МЕТЕОРОПАТИЈА – кога времето влијае на здравјето

МЕТЕОРОПАТИЈА – кога времето влијае на здравјето

Денес знаеме дека речиси сите на одреден начин реагираат на неповолните временски услови. Последните години сведоци сме на нагли временски промении промени на годишните времиња без преодни периоди. Дневните температурни разлики понекогаш изнесуваат и 15-20 Со, а глобалното затоплување на нашата планета се одвива многу побрзо од предвиденото. Затоа интересот на луѓето за временските услови и нивното влијание на здравјето во светот е сé поголем. Во таа насока, развиена е нова гранка на метеорологијата – биометеорологија која се занимава со проучување на влијанието на времето врз луѓето, животните и растенијата. Биометеоролошката прогноза содржи опис на метеоролошката состојба  и го најавува доаѓањето на оние временски услови кои можат неповолно да влијаат врз здравјето на луѓето. Целта на биометеоролошката прогноза е навреме да ги предупреди лицата чувствителни на неповолните временски услови, за да можат навреме да го спречат или во најмала рака да го ублажат настанувањето на здравствените тешкотии. Иако биометеорологијата е нова наука, согледувањето за влијанието на времето врз здравјето на луѓето е старо околу 2500 години. Имено, уште Хипократ,„таткото на модерната медицина“, во своите списи „За воздухот, водата и земјата“ го опишал влијанието на годишните времиња врз здравјето на луѓето.

Што е метеоропатија?
Метеоропатијата е збир на негативни реакции кај луѓето од временските промени, односно еден или повеќе метеоролошки фактори.
Метеоролошки фактори кои можат да имаат влијание за појава на овие симптоми и реакции се: температураи влажност на воздухот,  ветер, атмосферски притисок,  дожд, како и ефектина јонизација.

Кој е метеоропат?
Иако метеоропатијата е позната многу одамна, новите истражувања го потврдија длабокото влијание на временските услови врз нашиот организам.
За метеоропат се смета лице кај кое појавата на здравствените тешкотии или влошувањето на основните болести, редовно е поврзано со лошите временски услови.
Освен врз здравјето, временските услови влијаат и врз расположението, однесувањето и општата телесна состојба на организмот. Метеоропатските тегоби се најизразени кај наглите промени на температурата, атмосферскиот притисок или брзиот пораст на влажноста во воздухот.

Симптоми
Во најголем број случаи симптомите се појавуваат еден до два дена пред промена на времето и може да траат од 24-48 часа. Силна главоболка, болки во зглобовите и коските, замор и проблеми со несоница се познати симптоми за метеоропатите. Времето кое влијае готово на сите луѓе е кога значително паѓа атмосферскиот притисок, почнува да дува ветер со присуство на голема влага и топлина. Тоа е исклучително неповолна биометеоролошка прогноза и метеоропатите треба да внимаваат. Исто така, ако еден ден температурата на воздухот е 30 Со, а другиот ден е 10Со, организмот, особено кај старите лица, нема доволно време за приспособување. Тие чувствуваат срцеви тешкотии, поради намалената еластичност на крвните садови. При вака изразени промени на времето се зголемува бројот на срцеви и мозочни удари.

Зошто сме метеоропати?
Метеоропатијата не е природна состојба, туку е предизвикана од модерниот стил на живеење…
Eдно од објаснувањата за поголемата зачестеност на метеоропатијата во денешно време е современиот начин на живот со кој сé повеќе се оддалечуваме од природата.
Научниците сметаат дека животот кој претежно се одвива во затворени, често климатизирани простории ја намалува способноста за природно приспособувањена нашиот организам на различните временски услови. Човечкиот организам денес е навикнат на затворени простории, кои зимно време често се прегреани, а во лето многу разладени, со што механизмите на саморегулација кај човекот веќе не се способни оптимално да реагираат на наглите временски промени.

Совети за метеоропатите
Добар предуслов за ублажување на негативните последици од временските услови се здравата и правилна исхрана богата со зеленчук и овошје, доволно количество чиста и здрава вода и доволно количество сон.
Еве неколку корисни совети за вас во случајна најаваза промена на времето:

  • Во случај на промена на времето, засилување на ветрот и нагло наоблачување, ќе ви помогнат чаеви за релаксирање на нервите и мускулите, како од лековитиот женшен. Овие чаеви се најделотворни, особено при преодот од есен во зима.
  • Метеоропатите секогаш при рака треба да имаат чај од камилица, глог или липа кои ја намалуваат нервната раздразливост и напнатост.
  • Чајот од валеријана е еден од најдобрите природни напивки против несоница, идеален за метеоропатите кои имаат проблем со спиењето.
  • Чајот од матичина со мед е многу ефикасен против заморот и главоболката.
  •  Немојте премногу да се затоплувате кога времето е студено затоа што ќе ја забавите циркулацијата. Трудете се температурата во дневниот престој да биде околу 20 Сº.

Запомнете
Да се биде метеоропат и не е толку трагично ако умеете да се носите со тоа.
За метеоропатите најдобра превентива е престој во природа, макар еден до два часа дневно, и тоа по сите временски услови.

Зошто би се чувствувале добро само ако е топло или сончево?
Наместо да се „криете“ во затворен простор, научете да уживате во дождот, ветрот и снегот, затоа што има луѓе кои без оглед на своите години, болести и проблеми, на лошите временски услови гледаат со насмевка на лицето. Потрудете се и самите да бидете такви затоа што тоа е најдобра превентива, не само за вашето расположение, туку и за вашето целокупно здравје.
Да се биде метеоропат и не е толку трагично ако умеете да се носите со тоа. И за крај, не дозволувајте погледот во сивото небо да ви го расипе расположението, бидејќи утре е нов и убав ден.