Покрај современата фармакотерапија ,во лекувањето на дијабетесот сé позначајно место зазема и алтернативната употреба на лековити растенија и нивни хербални подготовки.
Здравјето на дланка
Природата е чудотворна и претставува извор на повеќе од 1200 растенија за кои се смета дека имаат антидијабетично дејство.
Која билка да се одбере и каков ќе биде нејзиниот ефект зависи од повеќе фактори како што се климатските услови, поднебјето и квалитетот на почвата, а дополнително влијание има и периодот во кој билките се обработуваат или берат.
Нашето поднебје е богат расадник на билки и вегетација кои активно се применуваат во третманот и регулацијата на шеќерната болест.
Многу од нив активно се применуваат во народната и алтернативна медицина, а неретко се препорачани и од лекарите како дополнение на стандардната медикаментозна терапија.
Боровинки
Благодарение на својот богат флавоноиден и антицијанидински состав, боровинките овозможуваат нормализирање на крвниот шеќер, намалување на рецепторната нечувствителност кон инсулин и подобрување на срцевата и мозочната активност. Покрај ова, имаат ефекти во намалувањето на телесната тежина, а го регулираат и нивото на вкупниот и „лошиот“ холестерол во крвта (ЛДЛ). Од друга страна, ја зголемуваат концентрацијата на ХДЛ или народно познат како „добар“ холестерол.
Плодовите на шумските боровинки содржат преку 7% танини, 20-30% шеќери, пектини, витамин А, Б и Ц, како и состојки кои го намалуваат нивото на шеќер во крвта. Како најважна лековита состојка на боровинките се издвојува миртилинот на кој денес со право му е доделено името РАСТИТЕЛЕН ИНСУЛИН. Овој гликозид се наоѓа во листовите на боровинките, а за лекување на дијабетес потребно е листовите да се соберат пред цветање. По цветањето миртилинот преминува во плодовите.
За третман на шеќерната болест се користат и плодовите и листовите. Боровинките можете да ги консумирате како чај од боровинки или свежи, 20-30 бобинки секое утро.
СОВЕТ:
Доколку сте во можност, редовно секој ден употребувајте сок од боровинки и тоа по една голема лажица, половина час пред јадење.
Цимет
Карактеристичната егзотична арома на циметот делува како магнет кој магично ги привлекува своите консументи. Освен што шармира, циметот со својата сладникава миризба и силен вкус, со години наназад се користи и како природен лек и заштитник на здравјето. Традиционално се употребува за олеснување на симптомите на ревматизам, главоболки, настинки и низа други заболувања.
Достапен е во текот на целата година, но најпримамлив е во текот на студените денови. Може да се најде во форма на стапчиња и во форма на прав.
Денешните податоци покажуваат дека циметот го намалува нивото на шеќер во крвта преку намалување на инсулинската нечувствителност на рецепторите. Циметот помага и во намалување на триглицеридите и нивото на ЛДЛ (лошиот холестерол). Се смета дека фенолните компоненти, присутни кај циметот, се одговорни за антидијабетичната активност.
СОВЕТ:
Се препорачува консумирањето на цимет да не трае подолго од 6 недели, а потоа се препорачува пауза од 1 недела, или пак 5 дена јадете цимет, а два дена паузирајте.
Употребете го секаде каде што го задоволува вашиот вкус. Во цералиите за време на вашиот појадок, во вашиот десерт, во благи печива и напивки.
Претпазливост:
Не е препорачливо циметот да се консумира во големи количини. Избегнувајте да внесувате повеќе од 4 грама цимет дневно.
Цикорија
Уште пред неколку децении се приготвувала напивка од цикорија која има вкус сличен на кафето. Ова претставувало одлична напивка бидејќи цикоријата е особено здрава и не содржи кофеин.
Лековити делови на цикоријата се: коренот, листот и цветот. Најчесто, како лек, се користи коренот од цикоријата. Тој се копа во есен, кога е најдебел и има најмногу лековити состојки. Поретко се користи надземната билка, која се бере за време на цветањето. Коренот се копа од втората половина на март до крај на мај, а листовите и цветовите се берат во време на цветањето на билката.
Лековитите својства на цикоријата се многукратни. Нејзината лековитост се должи на богатиот состав, а пред сé на високата концентрација на инулини, кои играат значајна улога во исхраната на дијабетичарите. Инулините претставуваат лесно растворливи диететски влакна кои во високи концентрации ги има токму во коренот од цикорија. Коренот не содржи скроб, што го прави идеална храна за дијабетичари бидејќи не влијае на покачување на нивото на шеќер во крвта. Инулинот, исто така, е корисен во намалувањето на телесната тежина, прочистувањето на крвта и црниот дроб.
Всушност, коренот од цикорија го забрзува метаболизмот, а воедно има и хипогликемиски удел со што двојно е корисен кај луѓе со благо покачување на шеќерот во крвта.
Коренот од цикорија може да биде и идеален диететски оброк приготвен во облик на салата. За ова е потребно коренот добро да се исчисти, како би се неутрализирал изразениот горчлив вкус.
„Кафе“ од цикорија
Коренот може да се испече и сомеле, и да се користи за подготвување на топла напивка. Цикоријата може да се користи како замена за кафе или чај, но за разлика од обичното кафе или чај, цикоријата не содржи кофеин. Оваа напивка се прави од испржен и сомелен корен од култивирана цикорија со крупен месест корен, богат со инулин.
Чај од цикорија
Чајот од корен од цикорија се приготвува со преливање на половина кафена лажичка сув корен со 200 мл ладна вода и се остава да проврие на тивок оган 5-8 минути. Се остава да отстои 15 минути и потоа се процедува. Консумирајте 3-4 чаши чај во текот на денот.