Плодот на маракујата е кругол или овален. Зрелиот плод има жолта или темновиолетова боја и има мека, односно малку тврда внатрешност со бројни семки. Плодот може да се јаде или од него да се исцеди сок. Сокот често се додава на друго овошје за засилување на аромата.
Плодовите содржат лимонова и јаболкова киселина, амилопектин, флавоноиди, корисни масла и витамин Ц. Исто така, содржат и витамин Б6, како и железо, калиум и влакна. Од семките на маракујата се добива масло кое содржи линолна киселина, олеинска киселина и палмитинска киселина. Наоѓа различни примени во производството на козметиката и во исхраната. Јужноамериканските Индијанци добро ја познавале маракујата како лековита билка, па често се употребувала во бразилската народна медицина.