Дали сте среќни? На истово прашање потврдно одговориле само 33 проценти од луѓето, според една неодамнешна глобална анкета. Хм, доста иронично ако ги земеме предвид социјалните медиуми кои се преплавени со мигови на среќа. Очигледно сме опседнати со емоцијата, а за тоа говори и зголемената продажба на книгите за самопомош за 14% во однос на другите жанрови. Прашањето е колку знаеме да ја препознаеме и да уживаме во вистинската среќа?
Константната фиксација на позитивни вибрации всушност нѐ оддалечува од целта. Во денешно време, како да стана забрането да се биде тажен. Но, за да бидете вистински среќни, неопходно е да направите место и за болката. Среќата не е состојба која вечно трае, ако поскоро го сфатите тоа, помалку ќе се споредувате со другите и ќе се поштедите од разочарувања на дневна база.
Па, како изгледа вистинската среќа, како побрзо да дојдете до неа и да ја уживате во големи количества? Одговорот е многу поедноставен отколку што мислите, а секој од вас веќе ги поседува магичните состојки.
Трошете ја среќата
Ако ги прашаме луѓето што би правеле со голема сума освоени пари, повеќето ќе одговорат дека би заминале на некоја егзотична дестинација или би си купиле скапи чевли – за повеќето, изборот би бил нешто материјално. Но, материјалните добра носат краткотрајна среќа, за долгорочен среќен живот, на пример, потребно е повеќе време за себе.
ВРЕМЕ
Платете некому да ја заврши обврската што ја мразите, а времето што ќе ви остане искористете го за да се видите со пријателите или да си читате книга. Сите посакуваме повеќе време и повеќе пари, а еден од триковите за среќа лежи во правилното балансирање на овие две. Кој од нас би му платил на детето на соседите да го искоси тревникот? Никој, бидејќи сме уверени дека тоа го има само на филм. Од друга страна, среќата ја поврзуваме со постигнување на целите и обврските иако за таа да настапи неопходно е да отфрлиме некои обврски од нашиот живот.
ИСКУСТВА
Кариерата ни стана ултимативен статусен симбол – работиме колку што е можно повеќе и колку што е можно подолго, целејќи кон онаа недефинирана доба во којашто ќе уживаме, ќе патуваме или конечно ќе се посветиме на нашето хоби. Парите ги доживуваме како ограничувачки ресурс, додека времето како неограничувачки, кога, всушност, е обратно. Но, човечкиот мозок е навиен да размислува за иднината, затоа не судете си што ви е тешко да живеете во сегашноста. Продолжете да правите планови и да сонувате, но ако за она патување во Париз потребни се уште многу години, појдете барем на дегустација на француски вина.
ДРУГИТЕ
За да бидете среќни, направете некого среќен – звучи познато, нели? Трошењето пари за други носи голема радост, вели Елизабет Дан, професорка по психологија на „Универзитетот на Британска Колумбија“ и коавтор на „Среќни пари: Наука за посреќно трошење“ („Happy Money:The Science of Happier Spending“). Идејата не е да нудите пари, туку да изнудите задоволство преку неочекуван подарок или гест. На пример, уплатете масажа за вас и за оној што одбравте да го усреќите, и појдете заедно.
Размислувајте низ призма на среќата
Среќата зависи од нас и од она што ќе го искористиме или направиме во дадените услови. Не е лесно да го смените начинот на размислување, но овие две навики сигурно би го забрзале процесот на прогледување со розови очила.
ЦЕНЕТЕ ГО СТАТУСОТ (ВО МОМЕНТОТ)
„Луѓето претпоставуваат дека ќе бидат среќни штом достигнат одредено ниво – финансиски, креативно, романтично“, вели Лаури Сантос, професорка по психологија на универзитетот „Јејл“. Проблемот е тоа што појдовната точка се менува. Ќе дојдете до покачување на платата и за кусо време веќе ќе мислите на следното. „Луѓето размислуваат обратно“, вели Сантос. Среќата носи успех, а не обратно. Сменете го шаблонот изразувајќи на глас за сѐ што сте благодарни.
БИДЕТЕ РЕАЛНИ
Посакувате да сте среќни 24/7? Сега е јасно зошто не ви успева. Неубавите емоции се составен дел од животот, ако ги прифатите како нормални, полесно ќе ги пребродите. Истовремено, ќе развиете и полесно достапна слика за среќата.
Негувајте ја среќата
Да претпоставиме дека сакате да одите на часови по танцување, но ако одите 5 дена во неделата цела година, најверојатно ќе ви здодеат. „Луѓето се менуваат, а со нив и активностите кои им причинувале задоволство“, вели професорката по психологија, Соња Љубомирски, која е автор и на книгата „Митови за среќа“ („The Myths of Happiness“). За да не западнете во стагнација, следете го нејзиниот план од 3 чекори:
ПРОМЕНИ
Луѓето брзо се адаптираат на константни и непроменливи услови, затоа внесувајте новитети во актуелната рутина за да ја зголемите ангажираноста. Ако милувате да готвите, наместо стандардните колачи, подгответе некој модерен рецепт како банана-леб.
ИЗНЕНАДУВАЊА
Зарем има подобро време за менување на плановите од последната минута? Спонтаноста е најефикасната алатка во арсеналот за среќа, велат истражувањата. Не велиме да ги менувате големите планови кои најверојатно некому би му го уништиле денот, туку ситници – излезете на вечера со саканите иако направивте пуканки за да гледате филм.
УЖИВАЈТЕ СЕГА
Научете се да ги впивате моментите, дури и оние навидум безначајни. Додека го шетате кучето, забележете ги боите на природата, ветерот што ви ја гали кожата. Ако ова ви делува смешно и како обврска, не очајувајте – кога на среќата гледаме како на цел за која е потребен труд и грижа, тоа значи дека ѝ даваме значење. За возврат, среќата навистина ќе го преплави нашиот живот.
СРЕЌА ВО ДОБРО ДРУШТВО
Ниту една од горенаведените практики за среќа не подразбира друштво, но секогаш кога е возможно, вклучете некого бидејќи ефектите ќе бидат поголеми. Социјалната конекција е клучна алка за среќа, бидејќи човекот има потреба од длабоки и значајни врски и односи. „За целосно подобрување на вашето постоење, неопходно е да се поврзувате со непознати“, така вели професорката по психологија Лаури Сантос. Волонтирајте во некоја организација за да сретнете нови лица или наместо со автомобил, повремено користете јавен превоз. Но, не заборавајте да разговарате со човекот до вас, а не да нурнете во телефонот.