажала дека птичјата песна го подобрува вниманието и помага полесно да закрепнеме од стрес. Друго истражување, спроведено кај 26.000 возрасни лица, открило дека нивото на среќа растело со бројот на различни видови птици присутни во нивната околина.

Дополнително, студија покажала дека депресијата, анксиозноста и стресот биле поретки во области со повеќе зеленило и поголемо присуство на птици во попладневните часови.

Опкружете се со пријатни мириси

Освен активностите што можеме да ги правиме за да бидеме посреќни, и малите промени во околината можат да направат голема разлика.
Истражувањата покажуваат дека пријатните мириси можат да ги подобрат расположението и чувството на благосостојба. Невронаучникот д-р Рејчел Херц, објаснува: „Причината е уникатната поврзаност во мозокот меѓу мирисите, емоциите, спомените и асоцијациите.“

Некои студии покажуваат дека најсилно влијаат мирисите поврзани со убави спомени. Но, постојат и специфични ароми, како лимон, бор и нане , што речиси секогаш се поврзуваат со подобро расположение, без оглед на личните искуства.

Затоа, ако сакате да си го подобрите денот, размислете за миризлива свеќа, дифузер или етерични масла.

Играјте и танцувајте

Многумина ќе се согласат дека танцувањето, без разлика дали сте сами или во друштво, прави да се чувствуваме подобро. А науката има објаснување за тоа.
Во едно истражување од 2021 година, слободниот и спонтан танц довел до подобрување на менталното здравје кај 98 % од учесниците, поттикнувајќи поголема самодоверба и сочувство.

Друга студија покажала дека танцувањето ги намалува симптомите на депресија и анксиозност, а истовремено ги подобрува квалитетот на животот и социјалните вештини.
Дополнително, истражување спроведено кај лица на возраст од 60 и 70 години покажало дека оние што учеле латино танц имале погуста бела маса во мозокот – дел што е важен за учење и меморија и кој со стареењето постепено се намалува.

Следниот пат кога ќе имате тежок ден, пуштете музика и танцувајте, дури и неколку минути можат да направат разлика.

Пијте повеќе вода

Нашиот мозок е составен од околу 75 % вода, па не е чудно што дури и блага дехидратација може да влијае врз расположението, енергијата и концентрацијата.
Истражувањата покажуваат дека луѓето што пијат повеќе вода имаат помал ризик од анксиозност и депресија. Во една студија, лицата што вообичаено пиеле многу вода а потоа го намалиле внесот, се чувствувале понервозно, помалку смирено и помалку задоволно. Кога повторно почнале да пијат повеќе вода, нивното расположение значително се подобрило.

Јадете почесто, но во помали количини

Осцилациите во нивото на шеќер во крвта можат да предизвикаат замор, раздразливост, анксиозност и чувство дека не сте при себе.
Кога шеќерот во крвта нагло паѓа, телото ослободува хормон наречен епинефрин (адреналин), кој му сигнализира на црниот дроб да создаде повеќе гликоза. Но, овој хормон истовремено може да предизвика нервоза, потење и чувство на немир.
Затоа е корисно да се јаде почесто, но во помали порции, и да се избира храна што постепено ослободува енергија – како овес, јајца, мешунки, банани, бадеми и хумус.

Купете си цвеќе

Не само што се убави за око, влијанието на цвеќињата врз расположението е многу подлабоко отколку што мислиме.
Истражувањата покажуваат дека цвеќињата имаат и моментален и долгорочен позитивен ефект врз среќата кај луѓето од сите возрасни групи. Учесниците во студиите пријавиле помалку анксиозност, депресија и напнатост, како и поголемо чувство на животно задоволство.

Друго истражување покажало дека свежото цвеќе дома ги зајакнува чувствата на сочувство, ги намалува грижите и ги зголемува енергијата и ентузијазмот.

posrekna zena

Внимавајте на држењето на телото

Веројатно сте слушнале за таканаречената „моќна поза“ – исправено и самоуверено држење на телото што позитивно влијае врз психата.
Истражувањата покажуваат дека исправеното држење може да помогне во одржување на самодовербата и намалување на заморот кај лица што се борат со депресија.
Психологот Ејми Кади смета дека секој треба да поминува по две минути дневно во „моќна поза“ за да ги подобри расположението и самодовербата.

Една од најдобрите работи што можеме да ги направиме кога сме нерасположени е да направиме нешто добро за некого.
Помагањето на другите му дава смисла и цел на животот, ја зголемува самодовербата и ги активира деловите од мозокот поврзани со задоволство, доверба и социјална поврзаност. Воедно, го поттикнува лачењето на хормоните на среќа – серотонин, окситоцин и допамин.

Научниците откриле дека дури и самото размислување за помагање на другите може да го подобри расположението.

Исчистете го просторот околу себе

Колку и да не ви звучи примамливо, чистењето носи бројни придобивки за менталното здравје.
Освен што ни помага да го организираме просторот и да почувствуваме контрола врз околината, самиот процес може да биде форма на свесна присутност.
Истражувањата покажуваат дека чистењето и средувањето можат да ги намалат чувствата на стрес, анксиозност и депресија. Во една студија, луѓето што целосно се фокусирале на миењето садови биле 27 % помалку нервозни и 25 % повеќе инспирирани.

Изгубете се во добра книга

Добра книга може целосно да ве внесе во друг свет. Но, придобивките од читањето се многу поголеми од обична забава.
Истражувањата покажуваат дека читањето создава простор за размислување и внатрешен мир. Една студија покажала дека само 30 минути читање ги намалуваат срцевиот ритам, крвниот притисок и психолошкиот стрес – со ефект споредлив со јога или смеење.

Покрај тоа, читањето е поврзано и со подолг живот. Една студија открила дека постарите лица што редовно читаат книги имаат 20 % помал ризик од смртност во споредба со оние што не читаат.

Сепак, важно е да не страдате во тишина ако чувството на тага трае подолго време. Доколку сте нерасположени повеќе од две недели, разговарајте со близок човек, психолог или лекар.